МАЛИКА СРИНИВАСАН – КРАЛИЦА НА ТРАКТОРОТ
Третиот производител на трактори во светот „ТАФЕ“ од Индија, минатиот месец за 66 милиони динари ја купил трговската марка на домашниот „ИМТ“, како и фабрика во Јарковец, што било и повод за доаѓање во Србија на извршната директорка и сопственичка на оваа семејна компанија, Малика Сринивасан. Внуката на основачот на Amalgamation group, на која припаѓа и „ТАФЕ“, втор индиски производител на трактори и опрема за земјоделство, во разговор со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, најавила дека „ТАФЕ“, планира во следните пет години, во Србија да вложи во производство на 5000 трактори годишно. Се планира производство на трактори со мотор „ЕУР 3“, а како што вели Сринивaсан, фокусот би бил на производство на механизација за малите земјоделски фарми.
На листата на Форбс, Малика Сринивасан е рангирана на 63 место, помеѓу 100 најбогати луѓе во Индија, а вкупната вредност на семејниот бизнис, стар 80 години, се проценува на 2,5 милијарди долари. Управувањето на ТАФЕ, чија годишна продажба изнесува 150 000 трактори во повеќе од 100 земји, Сринивасан го презела во 2011 година по смртта на нејзиниот татко.
Седиштето на компанијата со годишен приход од 1,3 милијарди долари е во Ченаи каде што Малика живее со сопругот и двете деца.
На компанијата и се приклучила во 1985 година, откако дипломирала економија на Мадрас Универзитетот, а потоа и на американскиот Вартон. Втората диплома ја стекнала, откако се омажила за Вен Сринивасан, уште еден индиски индустријалец, наследник на империјата ТVS Motors (втор најголем извозник во Индија). Двајцата завршиле со студиите во САД и се вратиле во Индија, во Ченаи, каде што се посветиле секој на својот бизнис, Малика на тракторите, а Вен на моторите. Во нејзината биографија постои листа од повеќе работи кои ја интересираат – од многубројни хуманитарни активности до одлучување во управни одбори на институти и други големи корпорации со кои соработува „ТАФЕ“.
Управува плантажа од чај, дистрибутер е на ТАФЕ мотори и Шкода автомобили за Јужна Индија, произведува батерии за автомобили, мотори и трактори. Во Индија, сепак ја знаат како „кралица на тракторот“.
„Тоа што е профитабилна работа е одлично, но најдобро од се е што вие на крајот добивате готов производ, кој можете да го видите, да го почувствувате, да го допрете. За секој земјоделец, тракторот е најголема инвестиција, статусен симбол“, рекла своевремено.
Оние што ја познаваат, тврдат дека Малика Сринивасан како што ги продава, подеднакво добро и вози трактор.