вестиСоветиХрана

Квалитетен принос на лута пиперка

(Oвој напис е објавен на: декември 23, 2017)

Пикираниот расад од лута пиперка се расадува во оранжериите и пластениците. Особено внимание при одгледувањето на лутата пиперка треба да се обрне на условите. Највисоки приноси се постигнуваат при дневна температура од 25°С, а ноќна 20°С и температура на почвата од 25°С. Оптимална температура за одгледување во заштитен простор при сончеви денови е 25-28°С, а при облачно 22- 25°С.

Температурата не смее да падне под 16°С и не треба да има големи температурни амплитуди помеѓу дневната и ноќната температура. Релативната влажност треба да биде 60-70%, а влажноста на почвата 70-80% од максималниот воден капацитет.

Ѓубрење:

Свежо арско ѓубре (октомври или ноември);

Прегорено арско ѓубре (февруари и март): 40-50 т/ха.

Кај раноградинарското производство овие активности се изведуваат порано.

Сеидба

За 1 ха е потребно да се обезбедат 55.000-60.000 растенија расад. За рано производство е потребно 20-25 грама семе за 1 м2, за среднорано и доцно производство 12 грама семе за 1 м2. Семето се покрива со дезинфициран и просеан компост или тресет во слој од 1,5 см. Семето треба да се покрие со три пати подебел слој од пречникот на семето. Прихранувањето на расадот се спроведува два пати. Прво во фаза на првите два постојани листа и втор пат 15-20 дена подоцна. На десет литри вода се ставаат два грама азотно ѓубре (КАМ и четири грама суперфосфат и со таа суспензија се поливаат 3 л/м2. Потоа расадот се измива со чиста вода. Прихранувањето се извршува при облачно време или приквечер – фолијарно. Добар расад е од 15 до 18 см, со 6-8 добро развиени листа, стеблото треба да биде збиено и еластично, со добро развиен коренов систем и бочни коренчиња.

Расадување

Кај крупните сорти расадувањето во редови е 70-80 см (меѓуредово) х 30 см (редово);

Расадување во дворедни ленти: 90 (меѓуленти) х 60 (лента) + 60 х 30 (редово). Расадувањето на тип на шипка или лута пиперка е 60 см (меѓуредово) х 25 см (редово);

Расадување во дворедни ленти: 70 (меѓуленти) х 40 (лента) + 40 х 25 (редово). Окопувањето треба да се направи 15-20 дена по расадувањето. Прихранување се врши два пати: 25-30 дена по расадувањето со KAN во доза од 300 кг/ха, а вториот пат 20-25 дена по првото прихранување во време на интензивното растење на плодовите, а со комбинација од азотни и ^РК ѓубрива. Практично значи дека треба да се земат 200 кг/ха KAN и 200 кг/ха NРК (10:30:20 или 15:15:15). Ако е потребно, се врши трето прихранување по првата берба на технолошки зрелите плодови со иста мешавина во количество од 300 кг/ха.

Во секој случај, препорачливо е да се врши агрохемиска анализа на почвата, како и проверка на рН и ЕС вредности за да се препорача соодветна прихрана и додавање на макроелементи и на микроелементи кои се потребни во фазата на развојот на растението. Прихранувањето се врши заедно со наводнувањето преку системот капка по капка. Многу е важно да се знае дека многу поголем проблем се случува со повеќе прихранување отколку со помалку, бидејќи храната може многу лесно да се додаде, а тешко и ризично е да се врши нејзино измивање. Што се однесува до заштитата, се препорачува таа да биде превентивна и да почне уште со самото расадопроизводство. Препораките за заштита се општи без дијагностицирање на болеста.

Пред употребата на пестицид, производителот задолжително треба да го прочита упатството за употребата на препаратот, како и каренцата и времето на примената. Наведените препораки спаѓаат во доменот на стручно лице.

Наводнување

Влажноста на почвата треба да биде 70-80% од максималниот воден капацитет. Највисок принос се постигнува со температура на водата 20-22°С. Од средината на јуни до крајот на август треба да се наводнува на секои 7-10 дена. При прекумерно наводнување, посебно на тешки почви, заостанува порастот, лисјата жолтеат, цветовите паѓаат. Особено внимание треба да се обрне при раното производство на пиперка во заштитен простор и при контролирани услови. Препорачливо е почесто наводнување, но со помало количество вода. Прекумерното наводнување со вода доведува до зголемување на ризикот од напад на болести.

Берба

Бербата кај краткоплодни сорти се изведува 60-65 дена по расадувањето. Сорти со лути плодови се собираат 15-20 дена порано (40-45 дена по расадувањето).

Извор: Моја Земја

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close