fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Мариово-Мистериозни гробови во карпа

Овде биле погребувани останките на почитувани припадници на цивилизации, заедници како и наши претходници кои ги населувале овие простори

На многу локалитети во Пелагониско-мариовскиот предел издлабени во карпи се среќаваат мистериозни гробови. Вакви гробови се распространети главно на простори каде што се присутни карпи од вулканско потекло. Најповеќе ги има на периферијата на  Пелагониската котлина, Мариово, на месноста Маркови Кули во околината на Прилеп, како и во непосредната околина на манастирот Трескавец. Интересно е да се напомене дека вакви гробови се откриени и во внатрешноста на манастирот Трескавец кој и самиот е изграден на карпа од вулканско потекло.

Кој ги направил овие гробови и за кого? Од кој период и од која цивилизација што била присутна на овие простори потекнуваат?

За да дознаеме повеќе во врска со овие гробови ни открива Тренчо Димитриоски од Прилеп кој долги години извршува опсервација и истражување на разни археолошки локалитети во овие предели.

-Земајќи во предвид одредени археолошки докази овие гробови  датираат од 4-от век пред нашата ера, меѓутоа како објекти за погребување се изработувале и користеле до 13-от век. Според некои сознанија тоа се случувало дури до 14-от век од нашата ера. Овие гробови според начинот на изработката или пак формата археолозите ги делат на повеќе видови. Најчесто тие имаат правоаголна или трапезоидна форма. Иако многу поретко, постојат и гробови со т.н. алвеола каде што просторот за главата на покојникот е издлабена одделно. Ваквите гробови се смета дека датираат од средниот век. Откриени се и гробови каде што основата е на две нивоа. Нивото подолу кое е со помали димензии се наоѓа на основата на јамата, додека повисокиот дел  е проширен преку целата димензија. На двете нивоа биле положувани останки на  починати лица. Исто така има многу случаи каде што на иста карпа се наоѓаат повеќе гробови. Многу е веројатно дека се работи за членови на иста фамилија, објаснува Тренчо.

Според истражувачките наоди гробовите со правоаголна форма се постари и се смета дека потекнуваат од македонскиот антички период, додека гробовите со трапезоидна форма се изработувале подоцна.

-Сметам дека вакви гробови не биле достапни за секого туку само за побогатиот дел од населението. Нивната изработка била макотрпна и изискувала големи мајсторски вештини. Исто така и изборот на локации бил ограничен. Најдобрите локации и места за погребување на поголема надморска височина и со подобар поглед биле резервирани само за најбогатиот слој на одредена цивилизација. Исто така и карпите се со различен колорит и цврстина, но сепак формата на карпата како и самата позиција на која таа се наоѓа мислам дека биле најважни, додава Тренчо.

На овие гробови треба да им приоѓаме со достојна почит. Овде биле погребувани останките на почитувани припадници на цивилизации, заедници како и наши претходници кои ги населувале овие простори. Овие историски локалитети имаат потреба од заштита со цел да се зачува нивната автентичност. Во иднина треба да бидат систематски и темелно испитани.

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close