fbpx
Вести

Како да се обесштети изгубениот род

rod

Земјоделците сѐ уште не се одлучуваат помасовно да го осигурат своето производство. И покрај честите елементарни непогоди како поплави, суши, а сега и измрзнување на садниците, просечниот македонски земјоделец останува на ставот дека нема доволно пари да се осигури и покрај субвенциите што за едно такво осигурување ги дава државата изминативе години. Од друга страна, пак, кога ќе се случи таква временска непогода и ќе се предизвикаат штети врз посевите земјоделците бараат помош од државниот буџет.

По последните измрзнувања на овошните и на лозовите насади, земјоделците повторно очекуваат помош т.е. отштета од државата, а не од осигурителните компании, затоа што на повеќето од посевите и од насадите, родот не им е осигуран. Веќе со години бројката на осигурени земјоделски посеви од елементарни непогоди е околу 1.300 без значајно поместување нагоре.

Иако се надеваат на финансиска помош од државниот буџет, сепак реалноста е дека сѐ уште нема начин како финансиски да им се помогне на земјоделците чие производство е погодено од лошите временски услови.

Во моментов актуелна е и исплатата на субвенциите, но во согласност со одредбите од Изборниот законик додека не се формира нова влада, која сѐ уште не е формирана, не може да се вршат вонредни исплати. Во однос на штетите од временските непогоди се чини најлесно е обесштетување да се бара од Владата и државниот буџет иако таа ниту ги предизвикала ниту е одговорна за мразот, дождот, сушите или поплавите. Практиката на обесштетување од државната каса, која ја полнат сите граѓани, на земјоделците што не се осигуриле, ги става во нерамноправна и неконкурентна положба оние производители што самите се осигуруваат и плаќаат за тоа. Така државата плаќа субвенции за секоја култура, но и отштета за евентуално претрпена штета од временски непогоди.

Од друга страна, Македонија веќе со години увезува големо количество храна и земјоделски производи и покрај субвенциите и низа други поволности што се нудат во земјоделството.
Јован Т. од Ресенско вели дека никогаш не го осигурил својот јаболков насад, но ќе бара од државата помош оти над 80 отсто од родот му измрзна изминатава недела.
– Ниските температури ги уништија земјоделските посеви во околинава на Ресен. Измрзна голем дел од овошните и од лозовите насади, и расадот од тутун. Штетите во некои региони се стопроцентни. Најпогодени се производителите на јаболка. Мојот насад е во околината на Царев Двор и според првичната процена сѐ е измрзнато, сите цветови и пупки. Се обидуваме во текот на ноќта со запалени огнови и зачадување да ја ублажиме состојбата, но беше залудно. Генерално состојбата во преспанскиот регион е катастрофална – ни изјави овој земјоделец.

И од страна на Федерацијата на фармерите на РМ се бара Владата да изнајдe мерки и да се направи обесштетување на овоштарите и на лозарите и да се исплатат и штетите направени од минатогодишниот пролетен мраз, кои не се намирени кај овоштарите, без притоа да дадат коментар дали тоа е економски логично ако се знае дека таквиот однос го плаќаат сите граѓани на државава.

Од страна на невладината организација „Благој Котларовски“, членка на ФФРМ велат дека 100 проценти производството на јаболка е уништено во преспанскиот регион и во моментот се прават процени на штетите. Тие се надеваат дека нема само да се направи процена на штета како лани и ништо да не се исплати.
Васе Мојсовска, земјоделка од неготинското село Тимјаник, истакна дека скоро целото производство на винско и трпезно грозје во неготинско-кавадаречкиот регион е уништено и тоа го потврдиле и првите процени на подрачната единица на МЗШВ во овој регион.
– Вакво нешто досега не се има случено кај нас и не само што е уништено целото производство, туку и се направени трошоци од страна на земјоделците во делот на ѓубрење, заштита, кроење, орање. Тоа значи дека трошоците се зголемуваат, а приходот е нула – вели Мојсовска.

Во градинарството штета е направена врз младиот компир, кој во моментот е засаден во најголемо количество во струмичкиот регион, така што и градинарите во струмичкиот регион бараат да се направи процена на штетата од страна на стручни служби.
Во моментот на терен општински комисии прават процена.
Инаку, уште во 2013 година Владата донесе мерка за давање финансиска поддршка во висина од 60 отсто од трошокот за осигурување на земјоделските стопанства. Процедурата е едноставна и се состои од три чекори, без посебни ограничувања. На овој начин имотот (посевот, насадот, расадот) е осигуран и доколку во идниот период настане некоја непогода и го оштети имотот на земјоделецот, осигурителната компанија на земјоделецот му ја надоместува загубата.
Од таа премиска стапка земјоделецот дава 40 отсто, а 60 отсто државата.

ЗА ИЛУСТРАЦИЈА НАПРАВИВМЕ И ПРОЦЕНА ЗА ИЗНОСОТ НА ПРЕМИИТЕ ВО ЗАВИСНОСТ ОД ОСИГУРЕНАТА КУЛТУРА
1. Лозови насади

Осигурена површина: 1 ха винско грозје
Осигуран принос: 30.000 кг
Цена на производот: 11 ден/кг
Вредност на производството: 330.000 ден
Премиска стапка: 9,5 отсто
Вредност на полисата 31.350 ден
Износ што се покрива од страна на барателот: 12.540 денари
Износ што се покрива од буџетски средства: 18.810 денари

2. Овошни насади

Осигурена површина: 1 ха праски
Осигуран принос: 20.000 кг
Цена на производот: 20 ден/кг
Вредност на производството: 400.000 ден
Премиска стапка: 7 отсто
Вредност на полисата 28.000 ден
Износ што се покрива од страна на барателот: 11.200 денари
Износ што се покрива од буџетски средства: 16.800 денари

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close