вестиМакедонијаТоп вести

 Ќе бидат ли штетите од град минато за земјоделците ?

Во Македонија за прв пат се воведе современ систем за заштита од град со употреба на авиони со кои се засејуваат облаците со сребо-јодид по што наместо град од нив паѓа дожд.

Оставени без никаков систем за градобитна заштита околу десетина години, конечно земјоделците од годинава малку помирно и поспокојно ќе ја дочекуваат секоја дестабилизација на времето. Но од скоро во земјава веќе почна да функционира современиот систем за заштита на посевите и имотите со употреба на воздухоплови со кои се врши засејување на облаците. Во земјава постоеше систем со ракети со кој се вршеше градобитната заштита но од 2010 година тој систем целосно се напушти. Во светот некои земји немаат заштита, дел имаат заштита со ракети а дел вршат заштита со авиони. Првичната опција која се разгледувала од УХМР бил системот со автоматски ракетен систем како што има во Грузија чија инсталација чини десетици милион евра и потоа секоја година повторно се одлева огромна сума за ракети и за логистика. По подолг период на анализи надлежните се одлучија за воведување на авионски систем на заштита кој веќе е целосно функционален.

-Една од причините зошто се одлучивме за авионскиот систем на заштита е тоа што сите податоци кои ги добивме речиси од целиот свет покажуваа дека овој систем е поефикасен во засејувањето на облаците бидејќи е попрецизен во пуштање на реагенсот точно во зоната која е зададена. На овој начин со авионот сребро јодидот се пушта на точната зона за целосно да биде искористен додека со ракетите активната материја не може толку да се погоди и целосно да биде искористена. Облакот има зона од каде црпи влага од околината и има зона од каде го испушта талогот во вид на град или дожд. Со авионите таа зона од каде што црпи и влече се таргетира како зона на засејување по што облакот самиот го вовлекува реагенсот и спречува да заврне град што го прави овој систем многу поефикасен. Втората причина е тоа што ако се одлучевме за ракетен систем на заштита ќе беа потребни десетици милиони евра за набавка и инсталација со комплетната логистика и понатаму се трошоците по милион евра секоја година за ракети и логистика. Со овој систем со авиони 100% заштита нема никаде во светот но до 70% може да се намалат штетите според анализите од земјите каде се користи ваква градобитна заштита со авиони рече Ивица Тодоровски директор на Управат за хидрометеоролошки работи.

Аеро клубот Скопје го доби тендерот за засејување на облаците против град. Тие располагаат со два авиона за оваа намена соодветно опремени со навигација и опрема за вакви дејства. Авионите се секој ден наместени на писта подготвени да полетаат најдоцна за петнаесетина минути и да се упатат до точката која ја одредуваат техничкиот персонал од радарските центри.

-За прв пат се воведува кај нас во земјава систем за градобитна одбрана. Во Грција овој систем функционира веќе 30 години и најмногу информации од таму црпевме бидејќи ние за ова се подготвуваме некое време. Во нашиот клуб имаме 20 вработени од кои 7 се пилоти а 4 од нив кои имаат по 30 до 40 години искуство поминаа посебни обуки за овој метод на работа. Досегашните неколку лета во кои дејствувавме и испуштавме реагенс во зоната на засејување можам да ги окарактеризирам како летови за усогласување на пилотите кои никогаш не го правеле ова но и за техничарите од радарските центри кои никогаш не давале команди и не насочувале авиони во зона на засејување. Новитет е тоа што во авионите сега има и посебни инструменти кои му помагаат на радаристот во реално време да ги гледа авионот каде се наоѓа како и инструменти кои му кажуваат на пилотот реално да ја согледа точката каде треба да се делува. Од сега веќе целиот систем е целосно оперативен и можеме да им дадеме надеж на земјоделците дека ќе имаат помалку проблеми со градот, рече Дејан Саздовски од аеро клубот Скопје.

Реагенсот кој се употребува против градот го преви македонска компанија а за да може целиот овој систем успешно да функционира обновен беше радарскиот центар за облаци во Ѓуриште кој заедно со оној во Тополчани сега го следат целото небо над земјава и им даваат прецизни координати на пилотите каде да се упатат за да го пресретнат невремето. Оваа година целиот овој систем ќе биде ставен на еден тест од кој ќе зависи дали и во иднина ќе имаме ефикасна современа заштита од градобитните облаци.

-На крајот на оваа година колку што трае овој проект ќе се направи детална анализа на ефикасноста на системот по што ќе се види дали е успешен моделот или не. Ако е успешен ќе продолжиме и натаму дури ќе го надградиме и модернизираме. Системот со ракети во соседна Србија го применуваат и во средината на мај имаа голем облак од кој наврна многу град. Таму колку што имам информација делуваа со околу 900 ракети без никаков ефект. Не сакам да кажам дека системот не бил ефикасен но и кај нас може да се случи да дојде готов облак од соседството кој е на голема височина што е многу тешко да се сузбие. Оние облаци што се формираат тука нашите радарски центри ако навреме ги откријат уште во фаза на формирање, авионите ако навреме полетаат тогаш може да ги разбиеме и да спречиме појава на град, додаде Тодоровски првиот човек на УХМР.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close