fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Кое вино е најдобро за масовни веселби, а кое за интимниот круг на пријатели за празниците

Празниците се згодна прилика кога имаме време да си дозволиме и мало винско истражување, нова сорта, нова купажа, нов вински стил.

,,Празниците се згодна прилика кога имаме време да си дозволиме и мало винско истражување, нова сорта, нова купажа, нов вински стил. Виното е емотивен продукт, кога ќе го научите неговиот јазик ќе се изненадите како некои вина се “елоквентни” и веднаш ви се претставуваат, кои се и од каде се, додека пак други се срамежливи и им треба време да се “отворат”. Сите вина помалку или повеќе јасно носат некаква порака, како од природата така и од нивниот креатор”, вели во разговорот за порталот ,,Пари”, а во рамки на нашиот серијал ,,Празнична економија“, Звонко Херцег WSET Едукатор и Претседател на Македонската Асоцијација на Сомелиери  – МАСОМ.

За време на масовни прослави бидејќи вината се во втор план се препорачуваат не толку ,,карактерни вина”, лесни и едноставни, за прослава во интимен круг на пријатели тогаш изборот паѓа на вина кои ги следи приказна и имаат јасна експресија на поднебјето од каде доаѓаат. Херцег раскажува и за каркатеристиките на нашите вина, како и за влијанијата на производната цена на вината, зошто некое чини 1.500 денари, а некои многу помалку..

Пари: Почнуваат празниците, виното е неизбежно на трпеза. Што ги советувате македонските љубители на вино, што да се послужи на маса за празниците?

Херцег: Вообичаено секој кој барем малку консумира вино сметам дека има една или повеќе омилени “етикети”, и тука воопшто не би се мешал. Сепак, празниците се згодна прилика кога имаме време да си дозволиме мало винско истражување. Во таа насока би препорачал да се користи секоја прилика и да се проба нешто ново, нова сорта, нова купажа, нов вински стил. Да се излезе од вообичаениот избор и да се ужива во различностите кои кај вината ги има во изобилство. Тоа е најдобар начин да се зголеми винското искуство кај консументот со кое полесно ќе може да нурне во задскриениот раскошен вински свет на ароми и вкусови.

Пари: Со која храна какво вино одговара, дали Македонците разликуваат кое вино со што се служи?

Херцег: Ако очекувате дека постојат правила во однос на изборот на вино со одредена храна, ќе морам да ве разочарам, бидејќи постои само едно правило а тоа е дека “нема правила“.
Причината е едноставна, станува збор за вкусови. На пример, некому му се допаѓаат комбинациите благо-солено, луто-благо или горко-кисело, некому не. Целата “мудрост” e во поставување на идеален баланс помеѓу интензитетот на аромите и вкусовите од храната и компонентите од виното, киселини, танини, шеќери,алкохол, овошност и т.н. Помеѓу нив постои јасна интеракција која може да ни обезбеди сигурна зона за правилен избор на вино со одредена храна. Храната е секогаш понтензивна и повеќе комплексна од виното и лесно ги менува карактеристиките кај виното. Голем дел од нашите консументи не го знаат тоа, но тоа не е само кај нас, иста слика може да ја сретнете и во  развиените земји. Токму затоа на винските обуки во нашата Асоцијација посветуваме големо внимание на тие интеракции.

Пари: Дали нашите граѓани само го пијат виното или се вистински дегустатори?

Херцег: Да се пие вино не е грев. Тоа го прави огромниот број вински косументи ширум светот. Велат, се пиело вино со векови, се пие и ќе се пие вино и понатаму. Дегустирањето на вина е само еден пристап на истражување на вината, откривање на нивните карактеристики и разлики, или ако сакате “разговор” со виното. Виното е емотивен продукт, кога ќе го научите неговиот јазик ќе се изненадите како некој вина се “елоквентни” и веднаш ви се претставуваат, кој се и од каде се, додека пак други се срамежливи и им треба време да се “отворат”.  Сите вина помалку или повеќе јасно носат некаква порака, како од природата така и од нивниот креатор. Кога ќе успеете да ги прочитате тие пораки задоволството е немерливо. Токму затоа некој сметаат дека вината се еквиваленти на уметнички дела, секако не сите.
Не можеме од широката винска публика тоа да го очекуваме, но ние ја држиме портата на вискиот свет ширум отворена за секој кој сака да влезе и научи да ужива во вината.

Пари: Какво вино треба да понудиме кога сме со најблиските пријатели, а што да послужиме на поширокиот круг на луѓе?

Херцег: Кога бираме вино за поширок круг на луѓе, веселба, настан, коктел и т.н. вината се во втор план. Сметам дека тука нема место за некој “карактерни” вина, едноставно нема да може да се слушне приказната на одреденото вино или од гласната музика или од интензивното минглање. За таков круг се препорачуваат лесни, едноставни вина со овошен карактер било да се мирни или пенливи.
Кога бираме вино за интимен круг на пријатели, или деловна вечера, тогаш изборот паѓа на вина кои ги следи приказна и имаат јасна експресија на поднебјето од каде доаѓаат. Често се тоа вина со комплексен ароматски профил, кои ги следи или некое уникатно поднебје или посебен процес во производството. Секако, тука е и традицијата на винарницата, харизмата на винарот, едноставно вина кои сјајат во чашата.

