Македонија не успева да се прехрани
Можности Познавачите на состојбите објаснуваат дека домашното производство на жито, месо, масло за јадење или шеќер, ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението. Експертите тврдат дека природните услови во Македонија не се наклонети за високи приноси на жито, поради што имаме скапо брашно и скапо месо.
Бројки Статистиката зборува за постојан тренд на намалување на засадените површини со земјоделски култури, за продадените земјоделски производи и за драстично намалување на животните во сточарството. Според земјоделците, ова е резултат на целосно промашените земјоделски политики што се спроведувале во изминативе 20 години.
Состојбата е особено драматична ако се анализира периодот од 2006 година наваму. Според изјавите на експертите и пишувањата во медиумите, тогаш имало двојно помалку увоз на храна, или се потрошиле околу 280 милиони евра. Во 2015 година за увоз на храна се потрошени 611,2 милиони долари.
Бројка 611,2 милиони долари се потрошени за увоз на храна во 2015 година
Продолжува трендот на сè поголем увоз на прехранбени производи за да се задоволи домашната побарувачка. Статистичките податоци покажуваат дека зголемениот увоз не е поради тоа што населението повеќе јаде или, пак, поради тоа што се зголемила популацијата, туку поради намалувањето на домашното производство на храна.
Увоз во десетгодишен раст
Државниот завод за статистика ги објави податоците за стоковата размена за периодот јануари-ноември минатата година и во овие 11 месеци, за увоз на храна и на живи животни, се потрошени 500 милиони долари. Состојбата е речиси идентична како минатата година во истиот период, со благ пораст од 0,3 проценти. Но, ако се гледа подолгорочно, имаме постојано зголемување на увозот. На сајтот на Статистика, на располагање се податоци од 2010 година кога увозот на храна бил 558 милиони долари, во 2011 година бил 671 милиони долари, или 20,4 проценти повеќе од претходната година, а во 2012 година, пак, скокнал за 1,3 проценти, со што за храна од странство се потрошени 680,7 милиони долари. Увозот на храна по малку се зголемувал и во наредните две години и 2014 година завршила со потрошени 686,4 милиони долари за храна. Во 2015 година само навидум има намалување на увозот на храна, односно тогаш за оваа намена се одлеале 611,2 милиони долари, но Заводот за статистика тоа го објаснува со растот на вредноста на доларот, односно ако се изрази вредноста на увозот во евра или во денари, има нов пораст за околу 6 проценти.
Состојбата е особено драматична ако се анализира периодот од 2006 година. Според изјавите на експертите и пишувањата во медиумите, тогаш имало двојно помалку увоз на храна, или се потрошиле околу 280 милиони евра.
Паралелно со податоците за постојан раст на увозот на храната, статистичките податоци покажуваат намалување на стадата со добиток, како и намален откуп и продажба на земјоделски производи.
Трендот е во континуитет, а само последните податоци за периодот заклучно со октомври 2016 година, покажуваат дека минатата година се продадени земјоделски производи за 178,5 милиони евра, или за 5,7 милиони евра помалку од истиот период во 2015 година.
Милијарди за субвенции без ефект
Познавачите на состојбите објаснуваат дека домашното производство на жито, месо, масло за јадење или шеќер, ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението.
Пензионираниот професор од Земјоделскиот факултет Борис Анакиев долги години во јавноста зборува за проблемите со увозната зависност од храна. Според него, Македонија има релативно полоши природни услови за конкурентно производство на жита, добиточна храна, а со тоа и целото сточарство е базирано на ниски приноси. Скапото жито, повлекува и скапа добиточна храна и со тоа и месото станува скапо и неконкурентно. Освен житото и месото, најголем дел од дефицитот се должи и на маслото за јадење и на шеќерот, додека суфицит има во производството на овошје и на зеленчук.
Опозицијата, но и дел од експертите, како и од земјоделците сметаат дека субвенционирањето е добро, но онака како што се спроведува во изминатите 10 години не дава резултати.
– Популизмот на власта во исплатата на субвенциите, кои најмногу служат за предизборни манипулации на земјоделците, се гледа преку статистичките показатели за увозот на храна, според кои од 2006 година увозот рапидно се зголемува, а сега речиси е удвоен. Оваа апсурдна ситуација, како се зголемуваат субвенциите, за кои власта вели дека достигнале и милијарда евра во изминативе 10 години, напоредно да расте и увозот на храна, односно одливот на девизи од државата, е најголемата потврда за тоа дека субвенциите немаат никаков развоен ефект, што треба да е основната намена на оваа државна поддршка на агро-секторот – вели Ленче Николовска од СДСМ, поранешна претседателка на собраниската Комисија за земјоделство.
Николовска вели дека постојат примери како со правилно насочување на земјоделските субвенции и особено со навремена исплата може значително да се намали увозот на храна.
– Таква стратегија примени соседна Албанија. Тамошната влада, пред шест-седум години, виде што најмногу увезуваат како држава, односно за што се одлеваат најмногу девизи и што извезуваат за да го зголемат девизниот прилив. Еден од тие производи беше и јаболкото, кое најмногу го увезуваа токму од кај нас. Државата тогаш започна со интензивно субвенционирање за подигање на сопствени насади со јаболка и сега веќе тие имаат свое домашно производство што го почувствуваа и преспанските овоштари, кои последните години маки мачат со пласманот, бидејќи на овој начин им се затвори сигурниот албански пазар – вели Николовска.
Месото одлева девизи
Николовска нагласува дека од Македонија се одлеваат повеќе од 100 милиони евра за месо и месни преработки, исто толку и за млеко и млечни производи, односно за производи што можеме да ги произведеме дома.
– Но, исто така, треба да се зголеми и субвенцијата за извозно ориентираните земјоделски производи, со што ќе се намали трговскиот дефицит. Земјоделските субвенции се мерка што треба да овозможи конкурентно земјоделско производство, а не гол опстанок на производителите. Тоа ќе го има доколку Владата обезбеди поевтини репроматеријали, какви што се зелена нафта, поевтини и поквалитетни семиња, ѓубрива и заштитни средства и ако се вклучи и во поддршката на пласманот, односно во изнаоѓање пазари за земјоделските производи. Најважно е, сепак, земјоделските производители да ги добиваат субвенциите навреме, тогаш кога им се најпотребни, пред новата сезона, за да имаат пари за сите извршувања на сите потребни агротехнички мерки, кои потоа ќе донесат и поголем принос и квалитет на производите – анализира Николовска.
Факти
Според статистичката публикација „Сточарство“, во 2015 година во Македонија имало 253.442 говеда, или 11.857 помалку отколку во 2011 година. Во 2015 година имало 196.570 свињи, или 1.127 помалку отколку пред четири години. Националното стадо со овци се намалило за 33.121 овци и нивниот број во 2015 бил 766.631 овци. Предминатата година, вкупниот број на живина изнесувал 1.944.266 птици, или 281.128 помалку отколку во 2011 година.
Ao tirar fotos com um telefone celular ou tablet, você precisa ativar a função de serviço de posicionamento GPS do dispositivo, caso contrário, o telefone celular não pode ser posicionado.