Лозарите бараат од февруари да ги знаат договорените количини и откупната цена за грозјето
Лозарите бараат формирање Фонд за исплата на грозјето од околу 30 милиони евра, обезбедување алтернативен извоз ако цените се ниски.
Лозарите од Тиквешијата бараат од февруари да ги знаат договорените количини и откупната цена на грозјето по сорти.
Лозарите од здружението „Напредни лозари“ упатија барања директно до министерот за земјоделие Арјанит Хоџа од кого бараат конечно да им се овозможи на почетокот на годината, совреме, а не за време на откупот во септември да ги дознаваат најклучните информации за цената на грозјето по сорти и за количините кои ќе може да ги предадат на винариите.
-Винариите мора совреме да му обезбедат информација на министерот која винарија колку грозје планира да откупи, поединечно од која сорта и по кои цени. За нас лозарите и оваа реколта најголем проблем ќе биде откупот и цената на грозјето. Значи како лозари многу порано треба да дознаеме за откупот и цената на винското грозје, за да планираме како ќе го кроиме лозјето. Ако не го сакаат целото грозје, зошто да се мачиме, да прскаме и да го работиме лозјето, така само ќе го одржуваме. Ако пак, има откуп и се бара квалитет, тогаш секој лозар знае како треба да се сработи лозјето, за поквалитетно грозје, изјави за Зелена бреза, Зоки Пешков, земјоделец од Ресава, кавадаречко, член на здружението „Напредни лозари“.
Здружението на лозарите, уште во јануари до МЗШВ испрати низа на барања со кои бара формирање Фонд за исплата на грозјето од околу 30 милиони евра, обезбедување алтернативен извоз ако цените се ниски, враќање на персоналниот данок на регистрираните земјоделци најдоцна до јуни наредната година, исплаќање на заостанатите субвенции во најбрз можен рок, исплата на редовните субвенции за одржување на лозовите насади до „Свети Трифун”, 14 февруари и паралелно реализирање на дополнителната поддршка.
– Во член 55 од Уставот стои пазарно договарање. Но, има проблем во договарањето меѓу винарниците и лозарите. Винарниците се многу моќни и ги наметнуваат нивните интереси, секогаш меѓусебно однапред договорени на штета на лозарите. Државата треба да го регулира ова. Паметна, одржлива мерка е формирање фонд за исплата на грозје. Тоа не значи формирање нова институција зашто фондот нема да биде институција. Институцијата ја имаме, тоа е МБПР. Таа треба да го менаџира фондот. Фондот би требало да биде околу 30 милиони евра. Државата треба да наложи, ако винарската визба сака да откупува грозје, мора да склучи договор со фондот. Винарниците склучуваат договор со фондот, а фондот им издава лиценца за откуп на грозје, но истовремено винарниците треба да остават гаранција (хипотека) во фондот, истакнуваат од Здружението и додаваат дека целта е исплатата на преземените количини грозје да биде веднаш по продажбата.
Според Здружението, цените на грозјето се ниски, а причините за тоа се непазарно работење и затвореност на пазарот. Винарниците се договараат за откупната цена и ја објавуваат во последен момент, кога лозарите веќе мора да го берат грозјето.
Дополнителен проблем, додаваат од „Напредни лозари”, и натаму е вишокот грозје за кој преработувачите не се заинтересирани зашто им оди во прилог, ја снижуваат откупната цена, а може да се реши веднаш, со преработка во дестилат.
-ПОД ИТНО да се избрише членот 16-б од Законот за исплата на винското грозје. Со тоа се омаловажуваат лозарите и се потценети и условени и на онака ниските цени, грозјето да го дадат уште поевтино, вели Пешков.
Наспроти ваквата ситуација во лозарството, не работат и двата големи капацитета – винарниците „Кокино“ и „Џумајлија“, со капацитет од 32 милиони килограми, укажува здружението.
-Кога има вишок грозје доаѓа до намалување на цената, а тоа доведува до неекономично работење на лозарите. Нивните долгогодишни насади во кои многу инвестирале се осудени на пропаст. Кога има вишоци, предлагаме државата да изврши интервентен откуп, но да не им направи конкуренција на винарниците во делот на наливното вино, туку тој вишок да го направи дестилат. Нема да ја чини многу, а со неговата продажба ќе оствари и заработувачка. Дестилатот не е како виното, со рок на траење и скапо одржување, туку има неограничен рок и лесно се чува и продава, велат од здружението.
Од „Напредни лозари” обвинуваат дека државата сака грозјето да се преработи дома зашто од тоа има интерес и субвенционирањето го врзува со предадено грозје во домашните винарници.
-Извозот на грозје е во неповолна положба во однос на домашните винарници. Домашните винарници ја злоупотребуваат поддршката на државата, а тоа оди на штета на лозарите. Доказ за ова е што цената на грозјето во соседните држави е двојно повисока и тоа за послаб квалитет, коментираат од „Напредни лозари“.
Од МЗШВ велат дека по успешното менаџирање на кризата во лозарството и винската индустрија од минатата година, министерот за земјоделство Арјанит Хоџа вети дека оваа година МЗШВ ќе почне со активности уште пред почетокот на сезоната. За таа цел, отпочнаа разговори со лозарите и винарниците, со фокус на стратешкиот пристап во надминување на сите предизвици оваа година.
-Да размислуваме заеднички еден чекор понапред. Да ги предвидиме условите, да ја процениме и определиме заеднички количината на произведено грозје, со цел да не се создава вишок, а со тоа да имаме регулиран откуп.
Договорено е винарниците да направат реална проценка, велат од МЗШВ.
Анета Блажевска