вестиМакедонијаТоп вести

Лејки лични како невести одгледува етнологот Славко Горгиев 

Модерните садови одамна ја потиснале употребата на лејките, а тие сега имаат декоративна примена.

Штипјанецот Славко Горгиев е етнолог, а многумина го препознаваат по неговите лејки кои ги одгледува во дворот од семејната куќа. За оваа убавина што ја негува вели дека е ‘виновна’ неговата професија. За него лејките не се само украс на старата лозница туку значат многу повеќе, бидејќи ги споил љубовта кон градинарството, професијата и традицијата.

-Знаете во минатото не можело да се замисли домаќинство без лејки кои биле користени најмногу за црпење на вода, вели Славко додавајќи дека истите имаат долг век на траење и може да бидат флексибилни дури и да паднат од височина од еден метар и да не се скршат. Идејата за да посади лејки во дворот била со намера да ја продолжи традицијата, бидејќи новата технологија ги потиснала од употреба и тие го изгубиле значењето. Така лејките познати и како ‘црпалки’ од минатото, последниве децении претежно се користеле како декоративен елемент во дворовите и домовите.

Од родното село Борилчево, Славко донел неколку семки и ги засадил во дворот. Така секоја година на неговата лозница има и грозје и лејки. За нив вели дека не е тешко да се одгледуваат и бараат сонце но истакнува дека мора да бидат на височина, до скеле или на било какво дрво за да можат да пуштат и да растат нејзините ластари. Се садат на пролет, а во доцна есен се берат плодовите. Оваа година Славко вели дека климата била поволна и неговите лејки пораснале поголеми.

Лејката е традиционално едногодишно растение со форма на крушка кое го има на целиот Балкан во различни форми и димензии, некои и со различни шари. Нашиот етнолог за лејките што ги одгледува тврди дека  се старо семе од традиционална македонска лејка која што најмногу успевала на ова поднебје.

-Кога видов како луѓето, со каков пиетет се однесуваат кон лејката одлучив да садам, вели Славко кој по истражувањата на терен во селата во Штипско, посведочи дека таму запознал и постари луѓе кои се уште чуваат лејки од детството, а како што раскажале, тоа биле лејки со кои како деца биле капени од своите мајки.

-Моите лејки во дворот се лични како невести, вели со воодушевување нашиот соговорник, додавајќи дека особено се убави кога ветрот како лулки ќе ги заниша нежно, па минувачите застануваат, ги гледаат и се восхитуваат.

-И мене лејките под ноемвриското сонце знаат да ми ја стоплат душата, не очекував дека толку ќе привлечат внимание. Доаѓаат луѓе гледаат и се интересираат, вели Славко. Многумина ги посакуваат неговите лејки, па секоја година му остануваат се помалку семки за наредната, бидејќи постојано ги подарува. Оваа година објавил фотографии на социјалните мрежи, по што  следувало лавина од коментари и нарачки за лејки.

Модерните садови одамна ја потиснале употребата на лејките, а тие сега почесто имаат декоративна примена, од нив се прават ламби, светилки, а некои ги резбаат и прават вистински уметнички дела.

Семките од лејка се тврди и не се за јадење, ги има од 50 до 60 семки во лејка, а тоа значи толку нови садници. Се берат во ноември пред  да ги фати сланата. Се уште за нивно поинтензивно производство во земјоделството нема интерес, но ги бараат луѓе што собираат треви и прават чаеви, а се бараат и за лек за многу болести.

-Ми тропнале многумина на врата и не сум ги одбил, вели Горгиев.

Што друго да се каже за лејките на нашиот Славко. На скелето на старата лозница веќе се оставени последните лејки, но напролет тој повторно ќе ги сади и ќе им даде живот за уште многу дарови од природата и уште повеќе воздишки за времето минато или за случајна насмевка на лицето на дечињата, за кои ако не се јадат тогаш е играчка. А најмногу за радост на оние кои го пронашле лекот и оздравеле од лековитите семки. Друго не останува, етнологот Славе и догодина ќе сади лејки и ќе ги подарува, во име на традицијата како сувенир од нашето не така далечно минато.

 

Јулија Малинова

Слични написи

Back to top button
Close