Дизел моторот е срце на секоја земјоделска машина и може да се рече дека е еден од главните фактори за раст на продуктивноста во земјоделството во дваесеттиот век. Иако може да се користат повеќе видови на погонско гориво, колку е паметно да се турва масло во резервоарот?
Дизелот спаѓа во четворотактни мотори со внатрешно согорување. Името го добил по пронаоѓачот Рудолф Дизел, кој својот патент го обелоденил во последните децении на деветнаесеттиот век.
Додека кај бензискиот мотор, свеќиците ја палат компресираната смеса на бензин и воздух, кај дизел моторот доаѓа до спонтано палење на горивото. Ова е можно од причина што степенот на компресија на воздухот е значително поголем кај дизел моторот во однос на бензискиот. Со растот на компресијата, расте и температурата на воздухот во клипот, а кога ќе се вбризга гориво, тоа само се запалува од притисокот и температурата.
Овие одлики ги прават возилата со дизел мотор поспори од оние со бензин. Од друга страна, овие возила можеле да повлечат многу поголем товар, затоа што благодарение на големото движење на клиповите, поголемиот степен на компресија и калорично гориво, поголем е и обртниот момент. Всушност, овие одлики ги прават возилата со дизел мотор поспори од оние со бензин. Едноставно, поради поголемото движење на клипот, функционирал на понизок број на обртаи во однос на бензискиот, а притоа бил и потежок од бензискиот мотор со иста сила.
Многу брзо, овој мотор го пронашол своето место во земјоделството и другите стопански гранки кои работеле со голем товар како што е транспортот (железнички, патен и воден), рударството, но и наменската индустрија која произведува оружје.
Биодизелот не е никаква иновација
Рудолф Дизел замслувал дека горивото од јаглена прашина го движи неговиот мотор. Меѓутоа на саемот во Париз во 1900 година, една компанија изложила мал мотор кој работел по принципот на Дизеловиот, но користи растително масло како гориво.
Во книгата „Дизел мотори за работа на земја и море“ од 1912 година може да се прочита следната изјава на Рудолф Дизел: „Во 1900 година компанијата Ото изложила мал дизел мотор кој благодарение на сугестиите на француската Влада, користел масло од кикирики како гориво и работел така добро, што мал број луѓе забележале дека моторот работи. Моторот е конструиран со идеја да користи минерално масло и користен е со растително масло како гориво, без било какви преправки. Јас речиси го повторив тој експеримент на ваше ниво и тоа многу успешно, а со тоа го потврдив претходниот резултат“.
Се покажало дека раните типови на дизел мотори можат да работат на многу поголем дијапазон на горива во споредба со бензиските мотори. Покрај стандардниот дизел – дестилат на нафтата и растителното масло, овој мотор успешно е користен и со керозин, па дури и со животинска маст.
Секако, технологијата се менувала, па и дизел моторот заедно со неа. Така, денешните дизел мотори, освен по принципот на функционирање (влегува чист воздух, компресира и се покачува температурата, се додава гориво кое се пали во допир со жежок воздух под голем притисок, согорувањето го движи клипот), значително се разликува од оние кои биле во производство пред 20, 30, 50 или 100 години.
Во последно време, растителните масла, индустриски се преработуваат за да се добие биодизел – гориво за дизел мотори кои не се потпираат на нафтената индустрија. Целта на преработката е отстранување на материите, пред се на глицеридите, од маслото кои на високи температури стануваат полимери кои ги обложуваат деловите на моторот и го оштетуваат.
Како што може да се забележи, биодизелот не е никаква новост. Користен е уште пред 100 години. Француската Влада ги предложила растителните масла како гориво од чисто политички причини – имале големо производство на маслени култури во афричките колонии. И покрај тоа, нафтената индустрија однесла победа и станала главен производител на гориво за дизел моторите кои понатаму се развивале заедно со неа.
Домашните земјоделци веќе долго знаат за употребата на растителните масла
Искуството во регионот и кај нас, зборува дека постои повеќегодишна пракса да се користи растително масло, наречено и зејтин, како погонско гориво за земјоделската механизација. Освен зејтин, се користат и масла кои претходно се користени во преработка на храна (сончогледово, палмино и друго), со тоа што пред тоа, мора да се филтрираат, со цел да се отстранат остатоците од храна.
Оваа пракса, за жал е последица на високата цена на горивата. Многу земјоделци кои ова го практикуваат имаат различни методи за прилагодување на растителното масло за употреба во земјоделската механизација. Една од причините за тоа е и помалиот вискозитет на растителните масла.
Додека едни го мешаат зејтинот со дизел горивото, па дури и со бензинот, други го третираат растителното масло со различни хемикалии, пред се натриум – хидроксид во комбинација со метил – алкохол, со цел издвојување на глицеридите кои при согорувањето во моторот даваат полимери.
Стручњаците предупредуваат дека со употребата на непреработени растителни масла, се скратува работниот век на моторот на земјоделската механизација. Но, исто така, истакнуваат дека тоа е многу помал проблем за старите машини, кои во однос на поновите модели имаат значително поголем јаз помеѓу компонентите и генерално имаат поедноставни конструкции, а таквите, кај нас се најчести.
Повеќе за предностите од употребата на биодизелот можете да погледнете во следното видео.
Валентина Соколовска
за Зелена берза