Македонскиот земјоделец интернет користи најмногу за временска прогноза

 

 

Македонските ниви ги обработуваат земјоделци, чија просечна старост е 57 или 58 години. Младите не се заинтересирани за производство на храна во своите села, забележува, Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделците, но и универзитетските професори, кои работеле на истражувања, спроведени на терен.  Земјоделскиот експерт од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Васко Златковски вели дека македонското земјоделство засега не напредува бидејќи  мал број на земјоделци ги користат информациите од интернетот, ретко кои од повозрасните  знаат  и  да работат на компјутери.

– Истражувањето кое беше спроведено покажа дека нашите земјоделци од аспект на  години се, ајде нема да ги наречам стари, туку искусни години. Просечната старост на анкетираните беше некаде околу 57 или 58 години и на прашањата кои што беа поделени во неколку групи, во делот на тоа; Дали користите интернет или не? Одговорија некаде околу 40 проценти. Но, во делот кога беше поставено прашањето зашто најчесто го користите одговорот беше за временските услови. На делот од прашањата каде што беше применето дали истражувате нови техники, нови технологии значајно мнозинство, некаде од 85 до 95  отсто не се занимаваат со таа дејност, вели Златковски.

Тој забележува дека земјоделциите не ги користат информациите од интернетот ниту за промоција на своите земјоделски производи. Сто отсто  од анкетираните одговориле дека не го промовираат своето производство, а како што вели Златковски доказ е доколку некој сака да побара информација за произведувачи на домати во Македонија  на интернет нема да излезе ниту една страна, пренесува МИА.

Share Button