Сортата на грозје или мешавината од сорти на грозје од кои се произведува виното се клучен фактор кој влијае врз стилот и квалитетот на виното. Постојат стотици вински сорти грозје, но неколку од нив може да се вбројат во оние најпознатите и уживаат светска репутација.
Една од најистакнатите вински сорти за производство на белo винo е шардоне. Вброена меѓу најпопуларните и најраспространети вински сорти на грозје во светот, виното од оваа сорта може да се одликува со поголема киселост, цитрусни и ароми на зелено јаболко доколку се одгледува во постудени климатски услови или со средна киселост, ароми на праска и јужно овошје, одгледувано на потопла клима. Одлежувањето во дабови буриња (барик), го заокружуваат вкусот на ова вино со суптилни ноти на ванила. Суви вина со изразен интензитет на ароми и освежувачки висока киселост се карактеристични за сортата совињон блан. Виното од оваа сорта е богато со интензивна арома на зелено јаболко, цитрусно овошје и зелени билки. Доколку изберете вино од сортата пино гриџо, ќе вкусите претежно суво вино со лесно тело, висока киселост и едноставни ароми на праска и лимон. Од ризлингот може да очекувате спектар на суво, полусуво, но и слатко вино со карактеристична висока киселост, цветни ноти и палета на ароми – од зелено јаболко, цитрусни овошја како лимета и лимон, до арома на праска и кајсија.
Најквалитетните црни вина се произведуваат од сорти како каберне совињон, мерло, пино ноар и сира или шираз. За широко распространетата каберне совињон сорта, типично е вино со арома на црна рибизла, црна цреша, зелени билки. Покрај високата киселост и ниво на танини, вкусот на ова вино го заокружуваат нотите на ванила од дабовите буриња во кои често зрее. Ваквото зреење на виното е карактеристично и за виното од сортата мерло, кое е со средна киселост и ниво на танини и вкус кој варира од овошја како јагода и слива до капина и црна цреша. Вината од пино ноар имаат тенденција да бидат суви и со лесно тело, висока киселост но ниски нивоа на танини. Интензивни се аромите на јагода, цреша, следени од земјени ноти на габи и хумус надополнети со ароми на ванила и каранфилче при зреењето во барик. Оваа сорта вообичаено не се меша со други сорти и неретко се користи и за призводство на пенливо вино, обично мешајќи се со шардоне. Сира, како што го нарекуваат во Франција или шираз во Австралија е сорта од која се произведува вино со средно до полно тело, средна киселост и високо ниво на танини. Типични ароми за него се оние на капини и зачински ноти на црн бибер, често збогатени со ванила и кокос при одлежување на виното.
Wine Educator, основана од ВВ „Тиквеш“, која обезбедува широк спектар на обуки за вино и алкохолни пијалаци.
Извор: Нетпрес