fbpx
ВестиСовети

КОЗАРСТВО

kozi

Вовед и стопанско значење

 Во изминатиот период за козите повеќе се зборувало како за штетни животни одошто за корисни за човекот и како важна стопанска гранка.

Во многу земји меѓу кои и нашата, со закон беше забрането и ограничено одгледувањето на козите и затоа бројот на козите е несоодветен спрема тоа колку тој заслужува да биде застапен. Ова доведе и до општ застој на развојот на козарството.

Денес во светот има над 600.000.000 кози.

Во нашата земја нема статистички податоци за бројната состојба и производството на козите, но по слободна проценка на некои стручњаци се смета дека има околу 200.000 кози.

Одгледувањето е претежно од индивидуални производители, најчесто со 1-2 кози, како и такви кои имааат 20-30, но постојат и добро организирани фарми со 100 и повеќе грла.

Основна карактеристика на сите кози во Р. Македонија е тоа што се ниско продуктивни, скромни на условите на одгледување и доста отпорни за наши услови.

 

Расов состав

 

Расниот состав на козите во Р. Македонија се состои главно од домашната балканска коза и домашната бела коза создадени со непланско вкрстување на домашната балканска коза од низиски тип со санска коза, при што не е вршена посебна селекција на млекото, па затоа не е постигната висока млечност. Исто така во последниве неколку години се вршат обиди за поголема застапеност на алпината, односно швајцарската срнеста коза заради нејзината поголема издржливост на нашите климатски услови и нејзините одлични производни особини.

 

Производна насока

 

Насоката на производство на нашата коза е млеко-месо. Меѓутоа кожата исто така е важен производ во кожарската индустрија, а ѓубрето е доста ценето во поледелството.

Спрема некои проценки просечното производство се движи околу 120-150 литри млеко и 1,4 јариња годишно по коза.

Со подобрување на условите на одгледување млечноста може значително да се покачи. Значи оваа раса е препорачлива за одгледување во наши услови, но со подобрување на условите и нејзино одгледување во чиста крв, со селекција на млечноста, со цел да се искористат особините на добро прилагодување во лоши услови, скромноста и отпорноста. После тоа може да се донесе и одлука за тоа дали ќе се вкрстува со помлечна раса.

Со овие мерки може да се добијат 300 па и повеќе литри млеко и 1,8 – 2,2 јариња годишно.

Искористувањето на козите најчесто е 7-8 години.

 

Млеко

 

Најголемо стопанско значење во одгледувањето на козите има млекото. Пооделни примероци на млечни кози се во состојба за време од 10 години да дадат дури 10.000 литри млеко. Козата во текот на годината дава 10-20 пати повеќе млеко од сопствената тежина.

Козјото млеко и производите од него се со изразито бела боја.

Млекото е со лесна сварливост и искористување, бидејќи содржи ситни масни капки добро прифатливи од дигестивниот тракт. Според некои истражувања констатирано е дека козјото млеко се вари за 40 минути за разлика од кравјото за кое се потребни 150 минути.

Козјото млеко се смета и за диетално, погодно за исхрана на деца, болни и постари лица, како и за одлична суровина за производство на разни видови на сирења, киселомлечни производи и други производи од млеко.

Доколку козите се одгледуваат во добри објекти и ако се хранат со квалитетна храна која нема да пренесе лош мирис и вкус на млекото и доколку молзењето се извршува квалитетно и во добри хигиенски услови, тогаш и млекото нема да има непријатен вкус и мирис.

 

Фактори кои влијаат на млекото

 

На количината и на составот на млекото влијаат многу фактори. Такви се:

