fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурален туризамТоп вестиФотогалерија

Лесновскиот манастир – лек за духовен мир

Разговор со монашкото братство-„Човек тешко доаѓа до Лесново, а уште потешко си оди од него“.

Манастирот, посветен на Свети Гаврил Лесновски, претставува духовно светилиште и синоним на вековното македонско духовно постоење. Монасите ќе ви раскажат дека Свети Гаврил живеел во пештерите околу манастирот. Таму постел, се молел. По изградбата на црквата, Свети Гаврил се повлекол на молитва, во една ќелија на планината, на 3,5 часа пешачење од Лесновскиот манастир, на местото Облов Рид. Таму ги минал последните 30 години од животот. Според многумина, манастирот бил изграден кога Свети Гаврил се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвижничкиот живот, некаде во 11 век. Денешнава црква е онаа возобновена во 14 век врз старите темели. Од тогаш датираат и фреските, кои се значително оштетени по Втората светска војна, кога биле прогонувани монасите, па немало кој да се грижи за манастирот. Монасите велат дека една од најголемите библиотеки во православниот свет била токму во Лесновскиот манастир, но сите книги се изнесени со Балканските и светските војни. Голем дел од ракописите се во библиотеките на соседните земји и по приватни колекции низ Европа.

Црковниот храм во манастирскиот комплекс е посветен на свети Архангел Михаил. Изградена е во 1341 година врз темели од постара црква, која постоела уште во 11 век, во времето на Гаврил Лесновски. Една од најголемите вредности е фрескоживописот, завршен неколку години по изградбата. Низ вековите биле изградена и припратата на црквата, монашките ќелии и трпезаријата. Пространите двокатни конаци се изградени во 19 век, а обновени во 1980-тите. Во поново време, во 1999 година, на дел од конаците е изграден параклис посветен на свети Наум Охридски Чудотворец.

Во Лесновскиот манастир некогаш имало и по 300 монаси, а и денес се негува монашкиот живот, кој е возобновен со доаѓањето на Свети Гаврил Светогорец во 1975 година.

Самиот манастир, а и селото Лесново се сместени во згаснат вулкански кратер, и затоа околината на селото изобилува со многу пештери, кои своевремено селаните ги користеле за вадење на воденични камења. Лесновскиот воденичен камен бил еден од најдобрите по квалитет на Балканот. Според едно предание на Лесновската гора, заедно живееле Свети Прохор Пчински, Свети Јоаким Осоговски и Свети Гаврил Лесновски. Секој од нив основал манастир, а Свети Гаврил како најмлад останал тука на Лесновската гора.

З.Б-Кое е значењето на Лесновскиот манастир за МПЦ-ОА, и за нашата државата?

Во својата десет вековна историја, Лесновскиот манастир претставува духовен и книжевен центар во нашата земја, па и пошироко. Со својата богата историја, многуте монаси и богатиот фрескоживопис од византискиот период, првиот резбан иконостас изработен од неповторливиот Петре Гарката, (започнат 1811-завршен 1814) многуте околни скитови и пештерни цркви и присуството на два познати и многу непознати светители, плени со својот духовен мир и божја благодат.

З.Б-Под чија надлежност е манастирот и особено значењето на монашкото братство?

Манастирот денес е во рамките на древната Брегалничка епархија на чие чело е високопреосвештениот митрополит Иларион. Во 14 век самиот манастир бил седиште на тогаш формираната Злетовска епархија на чие чело биле Светите Јован и Арсениј, епископи Злетовски.

 

З.Б-Како тече еден ден во манастирот, кога започнува утринската богослужба и како се организира една света литургија?

Манастирските секојдневни Богослужби започнуваат во 6 часот, со полуноќница, утринска служба, часови и света литургија. Вечерната Богослужба е во 16 часот, а повечерието во 18 и 30 часот. Во неделите и во празничните денови, службата започнува во 6 и 30 часот, во чие учество земаат машки, женски како и детски црковен хор.

На неделните литургии присуствува и броен верен народ од околните места и градови, но и од подалеку. Во саботните и неделните денови по завршувањето на Богослужбата се отвора кивотот со светите мошти на Свети Гаврил, епископ Велички  Светогорец и по цел ден се читаа молитви на верниците кои доаѓаат на поклонение во манастирот. Внатре во црквата е и кивотот со моштите и на основачот на манастирот Свети Гаврил Лесновски. Овие двајца светители помогнале и помагаат на многу луѓе. Сведоци сме на многу исцеленија од секакви болести: душевни болести, канцер, немоќ, проблеми со говорот, одењето, многу бездетни сопружници добија рожби.

З.Б-Колкава е поврзаноста на верниците од епархијата со манастирот и монашкото братство?

Голем број од верниците кои се манастирски духовни чеда помагаат во одржување на манастирот, помагаат во украсување на манастирскиот двор, но и во собирање на храна за кравите и овците. Дел од верниците што доаѓаат во манастирот  земаат активно учество во машкиот, женскиот и детскиот црквен хор и со тоа се збогатува литургиското живеење во манастирот.

 

З.Б-Колку посетеноста на манастирот ја помага манастирската економија?

Манастирската економија се темели на производство на кравјо и овчко млеко и на продавницата за свеќи и сувенири. Манастирското братство обработува ниви со жито, пченка, детелина, како и пластеници со домати, пиперки, компир, лук, кромид и др.

З.Б-Имате ли добротвори што го помагаат манастирот (обнова, реставрација, нови градби…)?

Денешните конаци до камбанаријата ги има обновено Светиот Гаврил Светогорец во осумдесеттите години на 20 век. Источниот конак како и северните конаци од камбанаријата до крајот се обновени во изминатите десет години  од монашкото братство. Од оваа година почна реставрацијата на стариот оловен кров на манастирскиот храм во соработка со Националниот конзерваторски центар.

