ВестиМакедонијаТоп вести

Јаворка Димова-Државата не смее да го потценува сточарството

Сточарите заслужуваат навремена поддршка од државата, а овчарството минува низ тешка криза поради затворените граници и закочениот извоз на јагнињата, вели Димова.

Македонските сточари минуваат низ тежок период, затворени граници, ниска откупна цена на јагнето и затоа заслужуваат континуирана и навремена поддршка од државата, апелира Јаворка Димова(45) сточар од Свети Николе, во чие семејство со традиција се одгледуваат овци.

Фармата на семејството Димови е сместена во атарот на Свети Николе на околу 1 километар од градот. Стадото брои 300 глави овци, од расата-овчеполка и околу стотина јагниња. И таа и сопругот Тони се регистрирани земјоделци и сопственици на фирмата ИЗ Пунто 1. Димова смета дека овчарството ја живее една од најтешките години во изминатиот период заради корона кризата.

-Мојот сопруг ја продолжи семејната традиција да се занимава со сточарство и веќе 25 години откако сме самостојно семејството имаме свое трло со овци. Толку години работиме, ама оваа година се покажа исклучително тешка и се надоврза на изминатите неколку години кога тешко се опстојуваше. Сакаме да го прошириме производството на сточна храна за фармата и зедовме државна земја по концесија, но државата не ни ги исплати субвенциите навреме, и ние задоцнивме со плаќање на концесијата. За доцнењето, државата ги наплати долговите преку извршители. На сметката легнаа 10 илјади евра субвенции што е доволно за скромен живот, ама и тие отидоа со извршители. Дојдовме до нула, и пак се бориме да застанеме на нозе, мора заради фамилијата да работиме. Да беа субвенциите навреме исплатени и ние ќе си го покриевме долгот, вака се направија големи грешки. Ова е судбина и на други фармери, се пожали Димова, чија сточарска фарма е во атарот на Свети Николе.

Димови обработуваат околу 25 хектари земја под наем произведувајќи детелина и житарица за сточна храна. Дел од нивите земени по концесија им се покрај новиот автопат за Штип, па Јаворка вели дека патот е ограден, и заради немање на пристапни патишта, нивите им останале не посадени и не искористени. Така давачките остануваат, а никој од надлежните не презема ништо за да се реши состојбата, да може да се користи земјата.

Како проблем им тежат и неисплатените субвенции од 2.500 денари за оставено женско јагне.

-Голем оптимист сум дека со целата ситуација ќе излеземе на крај, годинава оставивме околу стотина женски јагниња по повикот на владата за субвенционирање, со верба дека парите ќе ни ги исплатат, ама засега пари нема, а јагнињата си растат, храна треба, наредната година ќе бидат спремни за приплод. Макотрпно работиме, вели Јаворка.

Таа порачува до надлежните да не се потценува сточарството и да не се игра со судбината на семејствата кои егзистираат од сточарство.

– Имам три сина: Стефан, Часлав и Андреј, снаата Сара и малата Хела што живееме од овчарството. Синовите ја продолжуваат традицијата да се занимаваат со сточарство и земјоделие. Стефан веќе размислува да аплицира на повикот за млад земјоделец, па им порачувам на надлежните институциите од земјоделието сериозно да се зафатат со едукација на земјоделците за тоа како да аплицираат по програмите за поттикнување и субвенционирање на земјоделието, вели Јаворка.

Јаворка го прави највкусното кисело млеко на традиционален начин

Димови имаат современа фарма, тврда градба обезбедена со струја и вода. Млеко не го предаваат во млекарница, туку самостојно произведуваат сирење и кисело млеко.

-Целото млеко го сирам од целата сезона, од март до септември. Значи дневно потсирувам околу 70 литри млеко и од тоа правам бело овчо сирење, биено жолто сирење и кисело млеко во канче подготвено на традиционален начин. Дневно правам околу 20 килограми сирење. Сега заради пандемијата не одам на пазар, туку муштериите доаѓаат кај нас да купуваат, вели Јаворка.

Особено е горда што сирењето и киселото млеко го произведува по старински рецепт на традиционален начин. Дел од занаетот научила од својот татко, а искуство стекнала и работејќи повеќе од 10 години во млекарница.

-Го преработувам исклучува нашето овчо млеко, друго не купувам, по молзењето на млекото вршам пастеризација, па правам сирење. Киселото млеко го ставам во канчиња, исто како тоа што тоа го правел и мојот татко. Човек постојано учи, па така и овој занает се совладува. Важно е да се погоди температурата на млекото пред да се сири, за да не се скисели. Маја не употребувам, ниту култура, туку го скиселувам од самиот јогурт што го правам. Значи само сириште и сол. Има муштерии што познаваат што значи да се јаде кисело млеко произведено на традиционален начин и тука нема лага, порачува Димова.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close