fbpx
Агро бизнисВестиМакедонија

Кој направи најмногу пари од продажба на лекови?

Короната ги набилда профитите на аптеките!

Аптекарството е бизнис во кој жените целосно доминираат, а имаше ѕвездена година! Корона кризата беше силен катализатор за раст на приходите и во најголема мерка за солидни печалби на крај на 2020 година. Аптеките лани имаа фантастична година! Корона кризата значајно ја зголеми продажбата на лекови, суплементи, минерали, витамини и се друго што го продаваат македонските аптеки. Резултатите се евидентни: девет од десетте најголеми и најпрофитабилни аптекарски компании во земјава лани го зголемиле профитот во споредба со 2019 година година. Да почнеме со ред…

Кој игра во македонската премиум аптекарска лига?

И лани ланец аптеки со најголеми приходи од продажба е „Зегин Фарм“ компанија основана од Благој Механџиски – Зегин во која сега сопственици се неговите ќерки Викторија и Христина заедно со Лана Пепиќ. Годинава аптеките на „Зегин Фарм“ оствариле приход во вредност од 49,5 милиони евра што е за 5 отсто повеќе од претходната година. Добивката на друштвото лани книжи значаен раст – достигна 300.000 евра што е за 17 пати повеќе од 2019 година. 

Битолски „Еурофарм“ е најголем конкурент на „Зегин фарм“ од аспект на продажба т.е. пазарно учество. Компанијата на Ангелка Белазелкоска лани оствари приход од продажба во износ од 35 милиони евра што е за 20,5 отсто повеќе од претходната година. Профитот е скромен, слично како и во 2019 година и изнесува 2.900 евра.

Најпрофитабилна аптекарска компанија лани е „Моја аптека“ – фирма на сестрите Механџиски (сопственички и на Зегин Фарм н.з.). Ова друштво лани на приходи од 26 милиони евра остварило добивка од 538.000 евра што е 11 пати повеќе од 2019 година. Лани приходот на оваа компанија е зголемен за 25 отсто во споредба со претходната година.

И тука завршува групата на најголеми аптекарски компании. Но следат и други големи учесници на пазарот кои имаат и солидни профити. Меѓу нив се:

„Еликсир“ од Струмица и „Бле – медика“ од Тетово. И двете компании лани имаат добивки во износ од по 237.000 евра. Кај струмичката компанија, сопственост на Марија Стојанов, добивката лани пораснала за 26 отсто и е остварена од приход што изнесувал 2 милиони евра – поголем за 21 отсто од 2019 година. Тетовската аптекарска фирма чија сопственичка е Линдихана Емини лани оствари приход од 2,4 милиони евра што е за 15 отсто повеќе од претходната година. Добивката на ова друштво е поголема за 73 отсто во споредба со 2019 година.

Виа Фарм од Вевчани е една од најпрофитабилните аптеки во земјава. Лани компанијата на Марица Угриновска Батковска остварила приход од 2,4 милиони евра што е за 57 отсто повеќе од претходната година, а профитот бил 193.000 евра што е за 36 отсто подобро од 2019 година.

Скопска Виола лани остварила приход од 4 милиони евра што е за 11 отсто подобар резултат од претходно. Добивката на компанија на Марија Фидановска изнесува 188.000 евра што е 15 пати подобро од 2019 година.

Алпи Фарм е скопско друштво во сопственост на стурмичката компанија „Снежана фарм“. Лани остварила приход од 4,1 милиони евра – 15 отсто повеќе од претходната споредбена година и остварила профит од 175.000 евра што е за 6 отсто подобро.

Скопските аптеки под брендот „Херба“ сопственост на Ерол Али лани оствариле приход од 2,4 милиони евра и остварила раст на добивката за 9 отсто до 163.000 евра.

Во оваа група на најпрофитабилни аптекарски компании е и прилепското друштво Мента Фарм кое има приход од 2,1 милиони евра што е за 30 отсто повеќе од претходно. Добивката на фирмата на Лидија Николоска лани е 100.000 евра и е единствената што книжи пад ( од 23 отсто н.з.)во однос на 2019 година.https://faktor.mk/-koronata-gi-nabilda-profitite-na-aptekite-koj-napravi-najmnogu-pari-od-prodazba-na-lekovi

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close