Македонија и во иднина ќе остане увозно-зависна земја за храна
Површините под пченица сега се зголемиле за 15%, а зголемување имало и кај површините со сончоглед. Се зголемиле субвенциите и за ситен и крупен добиток, како и за млеко.
Македонија и во иднина ќе остане увозно зависна земја за храна. Скоро ниту една земјоделска култура не ја произведуваме доволно за да комплетно од истата се задоволат потребите на население.
Најголемиот проблем е иселувањето. Нема кој да работи и да произведува храна. Земјоделците песимисти како никогаш досега. Не очекуваат промени доколку не се обезбеди сигурен пласман на производите и зголемување на цените.
Ситуацијата е особено тешка со сточарството, каде постојано се намалува сточниот фонд, а со тоа и производството на месо, млеко и млечни производи.
Слична е состојбата и со раноградинарското производство. И таму земјоделците не очекуваат зголемување на производството.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството велат дека поради поддршката на земјоделците за разлика од лани површините под пченица сега се зголемиле за 15%, а зголемување имало и кај површините со сончоглед. Се зголемиле субвенциите и за ситен и крупен добиток, како и за млеко.
„И од страна на млекарите има најава за помош и поддршка на нивните кооперанти, да ги снабдат со квалитетни грла на стока, на крави. Сите оние кои имаат 5-10 грла планираат да ги зголемат нивните фарми, за разлика од оние кои го напуштиле сточарството, таму ќе биде многу потешко да се вратат назад“, истакна Горан Томески, Агенција за поттикнување на развојот на производството – Прилеп.
Но без соодветна стратегија за земјоделството Македонија ќе продолжи да биде земја која нема да може да ги прехрани своите жители ако не е увозот.https://sitel.com.mk/