вести

По поплавите, посевите со жито страдаат од суша

Сушните есен и зима предизвикаа лошо поникнување кај 20 проценти од житните култури во Пелагонија, a и мразот дополнително ја влоши состојбата.

По големите поплави, сега сушата ги ништи есенските посеви во Пелагониско, загрижено вели земјоделецот Тоде Лазаревски од битолското село Ивањевци, еден од поголемите производители на жито во овој крај. Поради сушните есен и зима, слабо е поникнувањето дури кај 20 проценти од засеаните есенски култури во најголемата житница во земјава, Пелагонија.

po poplavite posevite so zhito stradaat od susha

 

– На некои земјоделски површини дури до 30 проценти ’ркулците се исушени. Иако, минатата пролет имаше големи поплави, временската состојба беше сосема поинаква есента. Кога го сеевме лебното зрно, немаше влага. Се на се, сеидбата не излезе добро – вели Лазаревски.

Бидејќи не падна снег, растенијата досега останаа без заштитна покривка од мразот. Ниските температури кои достигнаа и до 13 степени под нулата пред новогодишните празници во Битолско дополнително ја влошија состојбата кај есенските посеви.

– Мразот ја начека пченицата, како што велиме ние земјоделците, во млечна состојба, односно во фаза на ‘ртење и ја оштети. Минатата година беше лоша за земјоделците. Прво, поплавите ни го однесоа родот, а сега и сушата ќе не удри по џеб додава Лазаревски.

hitportal-jacmen

По неколкуте проблематични сеидби, се повеќе земјоделци од Пелагониско размислуваат да ја напуштат пченицата и да почнат со одгледување пченка. Нивните надежи дека подобро ќе им оди со пченката отколку со пченицата ги подгреваат и најавите за ширење на системот за наводнување „Стрежево” на поголема површина од пелагониската житница.

– Се думаме што да засадиме на површините. Проблем е тоа што има реони како Суво Поле, Гладно Поле, каде што не можеш друго растенија да одгледуваш освен жито. Но, со оваа култура нема иднина зашто во регионот Србија произведува по 6 тони лебно зрно од хектар, а кај нас 2,5 тони. Имаше неколку години заштитни мерки и беше подобро, но потоа се побунија државите од опкружувањето, а Косово воведе и ембарго за македонски производи и мерките паднаа во вода велат земјоделците од Битолско.

seidba

Од подрачната единица на Министерството за земјоделство во Битола потврдуваат дека засега регистрирани се оштетувања кај 20 проценти од есенската сеидба. Ако се земе предвид дека во битолскиот дел на Пелагонија есента беа засеани 18.000 хектари со житни култури, оштетувања има на површина од околу 4.000 хектари.

– Есенската сеидба заврши навреме, меѓутоа во периодот од 15 октомври до 15 ноември немаше врнежи, па се јави лошо поникнување. Подобри се површините на кои сеидбата беше спроведена пред октомври или подоцна во ноември. Во Пелагонија има големо раслојување на површини со житни култури кои се добри и кои не се – изјави Илија Србиновски, раководител на МЗШВ ПЕ Битола.

Во битолскиот дел на Пелагонија беа засеани 15.000 хектари со пченица, 3.000 хектари со јачмен, а од производство оваа сезона беше исклучена маслодајната репка поради недоволно количество влага.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close