  • Исхраната на козите – Оптималноста во квалитетот и квантитетот на храната обезбедува максимално производство. Недоволни количини на храна ја намалуваат продуктивноста. Но и прекумерната исхрана е неекономична, особено кога се работи за грло кое нема генетски потенцијал за висока млечност. Употребата на сено во исхраната заради поголемиот процент на суви материи и целулоза ја зголемува масленоста, додека зелената храна ја намалува.
  • Наследните фактори – При избор на грла, покрај високата млечност на родителите се води сметка и за составот на млекото, посебно за содржината на протеини.
  • Староста на животното – односно која лактација е по ред е исто така важен фактор. Во првата лактација даваат помалку млеко, додека во втората количината на млеко се зголемува, а во петтата почнува постепено да опаѓа.
  • Здравствената состојба – Доброто здравје обезбедува високо производство на квалитетно млеко.
  • Број на молзења – Козите се молзат наутро во 6:00 часот и навечер во 18:00 часот. Наутро даваат 5% повеќе млеко. Помлечните кози се молзат 3 пати дневно (при што се внимава да биде на растојание од околу 8 часа) со што се зголемува млечноста за 10% во споредба со двократно молзење. Секој одгледувач треба сам да определи за бројот на молзења во зависност од млечноста и работната рака.
  • Сместувањето на козите – Несоодветни, темни, ладни, влажни и нехигиенски објекти лошо влијаат на продуктивноста.
  • Молзачи – Лошата постапка на молзачот со животното и недоволното измолзување, во текот на годината ја скратува лактацијата, со што се намалува и очекуваната количина на млеко. При молзењето треба да се внимава на хигиената, масажата на вимето и самата техника на молзење.
  • Климатските услови – Невремето, студот, високите температури и други неповолни услови негативно влијаат на продуктивноста.
  • Гравидност – Доколку козата остане гравидна во текот на лактацијата, таа ја намалува годишната количина на млеко.
  • Криење на млекото – Пред молзењето околу 70% од млекото се наоѓа во долните 2/3 од вимето. Другата количина од околу 30% се наоѓа во горниот дел на вимето и таа количина неумешен одгледувач не може да ја измолзе. Тоа млеко е најмасно и ја подобрува просечната масленост. Тоа може да доведе и до скратување на лактацијата. Способноста на молзачот е да може да ја спушти таа количина во долниот дел од каде што ќе може да се измолзи. На тоа влијаат некои стимулативни фактори како што е давање на концентрат за време на молзењето, добра постапка на молзачот со козата, масажа на вимето. Лачењето на млекото трае 2-3 минути и молзењето треба брзо да се заврши, бидејќи после тој временски период козата може да го скрие млекото.

Времетраењето на лактацијата зависи од расата, но кај млечните раси таа не треба да е пократка од 240 денови. Кај некои раси таа изнесува и над 300 дена.

Пресушниот период од околу 60 дена пред јарење е неопходен за физиолошка припрема за наредна лактација.

Молзењето може да биде рачно или машинско и започнува 3-5 дена после јарењето, откако ќе заврши лачењето на колострумот.

 

Месо

 

Месото е исто така важен производ за исхрана на луѓето. Во многу земји во светот јарешкото месо е најбарано и за 20 % поскапо од јагнешкото. Тоа е заради повисокиот квалитет на јарешкото месо, докажано со голем број на истражувања. При тоа е докажано дека јарешкото месо има подобар хемиски состав во однос на содржината на протеини и масни киселини.

Под јарешко месо се подразбира месо добиено со колење на јариња на старост од 3 недели до 6 месеци, при што се добива кланична маса од 4-12 кг. Исто така во исхраната се користи и козјо месо добиено од заклани машки и женски грла постари од 6 месеци, што е особено ценето кај муслиманското население.

Со оглед на комбинираниот правец на производство кој се практикува во нашата земја млеко-месо, се повеќе се практикува и технологија на континуирано производство на јариња, при што за 2 години се добиваат 3 јариња со што се зголемува вкупниот приход кај козите.

 

Исхрана

 

Потребите во исхраната на козите се одредуваат спрема нивната жива маса. Вкупните потреби се состојат од издржна и производна храна. Дневните потреби на една коза од 40 кг се состојат од 1,5 кг сено или 4,5 кг трева. Козите немаат потреба од производен дел на дажба само во првите 3 месеци од бременоста. Во останатите 9 месеци тој служи за производство на млеко, за пораст на плодот во втората половина на бременоста и за прираст на грлото во првите 2 години старост.

Значи, во четвртиот месец од бременоста дажбата постепено се зголемува, така што за производство на млеко за секој литар млеко на издржната дажба се додава околу 1 кг сено или околу 3 кг трева.

Козата е љубител на разноврсност во исхраната, така што треба да се води сметка и за тоа што се користи како храна. При тоа може да се користат сено, зелена кабаста храна, силажа, сув резанец, сенажа, слама помешана со меласа во однос 60:40%, концентрат и др.

Пасењето како најефтина храна треба да се практикува секогаш кога за тоа има услови. Притоа треба да се има во предвид дека тие никогаш не го искористуваат пасиштето целосно, заради тоа што ги користат само младите делови на растението. Затоа доколку има услови за тоа, козите треба да се држат на помали оградени површини кои ќе се менуваат почесто на 1-2 дена. Козата има потреби за пасење од околу 4-7 часа дневно.

Концентратот како скапа храна се додава само кај високомлечни кози и тоа по околу 250 гр дневно и тоа во зависност од употребата на други хранива и производството. Подобро ја искористуваат прекрупата отколку брашнестата концентрирана храна.

Потребите за вода се од 3-4 литри на 1 кг конзумирана сува материја.

 

 

Ова претставува само еден мал дел од она што претставува козарството, бидејќи започнувајќи од изборот на локација за козарска фарма, па сé до добивање на квалитетни производи и профитабилност претставува еден сложен процес за кој е потребно да се посвети повеќе време.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close