fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Маја Милошевска-Боровинката е сино злато кое нуди одлична заработка

Милошевска е млада успешна рурална жена која живее и произведува во струшкото село Драслајца.

Во атарот на струшкото село Драслајца се наоѓа една интересна плантажа на боровинки која функционира според нов и современ начин на одгледување на овие плодови. Наместо во земја садниците од боровинка се засадени во саксии кои се од полиетиленски вреќи во кои има специјален супстрат и прихрана, како и наводнување капка по капка.

Овој насад со кој главно раководи младата, но успешна рурална жена Маја Милошевска е во трета година од старост и втора година како од него се берат и се пласираат производи. Вредна и од мали нозе научена на упорност и работа Маја од „Биомелан“ како што сите ја знаат ќе ја сретнете и во насадот со боровинки и во просториите на фирмата, ама најчесто во своето комбе со кое ја крстари цела Македонија и директно се ангажира околу продажбата на своето производство.

-Не ми е тешко сето тоа што го работам бидејќи кога работиш нешто што го сакаш секогаш времето бргу проаѓа. Особено сум задоволна што знам дека она што ќе стигне до моите крајни потрошувачи е со врвен квалитет, било да се работи за свежите боровинки или за целосно органските сокови од аронија кои немаат ниту конзерванси, ниту вода, ниту шеќер. Последниве две години максимално сум посветена на боровинките кои ги одгледуваме заедно со моето семејство. Се работи за производ кој има голема нутритивна вредност со бројни предности, а кога истиот е свеж и само еден ден по бербите може да се најде по маркетите тогаш со сигурност знаеме дека потрошувачите добиваат врвен квалитет по пристапна цена за разлика од увозните кои се поскапи и кои стоеле по камиони, магацини и на граници, рече Милошевска производител на боровинки.

Насадот е еден и единствен од ваков вид во земјава. По долги години мака со боровинки засадени во земја се утврдило дека таа бара посебни услови на одгледување, односно бара кисела средина во супстратот во кој е засадена заради што одгледувањето во вреќи ги прави сите услови идеални за да има богат род и врвен квалитет кој веќе и потрошувачите го препознаваат.

-За разлика од лани кога за прв пат носев и продавав боровинка по маркетите, оваа година сум изненадена од тоа како веќе потрошувачите ја препознаваат и како ја бараат. Онаму каде ќе оставиме неколку килограми спакувани во мали практични пакувања за неколку дена кога повторно ќе поминам веќе ми порачуваат двојно повеќе, бидејќи потрошувачите ја бараат и ја ценат како свежа и доста квалитетна. На плантажата се трудиме секое дрвце да не дава максимални приноси, туку да има што повеќе првокласни производи односно да има што покрупни, а со тоа и поблаги боровинки, додава Милошевска.

Како и секаде низ Македонија така и во Струшко на насадот со боровинки имало проблеми со пролетните ниски температури, но сепак процентот на измрзнувања е многу мал. Овој насад кој е трета вегетациска и втора родна година се уште го нема достигнато својот максимален капацитет и полна родност. Оваа година со 70% од капацитетот се берат по 3 до 4 килограми од дрвце, додека за догодина и во следните години родноста ќе се движи во просек меѓу 5 и 6 килограми. Овој принос може да биде и поголем, но со посебни агротехнички мерки се ограничува на оваа килажа за да не се изгуби квалитетот кој пак е баран на пазарите. Според овие пресметки произлегува дека оваа година иако не е целосно родна, сепак од еден декар треба да се добијат по 5 илјади евра приходи кои нудат доста солидна заработувачка понатаму. Ова е едно од ретките производства кои не се тешки за одгледување, едноставни се за берби и нудат профит од мали површини доволен за да може и младите да не размислуваат за странство туку да ја градат својата иднина во своите родни средини и да бидат успешни во тоа што го работат.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close