fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Митко Јанков- Жална и тажна е состојбата во овчарството

За да не го изгубиме овчарството одгледувачите на овци бараат навремена исплата на субвенциите, закон за пасишта и нормални откупни цени. Секаде во соседството јагнето има повисока цена, на светските берзи расте цената на јагнето само кај нас трговците сакаат да спечалат на грбот на сточарите.

„Жална и тажна е состојбата во овчарството“. Со овие зборови Митко Јанков долгогодишен одгледувач на овци од велешкото село Ораовец и претседател на здружението на сточари Агроцентар ја опишува состојбата со овчарството во Македонија. Според контактите кои ги има со сточарите состојбата во овчарството последниве неколку години е загрижувачка бидејќи драстично се намалува бројот на овците кај одгледувачите. Само оваа година проценките се дека за 30% е намален бројот на овците.

-Главните причини за лошата состојба се ниските откупни цени, ненавремените субвенции и недостигот од работна рака. Принудени се овчарите да го намалуваат бројот на грла, бидејќи не може да се најдат овчари кои си ја знаат работата. Не само што не може да најдеме туку се и многу скапи и си бараат од 500 до 600 евра месечна плата. Еве јас, не можејќи да најдам овчар, цела зима не ми се пуштени овците, односно половина  јаловите одат на паша додека оние што се јагнети се на храна цела зима во трлото. Со овие цени на храната кои постојано се зголемуваат и една вреќа концентрат достигна и до 500 денари и со цените на јагнето кои постојано се уриваат не можеме да си дозволиме овчари, па мора да ги намалуваме стадата. Да не правиме споредба со европските земји, еве да се споредиме со соседите со Албанија и со Србија, секаде јагнето има повисока цена од кај нас, а нејасно е како на светските берзи гледаме дека цената на јагнето расте, а кај нас цената е иста 150 денари. Дури слушам дека некои потрчковци на трговците ја уриваат цената и нудат по 145 денари, но тоа не треба да го дозволиме. Сакам да упатам апел до сточарите да се информираат кај  другите сточари и да не подлегнуваат на вакви манипулации за некој да печали на нивниот грб, рече Митко Јанков претседател на здружението Агроцентар Велес.

Сточарите се обидуваат здружени преку Сојузот на одгледувачи на овци да делуваат и да извршат притисок да не им се уриваат цените, туку да се плати реално цената на јагнето. Според истражувањата на Сточарскиот институт производната цена на јагнето е 184 денари, цена што би донела задоволни сточари и развој на оваа сточарска гранка.

-Пред 4-5 години јас лично продадов јагне за нова година по 210 денари за килограм и не било порано новогодишното јагне под 180 денари,  додека велигденското било секогаш за 20% со пониска цена од новогодишното. Кога ќе видиме дека за Нова година ни го земаат јагнето по пониска цена нас јасно ни е што не чека за Велигден. Тоа и се случи пред некоја година кога по 110 денари го земаа велигденското јагне. Ја знаеме производната цена дека е 184 денари и да не земеме 10 те денари предвидени за нашиот труд и да е 175 ние пак ќе работиме успешно, но со овие цени кои ги диктираат трговците треба навистина да се преземе нешто. Најдобро е да се тргнат од овој бизнис и да го остават на некој што ќе го развива наместо да го уништува или ние размислуваме како задруги и самите да извезуваме, па нив нема да им остане ништо освен на кланиците да колат и од тоа да живеат, додава Јанков.

Според сточарите пандемијата веќе не треба да се користи како изговор кога се виде дека и кога беше Италија целосно блокирана лани сепак најголемиот дел од јагнето се извезе и само се калкулираше да се земе по пониски цени. Годинава веќе не се блокирани границите и немаат изговор трговците. Задругите се начин сточарите да сменат нешто бидејќи како е тргнато овчарството ќе замре. Последните проценки на сточарите говорат дека во земјава има околу 400 илјади грла на овци што покажува дека оваа гранка е во постојан пад. Тие побараа и навремена исплата на субвенциите за овците. Сметаат дека парите од субвенциите треба да се исплаќаат најдоцна до февруари за да не може трговците да ги уценуваат за цената на јагнето. Така ќе имаат пари за храната која е потребна за стоката и нема да мора да продаваат по пониски цени за да ги задржат другите овци.

Друг важен проблем според сточарите е одлагањето на донесувањето на законот за пасишта веќе 7-8 години. Несфатливо е како еден толку голем државен апарат да не може со години да донесе закон за пасишта кој за сточарите е многу важен. Само со таков закон ќе можат да конкурираат за ИПАРД фондовите и да ги модернизираат бачилата, бидејќи според сегашните услови тие на секоја година потпишуваат договори за закуп за пасишта, а според европските правила кои ги бара ИПАРД тоа треба да биде најмалку на десет години.

Само со европските фондови може да се надеваат на модернизација и осовременување за да ги исполнуваат европските стандарди и да има развој сточарството.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close