Каде има слога има и Бога
Во руралните средини уште се практикува заеднички живот, на едно место под ист покрив живеат повеќе генерации. Во минатото ова се сметало за традиција и како нешто многу нормално, не само за руралните туку и урбаните средини. Како што се менувале времињата и како што растела економската моќ на семејствата се напуштал животот во заедница. Се менуваат времињата, генерациите , а и животот во заедница. Сепак уште може да се сретнат фамилии кои живеат под еден покрив и успешно функционираат.
Не бадијала рекле, „каде има слога има и Бога“. Зелена берза го посети семејството Ристевски од с. Рибарци општина Новаци и се увери во оваа поговорка . Семејството Ристевски брои 11 членови, шест возрасни и пет мали. Се сретнавме со дел од семејството, останатите беа по работа, бидејќи како и останатите семејства во селото, земјоделието е основата за егзистенцијата и мора многу да се работи. Сите се свесни за сите позитивни и негативни страни на заедничкиот живот ама домаќинката Буна е најсреќна.
-Полна куќа луѓе сме, 11 души, јас, домаќинот, двајцата синови, двете снаи и петте внуци. Не е едноставно , повеќе луѓе повеќе работа ама сум среќна, сите се околу мене. Секој си ја работи својата работа. Јас работам сè. Најчесто сум со внуците, ги чувам, а се разбира и кујната ми е доверена на мене. Снаите се градски невести, ама се вредни дури и повеќе од овдешните , работат се што има по нивите, особено околу тутунот, вели со насмевка Буна Ристевска.
Ривалството меѓу свекрвата и снаите не постои. Немаат никакви расправии, напротив сите се почитуваат едни со други.
-Сè знаат да работат. Ако двете доаѓаат од градот подеднакво се добри и во куќата и на нива. Ги научија и овдешните адети, се навикнаа на овој живот, имаме слога, а како велат каде има слога има и Бога, додава свекрвата Буна.
И селото може да биде атрактивно и да донесе среќа
-Мене ми е исто дали сум во село или град. Како чупе живеев во Битола. Воопшто не се чувствувам хендикепирана што живеам во село. Градот ми е блиску и секогаш кога имам потреба можам да одам таму. Живееме сите заедно и до сега е супер. Со јатрва ми сме повеќе од сестри. До сега е супер, се сложуваме. Си ги делиме работите, една мети, друга мие, а кога има работа на нива, одиме и таму, а свекрвата ги чува децата. Кога сме дома секој си има свој простор и си го работи своето. За сè има време и за на нива, по дома за со децата и сопругот, дури и да прошетаме и на одмор да одиме, вели снаата Дијана Ристевска.
Слободанка е другата снаа која никогаш не ни сонувала дека од Пехчево љубовта ќе ја донесе во Рибарци. На почетокот и било многу тешко но била убаво прифатена од семејството на сопругот и се навикнала. Животот во заедница не е лесен, треба компромиси, ако не се постапува така ништо нема да биде.
-Во Пехчево животот ми беше многу поинаков, послободен. Учев на биотехничкиот факултет во Битола каде се запознавме со мажот ми. Не стигнав да го до завршам, се зедовме. Отпрвин ми беше многу тешко, нова средина, нови луѓе, различни карактери, помлади, постари…Времето си го направи своето. Напорно е да се живее во заедница , но има компромиси и почитување од сите, инаку нема да биде ништо. Свекрва ми е добра, нас снаите како ќерки нè има, објаснува Слободанка Ристевска.
Во денешно време младите често сакаат да живеат одвоено од родителите и да си бидат сами домаќини, тие на една страна, родителите на друга страна, но кај семејството Ристевски е поинаку, сите се заедно.
Свекорот Флорин е задолжен околу организацијата на активностите во земјоделското производство.
-Сите сме вклучени во работата по нивите. Обработуваме 20 ха земја. Одгледуваме пченица, јачмен, пченка и тутун. Од пченицата многу малку сум задоволен, од пченката воопшто. Цените се многу ниски. Се обидуваме да ги примениме сите агротехнички мерки, користиме и семенски материјал, имам количини ама од продажбата воопшто не сум задоволен. Се мачиме, сите работиме, ама… државата мора да помогне за децата да останат овде. Не е проблем животот во заедница туку ниските откупни цени на житото. За сега само тутунот е единствената култура што има некоја сигурност, ама така треба да се направи и за останатите култури. Тогаш ќе може земјоделците подобро да си го планираат своето производство а и животот ќе им биде полесен.
Семејството Ристевски е само еден пример каде повеќе генерации се сложуваат да живеат заедно. Не се единствени на овие простори . Секоја фамилија си е своја со свои предности и недостатоци, но колку ќе биде успешна и како ќе функционира зависи од нејзините членови, кој како ќе си ја нареди.
П.Јовановска
Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија