fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Марјана од Крушево ја правеше столаријата за Офицерскиот дом во Битола

Жените претприемачи се борат со стереотипите и со недовербата

БИТОЛА – Марјана Кочоска од Крушево, во својата работилница ја правеше столаријата за извонредниот Офицерски дом во Битола, кој беше обновен во 2021 година.

Марјана е жена претприемач од Крушево, сопственик на работилница за изработка на дограма од дрво. Фасадната столарија на Офицерски плени со својата уникатност и убавина.

Вели дека лично се вложила во машинската обработка на квалитетно масивно чамово дрво за „битолскиот Версај“ кој се обнови по 110 години од изградбата со средства од Европската унија и мал дел од Општина Битола.

„Вратите и прозорците на Офицерски, внатрешните врати и воопшто целокупната столарија се изработуваше во нашата работилница. Лично со машината ги правев орнаментите на внатрешните врати. Горди сме што ни беше доверена една ваква задача, затоа и лично учествував во процесот. Чувството дека му давате душа на нешто толку вредно културно наследство, го оживувате и го облагородувате не се опишува со зборови. Особено кога ќе знаете дека ќе биде вградено во еден ваков значаен објект, и ќе остане за навек“, раскажува Кочоска, жена претприемач, сопственик на фирмата „Иннен декор трејд“ од Крушево.

Кочоска е наследник на семеен бизнис започнат пред повеќе од педесет години во Крушево и пример како една жена од мала работилница со рачна изработка може да осовремени објект во модерна фабрика.

„Од 2013 година го презедов водството на тој семеен бизнис, и со многу труд, напор и љубов кон работата успеавме. Предизвик е да се постигне задоволството кај клиентот, и да направиме баланс меѓу приватниот живот и бизнисот, како менаџер, мајка, сопруга. Сме имале ‘сопки’ од фирми каде управуваат мажи, нелојална конкуренција, владее стереотипот дека оваа наша работа е ‘машка работа’, но одиме понатаму со докажан квалитет“, раскажа Кочоска пред млади во Битола на панел дискусијата „Мали бизниси во сопственост на жени во Пелагонискиот регион“, што се одржа во Офицерскиот дом во просториите на Europe House – Bitola, во организација на Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив – Битола“.

Бети Димоска од Прилеп има работилница во која прави механизми за тапациран мебел и раскажа дека храброста како жена ја оддржала во бизнисот.

„Ова општество дава можности доколку жената има потенцијал, идеја и визија да се оствари како претприемач. Нашата фирма опстојува триесет години и во минатото повеќе беше изразен тој скептицизам и недоверба дека на чело на фирмата е жена, но сега имаме многу жени менаџери и се рушат стереотипите кон жената претприемач да се гледа со недоверба“, рече Димоска од фирмата „Резонатор“ од Прилеп.

Економистот Мери Мрмачевска од Могила ја сподели својата приказна дека и во корона кризата успеала да направи бизнис со цвеќе и зимзелени садници и да го имплементира она што го научила на факултет како дипломиран маркетинг менаџер.

„Короната за многу бизниси беше фатална, а за нас успешна. Луѓето сакаа да одгледуваат цвеќиња и зимзелени дрвја и ние тука ја видовме нашата шанса. Во таа криза доаѓаа луѓето во Могила на нашите парцели, а потоа отворивме и гарден центар во Битола. Мојот маж ги одгледува растенијата, а јас се грижам за маркетингот и продажбата. Сѐ е можно ако се има цел“, раскажа Мери од „Грин гарден центар“ од Могила.

Битолчанката Ана Ристевска, сопственик на јаван адвертајзинг и софтверска компанија после шест години претприемач повика на економска емпатија и солидарност меѓу домашните претприемачи.

„Ги охрабрувам младите жени да почнат свој бизнис, да покажат економска емпатија преку формирање на здруженија и правење на заеднички проекти. Да делат совети и да се поттикне кариерниот развој на младите жени“, порача Ристевска.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close