fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Каде е поскапа храната- во Македонија или во Германија?

За да даде одговор „Дојче Веле“ направи споредба на цените на прехранбените производи во двете земји, при што испадна дека кај нас многу од нив се поскапи.

Во Македонија беа замрзнати цените на основните прехранбени производи. Колку е тоа делотворно и зошто Германија не го практикува? За да даде одговор „Дојче Веле“ направи споредба на цените на прехранбените производи во двете земји, при што испадна дека кај нас многу од нив се поскапи.

 

Стравот од драматичен раст на цените на основните прехранбени производи ја поттикна македонската влада деновиве на двапати да најави замрзнување на цените. Најпрво беа намалени цените на лебот, млекото, шеќерот и брашното, сончогледово масло за јадење, трајното млеко, месо, а потоа се најави и истото за оризот и јајцата. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја искритикуваа одлуката како ненавремена, и потсетија дека тие тоа го барале уште од пролетта оваа година.
Некои експерти во Македонија, како универзитетскиот професор Зоран Ивановски, веќе ја критикуваа одлуката, оценувајќи дека таа нема да има влијание во ублажувањето на ценовниот шок. И стопанствениците се критични кон владината мерка. Велат дека таа ќе ја продлабочи кризата и наместо поддршка за граѓаните ќе доведе до намалување на производството во компаниите и отпуштање на  работници, а притоа граѓаните ќе се соочат со празни рафтови.
Според државниот Завод за статистика, цените на прехранбените производи во Македонија во ноември 2021 пораснале за 4,8% во однос на истиот месец лани.Цените во Германија  

Репортер на Дојче веле во вторникот посети маркет на Лидл во Бон, за да споредиме каква е цената на дел од основните производи во Германија- каде нема замрзнување на цените- и Северна Македонија каде тоа се практикува од минатата недела.
Така на пример, сончогледово масло во овој дисконт во Германија чини 1,39 евра. Истото во Македонија ќе го најдете од 89 денари- близу 1,5 евра- па нагоре. Пченичното брашно во Бон можете да го купите за 45 центи, во Македонија за 40 денари или околу 20 евроценти поскапо. Кристален шеќер во Лидл чини 79 центи, во македонските дисконти може да се најде поевтино- за 40 денари. Млекото со 3,5 отсто масленост во Македонија ќе ве чини најмалку 50 денари, во Германија може да се најде за 80 центи. Ако купувате месо, во Македонија ќе минете нешто поевтино- за килограм свинско ќе платите околу 350 денари, додека во Германија 6,99 евра.
Севкупно гледано, цените на производите се слични, со таа разлика што стандардот на граѓаните во Германија е далеку повисок- барем седумпати од македонскиот.

За да ни објасни како е можно, во држави со толку различни стандарди на граѓаните, цените да бидат толку слични, па дури и пониски во побогатата земја, на помош го повикавме уредникот на економската редакција на ДВ, Хенрик Беме. Зошто е храната во Германија толку евтина?

Поради Алди и Лидл. Ние Германците ги измисливме дисконтите“, вели Беме. „Тие имаат огромна пазарна моќ, прават огромни набавки и ги убиваат цените. Производителите кои сакаат да се најдат на нивните рафтови мораат да исполнат екстремни услови за квалитет и квантитет. Оној што не може тоа да го стори, лета надвор. Затоа се толку исполнителни и со цените“, објаснува тој. Втората причина што е толку евтино, признава Беме, е што Германците се многу практични кога е во прашање храната, а многу малку префинети- што повеќе за што помалку. „На пример, во Франција храната има повисока вредност, едноставно Французите имаат поинаков однос кон храната. Затоа таму се навикнати на повисоки цени“.

Замрзнување на цените 

А што се постигнува со замрзнувањето на цените? Дали граѓаните ќе видат некоја корист од таа мерка и зошто и Германија не ја применува истата? Хенрик Беме минал половина од животот во поранешната Германска демократска република, и нема добро мислење за мерката.
„Тоа го уништува пазарот и може да функционира само кусо време. Во ГДР еден „боквурст“ (вид на колбас) во киоск секогаш чинеше 85 фенинзи, а земичката 10 фенинзи. Цената никогаш не се менуваше. На крајот, државата сѐ субвенционираше- и банкротираше“. Цената на виршлата беше, речиси, од државно значење.
Но, зарем ваквата мерка не им е од помош на посиромашните групи граѓани?
„Тоа ништо не им користи“, вели Беме. „Многу е подобро, доколку државата им даде пари на луѓето, затоа што со замрзнувањето на цените им помагате и на оние кои можат да си дозволат поскапо масло или брашно. Тогаш и богатите купуваат по замрзнати цени“. (Дојче Веле)https://nezavisen.mk/kade-e-poskapa-hranata-vo-makedonija-ili-vo-germanija/

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close