fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Климатските промени ќе ги изедат овошјето и зеленчукот!?

Се појавуваат нови болести кај растенијата, кои претходно ги немало на нашето поднебје, а сега мигрираат од јужните краишта.

Климатските промени последниве години силно удрија врз приносите и врз квалитетот на земјоделските култури. Како резултат на доцните мразеви и на долгите сушни лета, многу овошки измрзнаа и цели посеви беа уништени. Агрометеоролозите и земјоделските експерти предлагаат навремено преземање соодветни агротехнички мерки за да не останеме без и ова оскудно земјоделско производство што го имаме.

Почетокот на вегетацијата последниве две-три години е порано. Тоа им прави проблем на овошките. Тие се развиваат во март-април и ризикот од измрзнување е поголем. Еден мраз е доволен целосно да ги уништи. Кај виновата лоза, доцните мразеви прават поголема штета на квалитетот на грозјето, не толку на приносите. Екстремно високите температури летово предизвикаа стрес на растенијата, негативно влијаеја на нивниот развој и бараа почесто наводнување. За среќа, оваа година имавме врнежи во вистинско време, што даде добар принос кај некои култури – вели за весникот ВЕЧЕР Горан Басовски, раководител на Одделението за агрометеорологија.

Според него, климатските промени влијаат на порана вегетација кај растенијата. Поради тоа, можеше да се забележи дека некои растенија годинава цветаа по втор пат, бидејќи имаше натпросечни температури есента.

Позитивно е што овие денови ќе има дожд и ќе може да се изврши сеидба, бидејќи почвата е многу сува. Се очекуваат врнежи и во наредниот период, и тие позитивно ќе влијаат на есенските посеви. Се надеваме дека ќе придонесе тоа и за поголеми приноси, бидејќи климатските промени последниве години негативно влијаеја на приносите и на квалитетот на земјоделските култури – објаснува Басовски.

Брзите климатски промени негативно се одразиле врз целокупното земјоделско производство, вели и Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Имаме драстично опаѓање како на квалитетот така и на количините. Сведоци сме на многу високи температури, кои траат подолг временски период и кои негативно влијаат врз растот и развојот на земјоделските култури. Паралелно со тоа, се појавуваат нови болести кај растенијата, кои претходно ги немало на нашето поднебје, а сега мигрираат од јужните краишта. Климата постепено преминува од умерено континентална во пустинска како резултат на тоа што во последниве години имаме голем број пожари. Пожарите, освен тоа што уништија голем дел од шумите, во иднина дополнително ќе ја влошат состојбата и ќе влијаат врз земјоделските култури – вели Каракашев за весникот ВЕЧЕР https://www.vecer.press/klimatskite-promeni-kje-gi-izedat-ovosh/.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close