Пари: Каков тип и стил на вино пијат Македонците, розе, црвено, бело, овошно, покиселкасто?

Херцег: Тешко е да се генерализира но ќе се обидам и покрај тоа што сигурно некој нема да се согласи со мене. Не е тајна дека лесно благите вина кои ние ги нарекуваме стручно полусуви, како и лесно танинските црвени вина полесно ја отвараат винската врата за помладата публика. Науката вели дека сензитивноста на перцепторите во таа возраст е мошне осетлива, па киселините од сувите вина се чинат поагресивни отколку кај повозрасната публика. Што се однесува до изборот по квалитет на вината, кај големиот дел од младата публика цената е пресудна, па изборот на вински стил е најчесто дај-што-ќе-дадеш.

Возрасната винска публика е поделена. Жените се повеќе за интензивно ароматични и лесни вина, генерално бели и розе вина, додека кај мажите некако изборот го олеснува како повисокиот процент на акохол така и интензивната арома на даб кај црвените вина. Па од тука некако несреќно некој ги поделил на машки и женски вина, што нема никаква врска со реалноста.

Пари: Дали цената на виното е пресудна и за квалитетот, дали вреди едно шише вино на пример 1.500 денари? 

Херцег: Пред малку спомнав дека виното е уметност, како проценуваме вредност на едно уметничко дело ?!  Веројатно колку емоција е вткаено во него и со колку зрачи.
Сепак, кај вината до некаде е мерлива производната цена врз која влијаат бројни аспекти за кој неинволвираниот консумент не ни сонува дека постојат. Пример, за 1500 ден најчесто ќе купите вино за кое е потребно две до три години да се произведе. Тоа врзува средства и ресурси и ги крева трошоците за производство и одржување, како одлежување во посебни садови, скапи бочви за една до макс две употреби и т.н. Ако на тоа вашето вино постигне висок квалитет и успех, секако ќе влијае врз цената и по економски терк понуда-побарувачка. Креирање на брендот преку три четири генерации е тешко мерлив, но е дел од вредноста на виното.

Ако говориме за нашите вина во однос на вината од познатите светски виски региони треба да знаеме дека во светот има заситување на пазарот со вина, а нашите насади се едвам 30000 ha што е само ¼ од Бордо од што следи дека полесно ќе најдеме поевтини вина дури и во славниот Бордо отколку кај нас, но затоа овие од 1500 ден таму ќе бидат 15000, една нула една кула.

Пари: Сакаат ли Македонците да експериментираат со нови вина или се држат до традицијата, а и до цената?

Херцег: Мислам дека дел од нашата традиција е да се испружиме колку ни е чергичето, генерално важиме за штедливо друштво, Сепак знаеме понекогаш накратко да го занемариме тоа, па сакаме да истражуваме и вкусуваме нови вина, но ни недостасуваат информации. Нема ниту еден печатен или електронски медиум околу кој ќе гравитира винската публика, од каде ќе се “храни” со информации за нови берби, нови успеси на вински натпревари, нови сорти, практики, вински настани, вински туризам и т.н.
Не е доволна само силна винска машинерија за да имаме препознатлив вински регион. Бројна и гласна виска сцена е таа што го носи гласот за винскиот регион низ светот, затоа што вината се стари колку и човековото битие, тие се дел од традицијата и културата на еден народ.

Пари: Како би ги опишале македонските вина по вкус, што е предност, а што недостаток?

Херцег: Надвор повеќе не препознаваат по црвени и моќни вина, со интензивна длабока рубин боја поради која често ги нарекуваме истите дома како црни вина. Наjчесто со зрели ароми на црно и црвено зрнесто овошје следено од слатки зачински ноти како резултат од одлежување во нови дабови бочви. Хармонични вина со структура за пролонгирано стареење во насока на зголемување на комплексноста. Но треба да знаеме дека тоа е само едната страна на паричката, останатите 50% се претежно бели и нешто розе вина со кои во последнава декада имаме одлични резултати во однос на подобрување на квалитетот, што може да се види од бројните награди на меѓународните вински натпревари. Предноста ја гледам во она што природата ни го дава преку уникатните виногорја, а недостатокот во тоа што се уште не ја слушаме истата доволно јасно.

Пари: На кое ниво е винската култура во Македонија?

Херцег: Се уште во повој, но со силен ентузијазам за прогрес. Се повеќе лоцираме вински ентузијасти, луѓе кои се жедни за знаење и за нови вински искуства. Започнавме пред неколку години први вински салони каде главни ѕвезди се вината а не естрадата, иако лично немам ништо против музиката. Конечно се појавија квалитетни вински обуки каде ги запознаваме кандидатите со светските вински региони, и низ компаративни дегустации ги споредуваме карактеристиките со нашите виногорја, вина и винарски практики. И добри сме, се држиме рамо до рамо со светот, има нагорнини и падови, но во винскиот свет кога ќе паднеш нема разочарување, стануваш, ја стресуваш прашината и продолжуваш со насмевка, само напред.

Редакција Париhttps://pari.com.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close