fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Копач: Струјата ќе поскапи, треба да се заштитат најранливите граѓани

Цел Балкан ќе има дефицит на струја. Тоа ќе биде голем проблем за сите, нагласи Копач.

Цената на електричната енергија е неминовно да се зголеми, порача денес првиот човек на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, по средбата која во Скопје ја имаше со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. На средбата, како што информира Бислимоски, станало збор за случувањата во електроенергетскиот сектор и во секторот за природен гас во Македонија.„Го информиравме Копач за последните случувања на пазарот на електрична енергија како и за мерките кои што се преземени, од државните органи“, рече Бислимоски.

Копач рече дека енергетската криза ја зафати не само Македонија туку и Европа и целиот свет.

„Во таква криза најлесно преживуваат оние кои имаат домашно производство на струја бидејќи можат тоа да го амортизираат. Македонија за жал нема сопствено производство, нема ни јаглен и многу зависи од увозот и тоа се рефлектира на цената, сакале тоа или не“, рече Копач.

Тој додаде дека сегашната состојба не може да се реши преку ноќ и тука се потребни големи инвестиции во нови електрани на ветар, на сонце, во батерии, во Чебрен и само тоа ќе помогне земјата да биде зависна од сопствените ресурси.

„Сето тоа ќе има одраз на цената на електричната енергија, ќе дојде до поскапување, бидејќи увозот е скап, и таму е најважно да се дефинираат најранливите потрошувачи за да се надомести од јавни средства да можат да платат, а ниска цена не е потребна за сите“, рече Копач.

Како илустрација, тој рече дека производствената цена во РЕК Битола е 55 евра  за мегават час, а ЕСМ ја продава за домаќинствата по 36 евра.

„Се разбира тука е голем дефицит, додека се остваруваше некој профит од продажба на претпријатијата можеше да се покрие, но сега кога се увезува по цена од 150 евра е невозможно“, рече Копач.

Како што нагласи во сите земји од поранешна СФРЈ, со исклучок на Словенија и Хрватска, се држат ниски цените на струјата за домаќинствата.

„Во земјите од бивша Југославија, освен Хрватска и Словенија кои се во ЕУ, сите други држат ниски цени на струјата за домаќинства, бидејќи се третира како социјално добро, но тоа е пазарно добро. Политичарите се плашат од зголемување на цената, но поради ниската цена на електрична енергија премногу се троши и плус нема пари за инвестиции во секторот. Цел Балкан ќе има дефицит на струја. Тоа ќе биде голем проблем за сите“, нагласи Копач.

Посочи дека во земјава, како и во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина воопшто не е вложувано во енергетскиот сектор во последните 20 години и дека ќе требаат десетина години за да се подобри состојбата.

„Јас би отишол со голема брзина во голема инвестиција на обновливи извори, тоа е приватен капитал, цените на пазарот се добри, не треба да им се дадат субвенции, само треба МЕПСО да го овозможи приклучувањето и тоа ќе даде нови капацитети. Обновливите извори на енергија се проблематични, треба да се балансираат, треба да го има и Чебрен…. На Северна Македонија и треба и енергетска ефикасност. Многу трошите, зградите се енергетски неефикасни. Трошите струја за греење, а треба да имате централно греење на биомаса или на гас кое во комбинација со обновлива изворна енергија ќе овозможи долгорочна нормална ситуација“, рече Копач.

Очекува дека ситуацијата ќе се подобри веќе следната година, некаде април-мај, но до тогаш, како што посочи, цената на струјата ќе остане.

Препорача јавните институции да штедат и да одржуваат пониска температура во просториите, да се гаси светлото итн.

https://nezavisen.mk/kopach-strujata-kje-poskapi-treba-da-se-zashtitat-najranlivite-gragjani/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close