Засега Македонија нема да воведе контра мерки како одговор на Косово туку ќе почека косовската влада да ја повлече одлуката за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук.
Од МЗШВ соопштуваат дека се во постојана комуникација со ресорните министри од Косово и од регионот.
„Владата прави се за да не дојде во ситуација да воведуваме контра – мерки како одговор на постапката на Косово. Очекуваме, Владата на Косово да ја повлече донесената мерка со што ќе го надминеме спорот“, соопштија од министерството.
Како што се додава во среда ќе има и заедничка средба на сите ресорни министри од регионот на која како претставник од Македонија ќе биде министерот Николовски и на таа средба ќе се бара заеднички модел како да се надмине овој проблем со Косово.
Доколку пак не се надмине проблемот во среда, веќе во тек на наредните денови министрите за земјоделство Љупчо Николовски и за економија Крешник Бектеши, ќе се сретнат и со нивните колеги – косовските ресорни министри, на средбата ќе се бара начин за надминување на ситуацијата.
„Целта е укинување на одлуката и овозможување на брз проток на стоки и услуги како и трговска размена помеѓу двете земји. Очекуваме да се постигне соодветен договор, во кои нема да има незадовлони страни и кој ќе биде од интерес на сите“, велат од МЗШВ.
Доколку и покрај сите напори и средби кои престојат Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство.