Крушите тежат годинава од род
Овоштарите веќе можат да се пофалат со добар род на крушата
Многу од овоштарите веќе можат да се пофалат со добар род на крушата. Неа ја има на пазарите и се наоѓа по цена од 50 до 60 денари за килограм. За разлика од претходните години кога имаше штети, родот беше помал, а цената повисока, оваа сезона е подобра.
„Јас имам 40 дрвца круши. Родот е добар. Моите дрвца се млади, пред 5-6 години се засадени. Килограм ги продаваме по 50-60 денари. Ги нудиме по роднини, пријатели, ги носиме по пиљари. Од 40 дрвца, набрав 300 килограми круши. Постарите садници ќе родат повеќе, можеби и двојно“, вели овоштар од кавадаречко, пренесува faktor.mk
Постарите овошни садници имаат полн род. На македонско тло се одгледуваат повеќе сорти на круши.
„Дали има добар род, тоа зависи од место до место. Јас годинава со болести имав проблем, требаше повеќе заштита. Нема да биде идеално, ама нема да биде ни слаб родот на крушата. Едно дрво може да роди 10, 15 килограми. Зависи од годината. Значи после 8 години имаат полн род. Кај мене доминира една сорта, виљамовка, а останатите 20 отсто се други сорти. Имам над 1.000 дрвца“, објаснува Зоран Стоилков, овоштар.