Macedonian cuisine – Чувар на македонската традиција
Македонската храна заедно со обичаите, јазикот и културата претставува непроценливо богатство во македонската традиција. И покрај тоа што во минатото на овие простори имало големи влијанија од надвор, сепак уникатноста и мудроста на нашите предци ги сочувале од заборав и оставиле до ден денес да говорат дека на овие простори има автентични и уникатни корени за чиј опстанок треба да се грижат денешните и сите идни генерации.
Macedonian cuisine е веб сајт и фејсбук страница кои повеќе од 4 години претставуват „Чувар на Македонската традиција“. На него се промовирани околу 600 македонски рецепти и бројни културни настани што се случуваат на нашето тло, една разновидност што сама по себе е доказ на нашата богата традиција. Во минатото жената била таа која е најзаслужна за зачувување на нашата култура и традиција. И овој пат организатор и носител на сите активности околу сајтот и традицијата е жена – Гордана Аџиева Михајловска од Битола. Macedonian cuisine е резултат на желбата на Гордана да даде свој придонес во промовирањето на македонската храна и традиција и како што вели „да допре до секој оној што живее надвор од овие простори дури и до оние што немаат во себе ништо македонско“. По професија е информатичар со пасија кон патувањата и фотографијата. Уметничка душа која црта на камења, сака да вози велосипед, а страста кон музиката (свири клавијатури и гитара) значи дека во нивниот дом секогаш има хармонија , позитивна енергија и дружби кои завршуваат со журки.
-Откако почнав да ја реализирам идејата за сајтот се зголеми кај мене љубовта за готвењето. И пред тоа готвев но сега по неколку години активно работење со храна, е поинаку, можам да кажам дека готвам со љубов и голема посветеност . Готвење на брзина не е можно. Секојдневно кај мене нешто се спрема, а децата велат мама е нон стоп в кујна, вели за Зелен Берза Гордана Аџиева – Михајловска. Жена со голем ентузијазам и креативност.
За македонската храна вели дека е разновидна и уникатна за што во голема мера придонесуваат намирниците.
-Нашиот зеленчук е совршенство. Како македонската пиперка и доматот јабучар нема друго место и секоја манџа зготвена со нив е совршенство, вели таа.
Рецепти со главни јадења, салати, супи, чорби и најразлични десерти се сместени во неколку категории, а секако тука е и зимницата со бројни благи и солени рецепти. Посветено работи, а доказ дека е на прав пат е големата посетеност на сајтот и позитивните коментари кои ги има најмногу од Австралија, Америка, Канада, а тука се и оние од Индија, Кина, Тајланд и други.. Со цел да го збогати сајтот а и подобро да ја претстави нашата култура во светот, на сајтот постои и посебна рубрика посветена на настани кои што континуирано се одржуваат во нашата држава а се дел од нашето културно богатство, како „Илинденски денови“ ,„Вевчански карневал“, „Пиво фест“ и др. Настани.
Ја запрашавме што е она што сака да им го зготви на гости?
-Кога идат гости заглавувам в кујна неколку часови и готвам повеќе работи за да им биде поинтересно на сите. Сарми од лозов лист ми е храна број еден, потоа мусака од тиквички, патлиџани со мелено месо, задолжително шопска или македонска салата и секако лепче домашно месено, печено. За десерт може нешто потурено, шеќер паре, баклава, раванија и сл. Од страна пијалак предлагам домашна лозова ракија за која сметам дека не е на ниво како со останатите жестоки пијалоци, а неколку класи е над нив, сеедно дали е жолта или бела. За вино преферирам црвено. Кај нас има добри сорти на грозје, а со тоа и добри вина, појаснува Гордана.
Гордана Аџиева – Михајловска долго време беше анонимна и не сакаше да се знае дека таа ја уредува и фејсбук страницата Macedonian cuisine со цел страницата да не ја доживуваат како човек туку нешто повеќе од тоа. Желба и е да расте и за македонската кујна да се слушне насекаде и да допре до дури и до оние кои немаат допирна точка со Македонија. Кога сме кај странците тие ги обожуваат месените работи па затоа во оваа прилика за читателите на Зелена берза ни понуди рецепт за лисната погача со спанаќ.
Лисната погача со сирење и спанаќ
Македонската погача зазема важно место на трпезата од дамнешни времиња. Погачата е неизоставен дел од сите свечени прилики и симболизира бериќет и благосостојба. Погачата може да биде посна или мрсна во зависност од намената, може да биде со фил или празна. Јас за оваа пригода подготвив преубава мека и миризлива погача со фил од сирење и спанаќ. За подготвување на оваа погача, ќе ви биде потребно:
Состојки
100 мл млако млеко
20 г свеж квасец
1 лажиче шеќер
2 јајца плус 1 белка
3 лажици масло
3 лажици јогурт
1 лажиче сол
450 г брашно
Дополнително
70 г путер или маргарин
200 г сирење
2 полни раце чист и сецкан спанаќ
За одозгора
1 жолчка и 1 лажица млеко
сусам по потреба
2 лажици растопен путер или маргарин
Постапка
Во подлабок сад растворете го квасецот во млекото со шеќерот. Додадете ги постепено останатите состојки освен брашното и изматете ги кратко со миксер колку да се соединат. Постепено додавајте го брашното и матете со миксерот со маталките за тесто. Кога ќе се соедини смесата, замесете го тестото со рака. Доколку е лепливо, додадете сосема малку брашно. Обликувајте топка, покриете го со најлон фолија и оставете го на топло да нарасте околу 1 час. Филот припремете го со едноставно сечкање на чистиот спанаќ и мешање со дробеното сирење. После 1 час, пренесете го тестото на набрашнета површина и поделете го на 4 дела. Секој дел раширете го во правоаголна форма со дебелина од околу 1 цм, премачкајте со омекнатиот путер и додадете 1/3 од филот. Повторете ја постапката и со следните 2 кори, редете ги една врз друга, а последната не ја премачкувајте со ништо.
Од сите дела, раширете една поголема правоаголна кора со должина околу 30 цм, а висина околу 20 цм. Сечете ја кората на 6 ленти. Секоја кора (почнете од средните) засучете ја спирално и ставете ја во форма на спирала во кружно намастено тавче 24 цм. Редете ги сите кори на ист начин како што редите мазник. Премачкајте со жолчка растворена со малку млеко, а одозгора нанесете малку растопен путер, наросете сусам и покриете ја со најлон фолија да постои уште 30тина минути. Ставете да се печи во незагреана рерна на 180 степени околу 40 минути. После печење, оставете ја да одмори 10тина минути, потоа може да ја послужите.
Павлина Јовановска