Лошата хидролошка состојба сериозен удар за акумулациите
Лошата хидролошка состојба сериозен удар за акумулациите
Климатските промени лошо се одразуваат хидролошката состојба на водите во државата.Сушата задава сериозен удар на акумулациите што ќе се одрази и врз земјоделското производство.
Сушата се заканува да ги остави акумулациите полупразни. Од тоа дали ќе има доволно врнежи зависи како ќе се планира и како ќе се одвива земјоделското производство годинава. Додека празнењето на преспанското езеро и намалувањето на нивото на водата се заканува да ги повлече и сериозно да го симне нивото на подземни води во околината од каде голем дел од преспанските насади се наводнуваат преку бушотини, во источниот регион од земјава оризо производителите се загрижени за состојбата со водата во акумулацијата Калиманци. Од тоа колку вода ќе има на располагање во оваа брана ќе зависи и како ќе се скрои планот за тоа колку ќе се засее под ориз. Само пред неколку години заради сличен ваков недостиг од вода и неповолната хидролошка состојба во кочанскиот регион површините под ориз беа преполовени и наместо тогашниот план за 4илјади хектари вода можеше да се испорача и ориз се одгледуваше на речиси двојно помалку. И според моменталната состојба со вода во една од нашите поголеми и позначајни акумулации може да се очекува дека ќе има кратење на планираните површини со што климатските промени директно влијаат врз тоа колку ориз ќе се произведува во земјава.
-Моменталната состојба со браната Калиманци не е на некое завидно ниво но сепак има околу 31 милион метри кубни вода , која сепак не ни е доволна . Може да се каже дека од 120 милиони метри кубни колку што е капацитетот на браната оваа вода што сега ја имаме е една четвртина. Хидролошката состојба е лоша. Имавме голема суша во текот на 2019 година , но и покрај тоа имавме успешна година, но за сметка на тоа не успеавме да заштедиме поголема количина на вода во акумулацијата. Се надеваме на врнежи во претстојниот период. Не зависно дали е снег или дожд иако подобро е за полнење на акумулацијата да имаме дожд со оглед на големото сливно подрачје кое го има браната Калиманци, рече Дени Митров директорот на водостопанство Брегалница од Кочани.
Првичен план за тоа колку површини ќе се опфатат под ориз годинава е направен но неговото детализирање ќе се знае за околу месец и пол откако ќе се види каква ќе биде хидролошката состојба и колку вода ќе има на располагање. Во ваква година кога секоја капка вода ќе биде драгоцена особено е важно да продолжи да се реализира со засилено темпо планот за обнова и рехабилитација на каналската мрежа која е стара повеќе од 50 години, со што би се избегнале непотребни загуби на вода со што и практично се прават заштеди на вода. Лани се исчистени 270 километри каналска мрежа за наводнување и одводнување што е за околу 30% повеќе во однос просекот во претходните 5 години. Во моментов се чека согласност за времените вработувања за почне и со бетонирање на местата кои се критични и каде има најмногу непродуктивни загуби на вода.
З.Б.