fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијата

Јапонското јаболко 5 денари за килограм на откуп во индустријата, за оцет и ракија

Многу род, малку пари се жалат производителите

Земјоделците од околината на Валандово и oд другите делови на Македонија кои произведуваат јапонски јаболка, се трудат што поскоро да го продадат родот. Голем дел од нив не се задоволни од откупот годинава. Јаболката ги нудат на социјалните мрежи, ги носат на пазарите во други градови, ги продаваат преку пријатели, познаници и слично, објави Фактор.

„Нема сигурен пласман, или ако веќе има, ги откупуваат, ама цената е ниска. Невреме ги фати  моите јаболка,  градот ги оштети, но сепак има многу род. Правам напори да ги откупат за индустрија, тоа е по цена од 5 денари за килограм. Ако овошјето е оштетено од град, не е за на пазар. Луѓето гледаат дека нема исплатливост, и веќе се откажуваат. Секој индивидуално се снаоѓа. Ако остане родот, ќе скапе, или ќе ги подаруваме јаболката на роднини, пријатели. Од невремето имам 7-8 дрва искршени на пола, кој мене ќе ме обештети? Јапонското јаболко е здраво. Се користи за козметика, за детски сокови, може да се суши, но работата е што треба погон,  требаат машини, а сето тоа чини пари. Ќе имам 10 до 15 тони јапонско јаболко и планирам да ги продадам за во индустријата. Инаку, може од јапонското јаболко да се прави оцет, може да се направи и ракија“, вели човек кој поседува плантажа со јапонско јаболко.

Повеќето земјоделци објаснуваат дека засега немаат услови за сушење на јапонското јаболко, затоа што не се во можност да инвестираат.

„Се снаоѓаме како знаеме. Нешто продаваме на приватни откупувачи, нешто по социјалните мрежи, многу е тешко оваа година. Лани беше супер, сега е тешко. За сушење опција немаме. Останува јапонското јаболко да се продаде свежо. Органско е, не е прскано, во него нема никакви хемикалии,  но тешко оди. Има и луѓе што се откажуваат, а некои и ги сечат дрвцата“, додава Виолета Јанкова, од Валандово.

Некои производители, јапонските јаболка ги носат на пазарите во соседните општини.

„Тешко е, има откуп, ама ги земаат јаболката од прва класа.  По карго не се исплати да ги праќаме, на пазар тешко одат, а убаво јаболко е. Живеам во неготинско, а сум носел јаболка на пазарот во Велес и дневно може да се продадат до 100 килограми. Инаку, има луѓе што се откажуваат“, вели Ванчо Крстев од селото Пепелиште.

faktor.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close