Планински чај, Кантарион, Врбовка, Чиче, Бозојна се само дел од 140 -те видови на чаеви кои ги собира на Шар Планина билкарот Шабан Абдиу од Шарпланинското село Јеловјане.
Тој има извадено сертификат за собирање на чаеви. Вели дека на шарскиот предел има само двајца кои го собираат чајот. Ретко кој се занимава со оваа дејност затоа што за чајот нема пласман, вели Абдиу. Моментално ни го земаат некои трговци кои имаат свои тезги на тетовскиот пазар.
-Јас отприлика собирам еден тон чај преку цела година, и другиот што собира отприлика толку собира. Значи богаството на Шара кое нуди над 200 видови чаеви од кои јас познавам околу 140 воопшто не е искористено. Можам слободно да кажам дека на Шара за една година може да се собере стотици тони чај, ама еве гледате поради немање откуп колку малку се собира чајот кој е многу добар природен лек, вели Шабан Абдиу билкар од село Јеловјане.
Тој додава дека порано имало откуп од Србија од фабриката Алкалоид, но сега тој откуп го нема. Смета дека на домашните фабрики кои пакуваат чај, треба државата да им го контролира неконтролираниот увоз на чај од станство, за да можат тие да го продадат нивниот чај.
-Неискористени се овие плодови пропаѓаат. Треба да имаме пласман, јас имам двајца браќа кои ова не го работаат, ми велат кај да го носам чајот ако го соберам нема каде. Алкалоид на пример зема чаеви од други држави за поефтино. Тие ни бараат за едно кило на пример кантарион да им го продадеме за 50 денари. Треба државата тука да интервенира да го запре неконтролираниот увоз на чаеви, за да не заштити нас за да можеме да ги продаваме и нашите чаеви, вели Абдиу.
Чајот го има во изобилство, но поради незнaење многу се уништува.
На Шара може да се забележат и многу диви собирачи на чај. Тие наместо да го собираат го корнат чајот од корен и повеќе на тоа место ја нема билката. Проблем се и дивите свињи кои многу ниско слегуваат на планината и буквално се хранат со чајот. Поради ваквото трајно уништување на чајот, некои видови на чај се забранети за берење како на пример Салепот.
-Чајот се уништува и од дивата свиња сега на планина нема многу луѓе и таа слегува доле и го јаде салепот. И човекот исто не знае да бере, наместо да го бере, го кине со голи раце. Има специјални ракавици без ножици го берат едноставно без алат. Не можеш без алат и не можеш каде сакаш да го ставаш во плетени торби треба да се собира, а не во најлони и слично, затоа што така чајот ги губи лековитите својства. Има неодговорни собирачи на чај, ни раскажаа познавачите на оваа дејност кои го собираат Шарпланинскиот чај, но само за свои потреби.
Шарпланинскиот чај не знаат да го берат, но и да го користат.
Билкарот Шабан Абдиу вели дека голем број муштерии кои ги има, на своја глава употребуваат чаеви. Вели дека им дели совети оти секој чај не смее да се употребува ако одредено лице не боледува од некоја болест. Ако се користи чајот за вистинската болест, тогаш тој може народски кажано мртов човек да го крене на нозе, ни раскажа Бадиу преку една случка која него лично му се случила.
-Имам една случка за Ивина трева ја викаат. За таа трева има една поговорка од мртов човек прави жив. Се случи тоа. Кај мене еден човек дојде во 2 по полноќ, ми вели имал тумор на надворешен рбет и морал чајот да го пие. Ми вели колку чини, му велам 100 денари, вели не тоа е малку. И после една година ми вели човекот дојди со мене да те почастам, сакам да те наградам дека чајот многу помогнал. Тој чај е специјален за тумор и рак, но не можеш ако си здрав да пиеш се и сешто. Ако некој ми побара чај, веднаш го прашувам зашто ти е тој чај, што мака имаш, не смеам се да продавам. Има една билка маслинка се вика, таа гори и служи за реума. Денес дојде ми бара еден човек го прашав зошто ти е, и морам да му објаснам таа дава голема температура над 80 степени, таа се става на кожата само еднаш ќе поминеш на телото и толку. Многу бараат за камен во бубрег тоа го лечи коњското опавче и смреката. Црвениот кантарион и копривата е многу здрава да ја пиеш. Има една поговорка вели – кога би знаеле луѓето колку е копривата здрава, би саделе во бавчите а коприва има колку сакаш на Шара, рече Абдиу.
Чаевите на Шара се берат над 1000 метри надморска височина. Речиси во текот на цела година може да се собираат чаеви. Во март почнува да се бере петопрст, па се до декември може да се собираат над 200 видови чаеви на шарпланинскиот масив.
Зоран Димовски