Крушевските жени обединети во збогатување на туристичката понуда во Крушево
Крушевските жени обединети во збогатување на туристичката понуда во Крушево
Три невладини организации во кои членуваат жени здружени со свои активности ја зголемуваат туристичката понуда во Крушево. Целта им е да го претстават најдоброто од овој крај и со помош на уникатни услуги и автентични производи да го привлечат вниманието на домашни и странски туристи. Станува збор за платформа која од една страна ги вреднува вештините на жените , a од друга со своите активности ја збогатуваат туристичката понуда во градот. Оваа платформа ги обедини Здружението „Крушевска жена“, „Здружение за туризам и угостителство“ и Здружение „Центар за хумани односи“ од Крушево.
-Првично сакавме да се обединиме околу еден проект за соработка со општината заради поголемо учество на граѓанскиот сектор во работата на општината. Се здруживме три невладини организации во еден заеднички проект. Требаше да опремиме еден заеднички простор каде ќе се собираме и ќе можеме да ги планираме и промовираме нашите активности. Видовме дека здружени сме појаки и почнавме да ги осмислуваме нашите активности, вели за Зелена берза Лефкија Гажоска член на здружението за туризам и угостителство, а воедно и координатор на платформата. Не е само заедничкото дружење, Крушево е туристичка дестинација и „греота“ е овој автентичен простор да остане неискористен така што жените придонесуваат дополнително не само за економијата на својот дом туку и за развојот на градот. Подолго време сакавме да ги обединиме сместувачките капацитети во една заедничка веб страница и се она што може да ја подобри понудата додава таа.
„FEEL Krusevo – Социо економски центар за туристички услуги“ е заедничката платформа која ги обединува понудите од сите членки кои ги има на број околу 60. На веб страницата www.feelkrusevo.com може да се најде сето она што може да го привлече вниманието на туристите од апартмани за сместување, традиционална храна и други активности кои го отсликуваат животот на Крушево. Според една студија, како што вели Гажоска, во Крушево последните 10 години повеќе се застапени странските туристи. Идејата е токму со оваа платформа да се привлечат и домашните туристи.
Традиционалната храна е еден од белезите на Крушево за кој се грижат членките од Здружението „Крушевска жена“. Целта им е како организација на рурална жена за самоодржување да се искористат вештините на жените. Ги има дваесеттина на број и со задоволство подготвуваат најразлични производи, кои имајќи го предвид поднебјето. го носат предзнакот еколошки.
-Најразлични видови слатка (малинки, капини, рибизли, дуњи, смокви и други полодови), разни видови ликери, ракии, разни видови на лековити билки како што е сируп за искашлување,и многу други производи кои може да помогнат за лечење од одредени болести, се дел од широката палета на производи што ги подготвуваме. Производите не може да се најдат по маркетите. Најчесто ги презентираме пред туристи, на саеми и базари, вели Константина Ѓоршеска член на “Крушевска жена“. Еколошки се бидејќи плодовите ги собираме од природна чиста средина. Организираме прошетки во природа и во зависност од периодот во годината собираме плодови, билки и сл. така може подеднакво да уживаме и во природата и во тоа што го работиме. Потоа се организираме, една прави слатко од јагоди, друга прави ликер, трета нешто сосема различно итн. во зависност од вештините на жените. Немаме ХАСАП систем, ама правиме сè како што треба . Билките и разните чаеви ги сортираме и ги сушиме под сенка, теглите во кои се собира слаткото се пастеризираат и за секој производ имаме декларација со име на производителот и рок на траење, објаснува Константина.
Како што велат од „Крушевска жена“ карактеристично за сите производи е што се прават по старите рецепти на нивните мајки и баби, притоа водејќи сметка за хранливата вредност, да ги содржат во себе сите витамини минерали без да се променат нивните органолептички својства. Се разбира најважно е производот да биде здрав и безбеден за консумирање.
-Здружението веќе функционира 5-6 години и најчесто членуваат невработени жени. Освен што доаѓаат до израз нивните вештини, се зајакнува нивната економска положба а придонесуваат и во збогатувањето на туристичката понуда на Крушево. Досегашното искуство покажува дека туристите што доаѓаат сакаат да понесат со себе нешто традиционално што ќе ги потсетува на Крушево сеедно дали е тоа храна или нешто друго, вели Ѓоршеска.
Крушево има повеќе производи по кои е препознатливо. Крушевската пита е позната на секаде и се разликува од оние во другите места бидејќи се прави со три кори. Крушевски локум и целувки, домашни колбаси се најбараните. Крушево има богата историја и култура која вештите крушевски жени се обидуваат да им ја приближат на сите посетители.
Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија
Павлина Јовановска