Косовските царини кон Србија можност за поголем извоз на македонските земјоделски производи
Косовското воведување царински давачки од 100 отсто кон Србија и БиХ не се очекува да предизвика позначајни негативни ефекти и нарушување на македонската економија. Дури, како што оценува Стопанската комора на Македонија, можно е нашите земјоделски производи кои веќе ги има на пазарот во Косово да бидат позастапени.
Според Комората, македонското стопанство ќе биде погодено сако доколку стоката што била под влијание на донесената мерка се увезува во Македонија за репродуктивни потреби, како последица на што синџирот на поскапување ќе се почувствува и во македонскиот репродуктивен циклус. Во спротивно, негативните последици Македонија нема да ги почувствува со таков интензитет како што тоа може да го почувствуваат Србија и Босна и Херцеговина од една страна и Косово од друга.
Како што велат од Стопанската комора за МИА, косовската мерка најмногу загрижува од аспект на тоа што со неа значајно се нарушува определбата за создавање заеднички пазар на земјите од Западен Балкан преку комлетно либерализирање на меѓусебните економски односи. Нарушени се и принципите врз кои се темели Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) чија соодветна примена е еден од основните услови за забрзан влез на земјите од овој регион во единствениот пазар на ЕУ.
-Тргнувајќи од фактот дека Србија во Косово најмногу извезува брашно, пченка и пченица, не е нелогично дел од таа стока да побара пласман и на македонскиот пазар. Но, поради инцидентноста на оваа појава и малите количини од домашно производство, се оценува дека не може да ги наруши односите на македонскиот пазар на штета на домашните производители, нагласуваат од Комората.
Стопанската комора на Македонија и нејзините членки освојувањето на пазарите за извоз во регионот не ја гледаат преку царински бариери, туку преку воспоставување и максимално почитување на либералните пазарни односи на стопанисување, не само со земјите од потесното регионално опкружување, туку и со сите останати земји, без блокади и неекономски мерки, овозможувајќи слободен проток на идеи, капитал и знаење со сите нив.
-Тргнувајќи од таквиот пристап, сите мерки од неекономска природа кои ги нарушуваат принципите на овој процес и му нанесуваат удар на нормалното пазарно функционирање, не се својствени за македонското стопанство кое не ја оправдува ваквата појава. Гледано од друг агол, поскапувањето на увозните репроматеријали и суровини од Србија и Босна и Херцеговина што се потребни за сопственото производство на Косово, дирекно трошковно го оптоварува економското работење на косовското стопанство, со негативен одраз и врз извозната конкурентност. Примената на оваа мерка на подолг временски рок, крајно негативно ќе се одрази најнапред врз косовското стопанство, предизвикувајќи зголемени трошоци, намалена конкурентност, намален увоз и извоз и постепено раскинување на договорените испораки на косовските производи на странските пазари, а од друга страна ќе предизвика трошковен удар врз целокупниот економски и општествен живот на Косово, со можни инфлаторни последици и успорен економски раст, оценува Комората.
Согледувајќи ја тежината на состојбите и последиците врз односите на регионален план, Стопанската комора на Македонија апелира на, како што наведува, разумност и брза реакција до носителите на економскиот и политичкиот живот во регионот за надминување на ваквите несакани појави.
-Мешањето на политиката во економскиот живот не е својствено на ниту една современа форма на живеење и стопанисување и не треба да наоѓа тло за егзистенција ниту на овие економски простори, порачува Комората.
Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) не одговара конкретно на прашањето дали косовската мерка за царините е можеби шанса за поголем извоз на македонските компании. Единствено наведува дека секако треба да се направат напори за зголемување на извозот особено ако се знае дека бележиме пад од 540,8 милиони долари во 2011-та на 315 милиони во 2017-та.
-Косово е важен економски и трговски партнер на Република Македонија. Оттука, сметаме дека треба да се направат напори за зголемување на извозот на нивото од претходните години дури и реализирање на извозот над тоа ниво, имајќи го предвид потенцијалот на нашите компании. Според нашите анализи, идентификувавме неколку сектори за снабдување на косовскиот пазар: преработувачка и прехранбена индустрија, производство на градежни материјали и металургија. Треба да се преземат мерки за отстранување на проблемите и создавање инфраструктурни услови, како и поттикнување на извозот во Косово, велат од СКСМ.