fbpx
Агро бизнисВестиВиноТоп вести

Коронавирусот ги испи приходите од виното

Извозот на македонското вино намален поради пандемијата

Здравствено-економската криза наметната од пандемијата на ковид-19 ѝ нанесе голема штета на македонската винска индустрија. Затворањето на рестораните и на угостителските облеки, како и затворањето на границите, драстично ја намали потрошувачката на вина, а наедно се намали и извозот на македонско вино. Познавачите укажуваат дека падот на извозот на македонското вино во шишиња минатата година е 16 проценти. Сепак, производителите истакнуваат дека не ги губат упорноста и посветеноста кон винскиот бизнис, а на кризата гледаат и како на можност, при што додаваат оти кризата им покажала дека можат да се натпреваруваат со водечките светски производители.
– Со оглед на околностите, падот во извозот на вино се очекуваше. Сепак, за среќа, овој пад на годишно ниво не е толку изразен како падот на продажбата на домашниот пазар. Податоците покажуваат дека македонските винарници и во исклучително отежнати услови успеале да извезат околу 66,7 милиони литри вино, што е намалување за 3,2 отсто во однос на 2019 година. Загрижува што ваквиот пад се должи на сериозното намалување од 16,3 проценти на извозот на вино во шишиња. Ова ѝ нанесува долгорочна штета на целата македонска винска индустрија, затоа што квалитетното вино во шишиња поседува поголема додадена вредност и влијае на вкупната репутација на македонското вино кај консументите на странските пазари. Сепак, утешителен е податокот дека, и покрај намалувањето на извезените количества вино во шишиња, просечната цена на квалитетното македонско вино во 2020-та достигнала повисока вредност во однос на 2019 година.

Ваквите показатели јасно ја исцртуваат патеката по која треба да се движи и поддржува идниот развој на македонската винска индустрија, а тоа, секако, е извозот на квалитетно македонско вино во шишиња – објаснува првиот човек на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Винската индустрија беше значително погодена од здравствената криза, која сѐ уште е присутна, поради што инволвираните истакнуваат дека таа била причина плус да направат промени во своето работење.
– Кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 минатата година, генерално, направи огромни штети врз македонската винска индустрија и сериозно ја наруши ликвидноста на македонските винарници. Забележен е пад од 16 отсто на извозот на македонско вино од земјава и падот на винарницата „Стоби“ во делот на продажба на виното на домашниот и странските пазари се движи во рамките на истиот процент. Сепак, можеме да кажеме дека успеавме да ги задржиме нашите клучни пазари и, со оглед на целосното преструктурирање на дистрибуцијата на домашниот пазар, сметаме дека резултатите што ги остваривме може да се оценат како позитивни. Во делот на производството на вино, и покрај кризната година и постојните резерви, ние донесовме одлука да преработиме исто количество винско грозје како и минатите години. Најголем дел од нашето грозје доаѓа од сопствени лозови насади, кои се во рамките на целокупниот холдинг. Во моментов сме задоволни како ќе го завршиме првиот квартал од оваа година. Сепак, сѐ уште е рано да се предвидува, бидејќи нѐ очекува нов бран на ковид-19 и пласманот на виното сѐ уште е несигурен и не знаеме како ќе се развиваат работите до крајот на годината. Но нашиот тим гледа позитивно на работите и веруваме дека оваа година ќе ја вратиме продажбата на нивото на 2019 година и ќе оствариме позитивни резултати во работењето – вели Никола Деребанов, генерален директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“ за винарницата „Стоби“, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар Градско“.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/%D0%BA%D0%BE%D1%80%D0%BE%D0%BD%D0

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close