fbpx
Агро бизнисВестиВиноВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

„Семејна винарија Јаковлевски“-синоним за успешен семеен бизнис

-Ако виното го засакаш и тоа ќе те засака, е пораката на нашиот винар Јаковлевски.

Горан Јаковлевски, има 46 години и повеќе од 20 години се занимава со производство на вино. Традицијата на производство на грозје и вино  во неговото семејство започнала во 1975 година од страна на неговиот дедо кој издигнал сопствени лозови насади со сортите Смедеревка и Станушина. Истите лозови насади, сега  и  Горан ги одгледува, а го учи и својот син да ги следи неговите стапки. Површината со лозови насади Јаковлевски ја зголемува од година во година, а во усто време се зголемува и капацитетот на семејната винарија.  Нашата винарија ја именувавме „Семејна винарија Јаковлевски“ бидејќи целото семејство е максимално ангажирано во производството и продажбата на виното, вели Горан во разговор за Зелена берза.

– Јас сум трета генерација на лозари во семејството и се трудам мојот ентузијазам, моето знаење и љубовта кон грозјето и виното да му ги пренесам на мојот син.

Имаме  лозови насади со сортите Смедеревка, Станушина и најмногу Вранец, така што целото наше производство на грозје го преработуваме во нашата винарија. За потребите на винаријата исто така вршиме откуп на некои сорти на грозје кои ги немаме како на пример Темјаника. Виното не е регистрирано како органско, но е со контролирано потекло. Нашите лозови насади изнесуваат 0,8 хектари за сега, но тоа е само мал дел од суровината која ја користиме. Целото суровина  која ја откупуваме и ја преработуваме е резултат на внимателно избрани лозови насади лоцирани во Тиквешкото виногорје пред сè од атарот на селото Манастирец, раскажува Горан.

Покрај производството и продажбата на вино со години  Горан работи во интерес на  подобрување и олеснување на работата на индивидуалните производители на вино или малите семејни винарии. Тој е претседател на здружението „Тиквешки семејни винарии“ кое има членови најмногу од Кавадарци, но и од Неготино, Градско, Велес, Прилеп и Скопје. Заеднички со членовите на здружението работат на развојот на винската култура, на винарството во државата. Во рамките на оваа здружение заеднички се трудат да ја зачуваат традицијата, организираат дегустации, саеми на вино, заеднички си помагаат со цел зголемување на квалитетот и промовирањето на производите.

Горан вели во остварување на целите имаат одлична соработка со Министерството за земјоделство, па како резултат на нивното разбирање за проблемите на семејните винарии дојде до измена на Законот за вино, а со тоа им се оствари желбата да се регистрираат како производители на вино. Како резултат на регистрацијата сега нивните вина се многу подостапни до љубителите на виното, па ги продаваат не само од праг, туку и во ресторани, кафани и специјализирани продавници за вино.

-Виното е единствен производ кој може да ти ја возврати љубовта која му ја пружаш, а таа љубов започнува уште на виновата лоза, уште при резидбата во зима. Како винар обработката на лозјето е предност, не само од финансиски причини  туку поради тоа што максимално се контролираат сите агротехнички мерки на обработка и на земјата и на лозата, знаеш од каква суровина го правиш виното и што точно да очекуваш, вели нашиот винар Јаковлевски.

-Од нашите вина посебно се истакнува моќниот Вранец, темна црвена боја, силни природни ароми на шумско овошје и пријатни меки танини. Многу пати се случило луѓе кои инаку не го сакаат виното да го пробаат и едноставно да се воодушеват од него. Од нашите лозови насади стари 50 години  успеваме да произведеме Станушина розе вино, единствена автохтона македонска сорта на грозје, а за него повеќе интерес покажуваат гостите од странство отколку македонските консументи. Во летниот период поголем интерес има за белите вина, бидејќи освежуваат повеќе. Во производството на вино се обидувам да го мешам традиционалното со современото, го применувам сè она што сум го научил од дедо ми, но и постојано се консултирам и со врвни енолози и постојано учам нови работи, напоменува Горан.

Во Македонија има услови за производство на вино

-Поволните климатски услови и многуте сончеви денови во  текот на годината дават во Македонија да има одлични услови за производство на врвно вино со специфичен вкус, мирис, боја и јачина. Пласманот е исклучиво на домашен пазар, купувачи и консументи се пред сè луѓе кои не познаваат лично, знаат какво внимание му посветуваме на виното и го ценат нашиот труд, а секако и им се допаѓа нашето вино. Организираме и дегустации за гости, љубители на вино,  кои доаѓаат од странство или од други градови од државата, вели Горан и порачува: -Јас како родител на осумнаесет годишен син, нему  му ја давам целата моја поддршка тој да стане  лозар и винар, па зошто да не и на другите млади луѓе. Потребна е голема љубов и посветеност, љубопитност и енергија, успехот сам ќе си дојде. Ако виното го засакаш и тоа ќе те засака, е пораката на нашиот винар Јаковлевски.

Неговите планови се да го зголеми производството, да изгради  сала за дегустација на вино во традиционален стил, како и привлекување на странски туристи за уште поголем развој на винскиот туризам. Изградба на мал сместувачки капацитет и ресторан во кој ќе се служат традиционални македонски јадења, а гостите ќе дегустираат врвно вино и ќе ја запознаат македонската винска традиција, но сето тоа би било возможно со заедничка соработка со локалната и државната власт, со нивна поддршка на малите семејни бизниси и со максимално искористување на ИПАРД средствата за уште поголем развој на семејните винарии.

 

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close