fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Македонското органско производство далеку под просекот на ЕУ

Македонското органско производство далеку под просекот на ЕУ

Последна во Европа е земјава според статистиките за органско земјоделство во 2018 година, покажува Евростат. Обработените податоци за 100-процентното органско земјиште, вклучувајќи пасишта и ливади, укажуваат дека македонското органско земјоделство со само 0,35 отсто од вкупното земјоделско производство е далеку под просекот на ЕУ кој изнесува 7,5 проценти, објавува Макпрес.

Во 2013 година сме имале 0,82 отсто органско земјоделство, а во ЕУ просекот бил 5,7 проценти. И додека во Европската унија органското производство бележи контиуниран раст, кај нас е евидентирано намалување. Во 2014 година биле регистрирани 0,79 отсто, во 2015 година 0,17 отсто, во 2016 година 0,26 отсто и во 2017 година 0,25 проценти.

Интересно е да се нагласи дека само за земјава (како и за Малта) во анализираните површини пасиштата воопшто не се вклучени. „Се брои“ единствено обработливото и земјиштето под повеќегодишни култури, иако според Министерството за земјоделство имаме 550.000 хектари пасишта.

На „табелата“ нема и податоци колку површини од 2012 до 2018 година сме конвертирале или се во фаза на трансформација од конвенционално во органско производство.

На ниво на ЕУ, пасиштата учествуваат со околу 45 проценти од вкупното органско земјиште.

Раст од 1.000 хектари за пет години

Од истражувањето на Евростат може да се види дека за одгледување органска храна во 2018 година сме намениле 4.408 хектари, додека во 2013 година 10.370 хектари. Најмалку органско земјоделско земјиште сме имале во 2015 година, само 0,17 проценти. Само за споредба, Србија, која во 2013 година имала 8.229 хектари, 2018-та ја заокружила со 19.255 хектари. Бугарија, пак, од 56.287 хектари во 2013 година стигнала до 128.839 хектари во 2018 година.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), пак, под органско производство во 2018 година биле 3.856 хектари, што е раст од 1.000 хектари во однос на 2013 година, кога површините биле 2.866. Од вкупните површини под органско производство во 2018 година, 1.134 хектари биле фуражни култури, 1.078 хектари житни, 899 хектари индустриски, 526 хектари овошки, 219 хектари зеленчук и 110 хектари лозови насади.

Растот на органското производство најмногу се должи на индустриските култури, кои бележат зголемување од 131 хектар во 2013 година на 899 хектари во 2018 година.

Раст има и кај зеленчукот, фуражните култури и овошките.

Најголем пад, од една третина, има кај житните култури, кои во 2013-та биле застапени на 1.556 хектари, додека во 2018-та се одгледувале на 1.078 хектари. Освен кај јачменот, каде што има намалување на површините од околу 100 хектари, кај останатите култури намалувањата се подрастични. Пченицата бележи најголем пад, со преполовени површини под органско производство, од 465 хектари во 2013 година на 199 во 2018-та. И пченката е намалена, иако низ годините постојано покажува варијации. Драстичен пад е евидентиран кај ‘ржта, која во 2013 година била застапена на 31,5 хектари, а во 2018-та на 9,8.

Од вкупните површини под органско во 2018 година доминирал јачменот со 667 хектари, по него е пченицата со 199 хектари, овесот со 99 хектари, пченката со 54 хектари, а ‘ржта е на крај, со само 9,8 хектари.

За оризот нема податоци.

Најголем раст под органско бележат индустриските култури, од 131 хектар во 2013 година на дури 900 хектари во 2018 година. Од нив, всушност, носечки се ароматичните, медицинските растенија и зачините. Истовремено тие имаат и најголем „скок“, од 56,1 хектари во 2013 година на 890 хектари во 2018 година. Сончогледот, пак, бележи драстичен пад, од 73 хектари во 2013 година, на 7,9 хектари во 2018 година. За тутунот, маслодајната репа и кикиритките ДЗС нема податоци.

Од органските фуражни култури, најмногу има луцерка, 673 хектари, на која отпаѓаат преку половина од површините. Незначителен е процентот на граор и добиточен грашок, 3 и 7,7 хектари, а за добиточната репка, фуражните смески, крмната пченка и детелината нема податоци. На „ставката“ други фуражни култури всушност отпаѓаат 450 хектари од вкупните 1.134.

Површините под органски зеленчук се двојно зголемени од 2013 до 2018 година. Биле 111,2, а достигнале 219,7 хектари. Традиционалните домат, пипер, краставица, зелка, лубеница… се незначително застапени, на само 19,6 хектари, додека на „друг зеленчук“ отпаѓаат останатите 200 хектари или преку 90 проценти.

И органските овошки покажуваат зголемување, од 329 хектари во 2013 година на 526 хектари во 2018 година, но кај нив растот е постојан. Двојно се зголемени површините под круши, кајсии, ореви и бадеми, малините покажуваат драстичен пад, од 10 на 1,4 хектар. Намалување, но незначително има кај сливите, смоквите и црешите. Скок од 7,5 пати бележат органските површини под „други зрнести насади“, од 7,9 на 59,2 хектари, а драстично зголемување евидентираат и т.н. „други овошки“, од 16,4 на 56,2 хектари.

Лозарството може да се пофали со добри резултати ако се земе предвид дека во 2013 година органски се одгледувало на 41,9 хектар, а во 2018 година површините достигнале 110,6 хектари, што е за 70.000 повеќе или над 2,5 пати.

Органско сточарство

Во сегментот органско сточарство генерално се бележи раст. Доминираат овците чиј број во 2018 година бил 101.317, што е раст од преку 30.000 грла во однос на 2013-та, кога имало 64.311. Во 2018 година се регистрирани и 6.901 коза, како и 6.390 говеда. И овие две категории добиток покажуваат зголемување во споредба со 2013 година, кога од двете имало по 2.700. Бројот на пчелни семејства одгледувани органски во 2018 година изнесувал 8.138, што е исто така раст, но за 2.000 во однос на 2013 година, кога биле евидентирани 6.148 пчелни семејства.

За свињи, живина и зајаци нема податок.

Состојби во ЕУ

Вкупната земјоделска површина на која се одгледуваат органски растенија во Европската Унија била 13,4 милиони хектари во 2018 година или 7,5 проценти од вкупното обработливо земјиште, покажува Евростат. Ова претставува раст од 34 проценти во периодот од 2012 до 2018 година.

Меѓу земјите членки во ЕУ најмногу органско земјоделско земјиште има Австрија, 24 проценти, по што следуваат Естонија со 20,6 проценти, Шведска со 20,3, Италија со 15,2 и Чешка со 14,8 отсто.

Најмал процент органско земјоделско земјиште имаат Малта, 0,4 проценти, Романија, 2,4 проценти, како и Бугарија, Ирска и Велика Британија со по 2,6 отсто.

Во регионот најмногу органско земјоделско земјиште имала Словенија со удел од 10,01 проценти во вкупното земјоделско земјиште. Следна е Грција со 9,32 отсто, па Хрватска со 6,94 проценти, Бугарија со 2,56 проценти и Србија со 0,55 проценти.

Во вкупно земјоделско земјиште за органско производство според Евростат спаѓаат „земјиште во процес на приспособување“ и „земјиште со сертификат“. Пред едно земјоделско земјиште да добие сертификат за „органско“ мора да помине процес на „приспособување“, што може да трае од две до три години зависно од културата што се одгледува.

извор:Макпрес

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close