Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести
Ќе ги „заземат“ ли странци домашните работни места?
Во Прилеп веќе се при крај за увоз од Непал на седум луѓе, а многу наши претприемачи во тоа гледаат бизнис и регистрираат компании за увоз на работници
Веста дека шестмина работници од Индија се ангажирани како работници на фарма и во млекара во Свети Николе, деновиве повторно на површина ги исфрли дебатите за увоз на работна сила, но и за стравот дека отворањето на пазарот на труд во нашата земја ќе овозможи домашните работни места да бидат „заземени“ од странци.
Оправдани ли се ваквите стравувања и дали неопходноста за увоз на работници кое гласно го истакнуваат стопанственици и политичари, е можеби алатка како да се намалат притисоците на синдикатите за зголемување на минималната и другите плати во земјава?
Во четвртокот минатата недела Државниот завод за статистика објави дека во првите три месеци годинава во нашата земја имало 9.467 слободни работни места, а во апсолутен износ најмногу работници недостигале во преработувачката индустрија (2.424), потоа во трговијата на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.777) и административни и помошни услужни дејности (840). Исто така, ако се земе во предвид бројот на слободни работни места (а не стапката), најмногу слободни работни места имало во деловните субјекти со 50 до 249 вработени, вкупно 3.003.
Од регионален аспект, процентуално најмногу слободни работни места имало во Пелагонискиот регион (2,93 отсто или 1.527 работни позиции, но ако во предвид се земе само бројката, тогаш на чело е Скопскиот регион со 4.297. Најмногу слободни работни места (2.568), имало во групата на занимања работници во услужни дејности и продажба.
Државата се празни
„Ако зборуваме теориски, може да се каже дека ако увезеш 20 работника од надвор, а ти имаш други 20 домашни, тоа можеби ќе врши притисок не само на платите туку и на порастот на продуктивноста, корпоративно поврзување и тн. Но, тоа не е главната работа. Главната работа е што ни се празни државата, покрај низок наталитет имаме и голем одлив на луѓе“, вели Ангел Димитров, претседателот на Собранието на Организација на работодавачи.
Тој додава дека проблемот со недостиг на работници е сложен, младите луѓе очигледно не гледаат иднината кај нас, а до друга страна тоа е и светски процес.
Вели дека зборувал со агенција од Непал и од таму му рекле дека можат да најдат обучени луѓе со искуство во текстилот.
„Јас се изненадив, велам како ќе ми најдете обучени, па вие имате ли текстилна индустрија, а од таму ми одговорија потврдно, но дека пропаѓа бидејќи нема работници. Замислете, тие немаат работници за таму, но имаат работници за кај нас.
Како што кај нас немаме работници за нашите хотели, но имаме луѓе кои ќе работат за хотелите во Хрватска. А, пак, Хрватите викаат дека немаат нивни луѓе, бидејќи одат во Германија. Значи тоа е еден светски процес, бидејќи падна наталитетот, населението во Европа старее и потребна е таква мобилност на луѓето, односно на работната сила“, вели Димитров.
v
Мотивите за заминување се разни, но во последно време, како што посочуваат домашни бизнисмени, меѓу другото се наведувале и кредитите, односно зголемените каматни стапки. Како што пораснале каматните стапки, дел од нив не можеле да ги враќаат кредитите, па заминуваат во Хрватска на три месеци, или во Италија за да соберат некоја пара за да ги вратат кредитите кон банките.
„Колку побрзо сфатиме дека тоа е процес кој е неминовен, толку полесно за сите нас ќе биде да го либерализираме, да го олесниме, затоа што во овој момент ние имаме многу сложени процедури, неопходни се визи, дозволи за тие луѓе, процедурата трае долго време, бидејќи е вклучено и министерството за надворешни работи, потоа кај нас согласноста, МВР, Агенција за вработување, квоти… Јас зборувам за она што не чека во иднина, не велам дека утре тоа нагло ќе се случи. Но, забележувам дека во овој момент многу наши претприемачи во тоа гледаат бизнис и регистрираат компании за увоз на работници, значи свесни се дека тоа ќе биде тренд“, вели Димитров.
Станува збор за луѓе од Куманово кои што работеле во Авганистан или во други држави по разни основи, имаат контакти таму со домашни луѓе и регистрираат такви агенции. Има и луѓе кои работеле во Австралија и се вратиле во Македонија, а имале искуство со извоз на работници од Непал во Австралија и во други држави во регионот.
Инаку, вработените Индијци во Свети Николе не биле донесени преку македонска агенција туку преку агенција од Србија и затоа процедурата била поедноставна затоа што тие веќе имале добиено виза за во Србија, а српската компанија ги префрлила на работа во Македонија.
Свети Николе не е единствениот град каде што ќе бидат ангажирани странски работници од далечните земји на истокот. Како што вели Димитров, во Прилеп веќе се при крај за увоз од Непал на седум луѓе, така да во цела Македонија веќе ги има првите примери.
Инаку, во Македонија и сега има странци кои што работат во домашни или странски компании, како на пример на разни позиции во компаниите во технолошко-индустриските слободни економски зони, но и градежни работници кои што се ангажирани на повеќе градилишта од матичните компании, пред се од Турција, кои што се инвеститори или изведувачи на проекти во земјава.
На прашањето во кои индустрии најмногу ќе бидат потребни странски работници, Димитров вели дека во овој момент можеби најзагрозени се градежништвото, земјоделството, текстилот, односно трудоинтензивните дејности.
„Иако, да бидеме искрени, ни фалат работници од сите категории и услуги во сите области. Дури и во јавниот сектор има недостиг на ИТ инженери. Кога би нашле 20-30 ИТ инженери на пример од Индија или од Пакистан и да ги пополнат испразнетите места во јавниот сектор каде што немаме кој да ги вклучи серверите кои што сме ги купиле и стојат не приклучени, ќе биде добро и за Македонија“, вели Димитров.
Деновиве на темата недостиг на работна сила, Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија, во дебата на Топ тема на ТВ Телма рече дека само минатата година од секторот градежништво во странство заминале 13 илјади градежни работници, а во државата минатата година и годинава имало увезено два пати по 300 градежни работници со посебни дозволи за работа. Повикувајќи се на податоци од Министерството за внатрешни работи Трендафилов рече дека Македонија оваа година увезла околу 670-680 работници за потребите на работодавците.
„Како ССМ имаме чувство дека секторот градежништво систематски се уништува и се прават максимални напори сите градежни работници да заминат од Македонија и тука да ни градат некои странски компании со кои можеби ќе се договараме, можеби нема“, рече Трендафилов
Автор МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ .https://nezavisen.mk/