fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Кој ќе го добие бизнисот со складирањето ориз

Покрај пченицата и оризовата арпа ќе се чува како стокови резерви

За не дај боже ситуации, отсега натаму земјава ќе чува и ориз во своите стокови резерви. Ако досега, за непредвидени состојби, како што се војни или вонредни состојби, или пак, елементарни непогоди и еколошки катастрофи, односно суши, поплави, земјотреси, загадувања и слично, во стоковите резерви се складираа пченица, пченка, јачмен, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства, отсега натаму на овие производи ќе им се придружи и оризот.

Од власта велат дека причина за овие промени е фактот што оризот е многу погоден за употреба за во „лошо“ време, но досега не бил опфатен.

Затоа сега ќе се менува Законот за стокови резерви, а предлог решението за тоа е веќе влезено во собраниска процедура. Дополнително ќе се утврдува колку ориз ќе се чува во резервите, колку пари тоа ќе ја чини државата и кој ќе го добие овој бизнис на складиштар на оризовата арпа.

Како што е познато, стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во Македонија.

„Оризот како култура е погоден за употреба во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди и еколошки катастрофи, а истиот не е опфатен со Законот, така што оттука произлегува и потребата за изменување на тој закон“, навеле од Владата, додавајќи дека примарна цел е да се опфати оризот како производ од исклучително значење, но и да се создадат услови за негово чување како стоковни резерви во вид на оризова арпа.

За измените е наведено дека сигурно ќе имаат влијание врз буџетот, како и дека за купување и чување на резерви ориз ќе мора да се скратат средствата од некоја друга буџетска ставка, но не е пресметано и не е наведено колку точно пари тоа ќе ја чини државава. Со оглед што не се работело за сложен и обемен закон, се предлага тој да се донесе по скратена постапка.

Како што е познато, стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во земјава, а ги сочинуваат: пченица, пченка, јачмен, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.

Стоковните резерви на пченица, јачмен и пченка се складираат, чуваат и обновуваат кај складиштари кои поседуваат силоси за складирање на житни култури со капацитет од најмалку 2.000 м3 по житна култура поединечно и имаат одобрение за пуштање во промет на прехранбени производи издадено од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Стоковните резерви на сол се складираат, чуваат и обновуваат кај складиштари кои поседуваат подни магацини за чување на прехранбени производи и имаат одобрение за пуштање во промет на прехранбени производи. Стоковните резерви на сурово сончогледово масло се складираат, чуваат и обновуваат кај складиштари кои поседуваат резервоари наменети за чување на сурово масло со капацитет од најмалку 3.000 м3 и имаат одобрение за пуштање во промет на прехранбени производи издадено од АХВ.

Стоковните резерви, пак, на нафтени деривати се складираат, чуваат и обновуваат кај складиштари кои поседуваат лиценца за складирање на нафтени деривати издадена од Регулаторната комисија за енергетика согласно со Законот за енергетика. Стоковните резерви на лекови и медицински средства ги складираат, чуваат и обновуваат складиштари кои се регистрирани, односно поседуваат дозвола за вршење дејност, производство или промет со лекови и медицински средства, издадена од Министерството за здравство, согласно со закон. 

Инспекциски надзор над стоковнитe резерви на пченица, пченка, јачмен, прехранбена сол, масло за јадење и нафтени деривати, врши Државниот пазарен инспекторат, преку државни пазарни инспектори во соработка со Агенцијата. Инспекторите се овластени да земаат мостри за анализа, да ја прегледуваат стоката, количината, објектите, уредите, деловните книги, договорите, исправите и други документи што овозможуваат увид во квaлитетот, потеклото и количината на стоките, како и да донесуваат решение и да изрекуваат мерки, согласно со закон.

Повеќе на Фактор https://faktor.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close