fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиЕкологијаМакедонијаМеханизацијаМлад земјоделецТоп вести

Разногласието и поделбите кај тутунарите продолжуваат-‘Е па, чорба’ тутунари!

ПРОЧИТАЈТЕ-Откупувачите мува не ги лази оти покрај тоа што ветија реални проценки на тутунот, пак си тераат по старо, знаат дека вака или онака тутунарите немаат друга шанса, пак тутунот ќе им го однесат на вага. Единствено што сменија е одбитоците што ги намалија од 12 на 5%.

Наш став за состојбата со откупот на тутунот.

„Килограм тутун под цена, две лажици политика, малку сол и многу бибер“, вака еден од пелагониските тутунари ја опишува годинешната „чорба“ што им се сервира на тутунарите, зошто како што вели, политичарите добро ја забиберија.

Голема е маката на тутунарите за годинешната реколта откако просечната цена на откупот падна за околу едно евро. Така од ланските просечни 220 денари за килограм тутун, сега тој просек изнесува 167 денари, барем официјално според Министерството за земјоделство. Оваа цена ги разгневи тутунарите и ги извади на улица, на блокада на патиштата, на протест пред Владата.

За жал, фајде нема. До откупувачите не стасаа лелеците на тутунарите, ниту пак ги загрижија нивните закани за непредавање на родот. А и како откупувачите да се загрижат кога едни тутунари од рано наутро чекаат ред пред откупните пунктови за да го предадат тутунот „пошто – зашто“, а други се подготвуваат за протести и повикуваат да се повлечат поверениците од откупните пунктови.

Едни плукаат по организаторите на протестите, други по Сојузот на земјоделски здруженија. Сојузот еднаш е „десна рака“ на тутунарите, другпат „никаква рака“.

Тутунарите од Иницијативниот одбор откако успееја за кусо време да станат фактор и да седнат на преговори со Владата, Министерството за земјоделство и откупувачите, за кусо време побараат помош и од Али Ахмети, како баш „фактор“ за решавање на кризи, за потоа да го прошират кругот и повикаат на помош и други политички партии, како од македонскиот така и од албанскиот политички кампус.

Поделени, раскарани, дали да се оди на откуп или не, тутунарите фрлаат и дрва и камења по откупувачите. А, откупувачите мува не ги лази оти покрај тоа што ветија реални проценки на тутунот, пак си тераат по старо, знаат дека вака или онака тутунарите немаат друга шанса, пак тутунот ќе им го однесат на вага. Единствено што сменија е одбитоците што ги намалија од 12 на 5%.

Разногласието и поделбите кај тутунарите продолжуваат.

Се поочигледно е дека политиката замешала прсти во тутунарската „чорба“, па не се стеснуваат да се напаѓаат кој чија политика брани. Така за едни Заев е крив, за други Заев е спасителот. За едни Ахмети е решение, за други Мицкоски, Села, Гаши, Касами, Апасиев и така се по ред.

А, едно е јасно, дека маката што ја јале цела година и солената пот по нивното чело се само нивни и на никој друг. Трудот мора да се наплати, за да се преживее зошто друго чаре нема.

Сите знаеме што значи маката на тутунарите, што значи станувањето рано во зори и легнувањето во доцна од ноќта. Што значи да се копа, да се сади, да се бере, да се нижи, да се пегла тутунот…Само тој што работи тутун ја знае таа мака, другите можат да претпостават, ама тоа не е исто. Само тој што има смола под ноктите и на рацете  знае за тежината на производство на тутун и може да ги разбере тутунарите за револтот и незадоволство од катастрофалниот откуп на годинешниот род.

Јасно е дека ако откупот на тутунот не постигне подобра цена тогаш директно ќе биде загрозена егзистенцијата на преку 100.000 македонски граѓани, кои живеат од производство на тутунот. Тоа значи дека Прилеп и Прилепско ќе паднат на колена, ама не помалку ќе бидат засегнати и тутунарите од другите региони, од Скопскиот, Радовишкиот, Дебарскиот…

Работата е повеќе од алармантна.

Тутунари велат дека за цела година работа, едвај добиваат по 9.000 денари месечно за живот по член од семејството што учествува во производството на тутун, тоа се бедни пари за егзистенција според реалната состојба во државата, потрошувачката кошница и скапотијата.

Од МЗШВ велат дека од буџетот за субвенции околу 30% се наменети за тутунот како приоритетен производ за државата, додека субвенционирањето се движи:

-Прва класа – 80 ден / кг

-Втора класа – 70 ден / кг

-Сите други класи – 60 ден / кг

Но, тутунарите сметаат дека субвенциите не можат да ја надоместат штетата направена од  ниските откупни цени. Затоа бараат субвенциите за сите класи да се изедначат на 100 денари по килограм, да има и за сиромавиот и за поимотниот кој обработува поголеми површини со тутун.

Тутунарите во едно се согласуваат дека фер цени за килограм тутун нема да им донесе политички поени на оваа власт, туку подостоинствен живот на 30.000 семејства, тутунопроизводители кои макотрпно успееја да сработат над 23 милиони килограми тутун.

И накрај, се погласни се тутунарите во размислувањата дали да формираат земјоделска партија или земјоделски синдикат, што и да е, ќе биде добро, само ако тоа е начинот да се обединат, да се сплотат и да си ги бараат сработените пари. Оти во спротивно ќе испадне „е па чорба“ како од хуморот на легендарните скечеви на К-15.

 

Анета Блажевска за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close