fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Крупниот крап сѐ помалоброен во Осломејско Езеро

Последните неколку месеци членовите на риболовното друштво „Хантер фиш“ од Кичево, кои волонтерски се грижат за Осломејско Езеро, забележуваат намален број на крупни примероци на крап во езерото. Езерото, со доброволни прилози на вистинските спортски риболовци, во два наврати беше порибено, и тоа токму со примероци на крупен крап.
– Последните неколку месеци забележливо е намалено присуство во езерото на крупни примероци на крап, кој го пуштивме во оваа акумулација во две порибувања, во 2018 и 2019 година, кога во езерото беа пуштени близу еден тон крупни примероци крап, со тежина од два до три килограми. Намаленото присуство на крупниот крап се должи на ловкрадството што го вршат одредени т.н. спортски риболовци, кои, наместо по уловот крапот да го вратат во езерото, најчесто си го земаат со себе. Ние како здружение на спортски риболовци не можеме да вршиме 24-часовен надзор врз езерото и им препуштаме на самите риболовци да одлучат дали крапот што ние го плативме од сопствен џеб ќе го вратат во езерските води или ќе го понесат со себе дома – вели Мире Ночески, еден од најактивните членови на риболовното друштво.
Тој, и покрај овој проблем, е задоволен од мрестот на крапот и зголеменото присуство на рибен подмладок во езерото, но вели дека не е задоволен од тоа како е уреден езерскиот појас. Затоа членовите на ова друштво неодамна почнаа акција за негово уредување, со доброволни прилози и доброволна работа на рекреативците и риболовците од градот и околината. Ночески апелира сите што можат, да дадат придонес за ова.

– И покрај тоа што Осломејско Езеро има стабилен водостој во текот на целата година, за негова афирмација и подобар изглед му недостига уредена околина, за што ние ќе се погрижиме во понатамошниот период, со доброволни прилози и во соработка со синдикалната организација на РЕК „Осломеј“ да го дотераме и да го направиме ова езеро посакувана дестинација за спортските риболовци и рекреативци, кои имаат желба да го посетат овој локалитет, независно од каде доаѓаат – заврши Ночески.
Добрата вест поврзана со ова езеро е сѐ поголемото присуство во него на ситен крап, што се должи на успешниот мрест во последните три години. За да има побрз прираст на рибниот подмладок, риболовците вршат редовно прихранување, што ќе придонесе крапот побрзо да расте.

Извор:Нова  Македонија

Слични написи

Back to top button
Close