Лозарите реагираат: Кој вложува пари во нешто, за кое до последен момент не знае по која цена ќе го продаде?
Откупната цена на грозјето се кажува на почеток на февруари, пред закројување, па кому му одговара да го работи лозјето за тие цени и да си прави трошоци, нека повели – реагираат лозари од Тиквешијата, откако од Владата соопштија дека за првпат ќе има откупна цена на грозјето најдоцна до 15-ти јули.
Да се соопштат откупните цени на двете најзастапени сорти на грозје на средина на месец јули, воопшто не ни помага и не ни значи ништо нам, на лозарите. Откупната цена на грозјето се кажува на почеток на февруари, пред закројување, па кому му одговара да го работи лозјето за тие цени и да си прави трошоци, нека повели – реагираат лозари од Тиквешијата, откако од Владата соопштија дека за првпат ќе има откупна цена на грозјето најдоцна до 15-ти јули.
-Со новиот закон за вино, за првпат, ќе се утврдува производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15-ти јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, предвидено е да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството-беше соопштено минатата недела.
Од таму појаснија дека во подготовката на новиот закон за вино министерството посветено работело во консултација со земјоделците, винариите, научната јавност и земјоделските здруженија. Новиот закон за вино имал за цел уште поголем развој на овој значаен сектор, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на винската мапа, како и поголема сигурност за лозарите, информира од Владата.
Но, според лозарите, активните земјоделски работи во лозарството започнувале најчесто на почеток на февруари, во зависност од временските услови, со закројувањето на виновата лоза, па потоа се до гроздобер, течеле трошоците. Како што раскажуваат, само за закројување на еден хектар лозов насад, извршено од страна на искусни кројачи, треба да платат околу 15.000 денари, според сортата на грозјето.
Потсетуваат на трошоците околу прскање, на поскапените препарати за заштита, на поскапената нафта, на трошоците околу лачење, врзување, водарина, работна рака…
Поради тоа се децидни дека откупната цена треба да се знае пред да се започне со работа на лозјата, а не откако лозјата ќе бидат изработени, а производните трошоци направени.
-Ако месец-два пред гроздобер ја дознаеме откупната цена, откако веќе целата лозарска работа сме ја завршиле и остануваат едно до две наводнувања пред берба, тоа значи дека ние сепак сме ставени пред свршен чин. Парите за одгледување на лозата сме ги дале, и нема назад. Но, доколку однапред ја знаеме цената по која ќе се откупува грозјето, ќе имаме можност да одлучиме дали по таа цени ни се исплати да вложуваме и да работиме.https://fokus.mk