З.Б-Од кога се најстарите записи за постоењето на Лесновскиот манастир?

Според старото пролошко житие на Свето Гаврил Лесновски пишувано од Станислав Граматик, најпознатиот препишувач од Лесновската препишувачка школа-од 1330 година, манастирот е основан од Преподобниот Отец Гаврил во 11 век. Тој бил по потекло од  кривопаланечкото село Осиче, роден во семејство на богати побожни христијани кои биле бездетни. Тие го измолиле од Бога и им бил син единец. После стекнатото образование кај познат учител и доволна возраст, неговиот родители го вериле за девојка од познат род. Но, желбата на момчето Гаврил од мали нозе била да служи на Бога во монашки чин. По Божја промисла, невестата уште веднаш се упокоила, пред да заживеат. Тој се збогувал со родителите и заминал во манастир (стапил во монашки чин). Се населува во Лесновската Гора, која била пусто место. Живеел во пештерите околу манастирот, кои и денес се место за поклонение на верниците. Околу светиот отец се собира првото монашко братство. Откако ги утврдил браќата во монашкото живеење им поставил кој да биде нивен игумен, самиот Свети Гаврил се повлекол во една пештера на 3,5 часа одење, североисточно од манастирот, во една тешко пристапна гора со име Облов рид или по византиски Стронгило. Таму ги поминал последните 30 години од својот живот во пост и молитва. По неговото упокојување, неговото тело останало цело и испуштало големо благоухание. Монасите со поворка го пренеле од пештерата во манастирот и го положиле во неговиот кивот, во храмот каде што и денес е извор на исцеленија за многу луѓе што доаѓаат со вера и молитва.

Денешниот храм е возобновен во 1341 година, од деспотот Јован Оливер кој бил владетел на овој крај и сопственик на кратовските рудници за злато. Фреските се завршени 1346/47 година во византиски стил и се едни од најубавите во православието. Чести се посетите на професори по византиска уметност со студенти од Европа и пошироко. Главниот храм е посветен на Светиот Архангел Михаил.

Во манастирските конаци има два параклиса, едниот посветен на Преподобниот Наум Охридски, а другиот на Светите Јован Крстител и Јован Богослов, апостол и евангелист. Во источниот конак кој е возобновен има и голема празнична трпезарија која собира околу 230 верници. Околу манастирот се наоѓаат 22 скита (помали манастири) кои во период на Османлиското ропство се запуштени. Два од нив се возобновени, Пресвета Богородица-Балаклија и Свети Спиридон-Чудотворец. Заради мноштвото метоси (манастирска земја) околу манастирот, скитови, пештерни цркви, испосници и многуте монаси кои во минатото биле околу 300 на број, Лесновската Гора ја нарекувале „Монашка република“.

Манастирската духовна светлина и денес се излева во срцата на многу богобаратели кои  го посетуваат ова древно светилиште. Луѓето тука го оставаат своето бреме и маки, а си одат олеснети полни со мир и радост.

Во манастирската црква, во наосот, на еден од столбовите се наоѓа фреската на Мајката Божја-Брзопослушничка која е чудотворна.

З.Б-Раскажете ни за житието за Свети Гаврил Светогорец?

Во манастирот живеел и е упокоен новиот свет отец Гаврил Епископ Велички- Светогорец (1926-12. 01. 1990). Во манастирскиот храм почиваат и неговите свети мошти кои се извор на многу исцеленија. Бил професор во Штипската гимназија и Учителска школа, каде со својот клас бил со најдобар успех во Македонија. Побожен од мали нозе, тој и како професор не изоставал да оди во црква, па на работа. Во времето на комунизмот се трудел да ја пренесе христовата вера во срцата на младите луѓе. Се уште има живи сведоци од неговите ученици кои со восхит и солзи во очите зборуваат за својот душегрижник и професор во чии лик го спознале Христа. Заминал на Света Гора Атон 1963 година, каде што се замонашил. Заради недобивање на документи од грчките власти после 7 до 8 години морал да се врати во родната Македонија. Бил во скопските манастири за да во 1975 година, дојде во Лесновскиот манастир. Тука доаѓа и неговиот роден татко на постари години, се замонашува како монах Кирил.

Светиот Гаврил Светогорец три месеци од својот живот бил чувар на гробот Христов во светиот град Ерусалим. Во тоа време се реновирал кровот на храмот на Воскресението и тој собирал пари од наши верници за да и нашиот народ учествува во обновата на храмот на Воскресението во Ерусалим.

Светиот отец Гаврил е автор на неколку книги со духовна содржина меѓу кои: „Во пресрет на 2000 годишнината од Христијанството“, „Триесет и три песни за Ерусалим“, „Света Гора-Небесна земја“, „Чудата на Пресвета Богородица“- (негов превод).

Светиот Гаврил Светогорец, кај селаните во Лесново е познат како „испосникот“, бидејќи целиот свој монашки живот го поминал во строг пост, без масло. Се кажува дека сабота и недела од маслото во кандилото со прст лизнувал помалку. Бог го прославил со многу чудеса и заедно со Светиот Гаврил Лесновски бдеат над манастирот и даваат исцеленија на сите што доаѓаат во него.

 

З.Б-Приказната за долговечната црница?

Во дворот на манастирот се наоѓа и старата црница која опстојува преку 660 години. Од коренот израснати се четири гранки во форма на крст. Секое лето од почетокот на јули, до крајот на септември, дава многу вкусни и благи плодови. Како што ќе рече нашиот архиепископ Стефан, кој своевремено беше митрополит Брегалнички-„Човек тешко доаѓа до Лесново, а уште потешко си оди од него“.

 

Анета Блажевска

Фото-Ивона Кочов

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close