Мартин Тасев не замина во странство, создаде фарма со 400 грла овци
Приказната за семејството Тасеви влева надеж дека македонските села имаат иднина.
Штипското село Сарчиево кое речиси пред една деценија го запиша македонското гравче во Гинисовата книга на рекорди сега е празно и пусто. По асфалираниот пат кој води до селото, кое се простира на дел од плодното Овче Поле, нема раздвиженост. На влезот не се слуша нити глас, ниту лаеж на кучиња, се редат само слики од рушевини на стари куќи кои немо сведочат за едно дамнешно време кога Сарчиево било живо село. Од левата страна на патот на самиот влез во селото возвишено стои црквата посветена на „Света Петка“. На овој празник се собираат верниците од околните места. И само тој ден во селото има повеќе луѓе, зашто најголем дел од мештаните одамна се заминати од тука.
Сепак, приказната за семејството Тасеви е сосема поинаква. Таа влева надеж дека можеби по долги години нешто во селото Сарчиево може да се промени. Ова четиричлено семејство од градот дојде да живее во селото, кога пред пет години и го подигнале новото огниште.
Сопружниците Слободан(58) и Јасминка(49) заедно со синовите Далибор(30) и Мартин(28) донеле одлука да одгледуваат овци. Оставено во наследство стадото од 40 на почеток, за само неколку години го зголемиле на 400 глави овци.
Според народната „Сложни брака куќа градат“, ова сложно семејство покрај куќа изградиле и големо бачило, но и исбушиле бунар во близина за да го напојуваат добитокот.
-Јас од дете сум со овци, вели главата на семејството, Слободан човек со ведро лице и расположен да ни раскаже се од почеток.
Седнавме на маса, а до нас и помалиот син Мартин, кој најпрво што рече беа зборовите – Сакав да чувам овци и еве сум тука, секој ден со стадото“. Неговата мајка , пак не пречека со широка насмевка и за добредојде стави на масата овчо сирење, кое сама го прави.
-Не сум пишман што дојдовме овде, сакам да работам и да им помагаме со сопругата на децата колку можеме. Оваа година беше подобра за нас овчарите од ланската. Цената на јагнињата беше од 150 до 180 денари по килограм. Ние продадовме повеќе од 260 јагниња, а оставивме и за подмладок. Но, не е така и со ценат на млекото, ниска е цената од 40 денари, а и волната од овците не се откупува, нашата стои три години. Жито ќе нема голема суша е, голема, како ќе биде понатака не знаеме, а и субвенции задоцнија, раскажува сточарот Слободан.
Младиот Мартин е момче кое си ја сака работата. Завршил средно Угостителско училиште во Штип и некое време работел како келнер, но задоволството го нашол како фармер.
-Од девет другари колу што бевме само јас останав овде. Некои заминаа во Германија да работата, а јас одлучив да чувам овци да бидам сам свој газда, но тоа не било така. Како одат работите е многу тешко. Разочаран сум од ниските откупни цени. Не мора да даваат субвенции нека го платат јагнето 180 денари, млекото 50 денари од литар, тогаш и јас знам како да работам. Реалната цена е таа, да купиш храна, да платиш сточар, да остане и за нас. Доколку се плати произведеното колку што навистина вреди тогаш не ни требаат субвенциите, вели Мартин, додавајќи дека може да се живее од сточарство, ако цените се реални и ако се исплати трудот.
Тој како и многу млади земјоделци аплицирал за средства од програмите за развој на земјоделството дури и за Мерката – Млад земјоделец, но не добил засега ништо.
-Ме праќаат од една на друга врата, заминав и не се вратив повеќе, вели Мартин со став дека државата треба да ги мотивира младите да работат земјоделие и да не ги усложнува постапките за аплицирање по мерките, туку да ги поедностави.
-Аплицирав и се откажав. Сега колку имам толку инвестирам. Кој не сака да земе пари и да го зголеми стадото да направи нешто утре, а и човек за работа ќе земеш и тој парче леб ќе вади, плата ќе зема. Значи за да работат младите треба да има услови и да биде добро платено. Треба да те мотивират да ти платат да работиш, а не обратно и од тоа што си го постигнал да се откажиш. Но, ние во сточарњето сме далеку од развиените земји, како прво немаме вода, а не пак модерни фарми, смета младиот сточар Мартин напоменувајќи дека сегашните цени не ветуваат нагорен тренд во оваа гранка.
-Со овие цени може само да опстанеме, треба да купиш храна, а многу лошо време дојде. Не можеш да посееш, планираш да извадиш нешто, а нема и мора да купиш храна, а тоа се дополнителни трошоци. Субвенциите се исплаќаат откако ќе се задолжиш, храната е скапа. И така тераме се надеваме дека ќе биде подобро, вели младиот сточар.
Домаќинката во куќата Јасминка е дете од село. Сега повторно живее на село, откако одлучила да ја напушти работата во конфекција и да се посвети на семејната фарма.
-Да е добро платено ќе има и за што да седиш. Работев, но ја напуштив работата и дојдов на село. На селото не му недостига ништо, кога требаше народот да остане во селото немаше ни пат, ниту вода. Сега има пат, но нема народ и тешко дека ќе се врати. Некогаш во Сарчиево имало околу 70 куќи и повеќе од двесте жители. Преку лето има луѓе некои што доаѓаат и ја обработуваат земјата, ама во зима нема никој, освен ние, раскажува Јасминка. Таа вели многумина чии корени потекнуваат од селото би сакале да се вратат, но веќе немаат каде, бидејќи куќите им се распаднати, а и не остануваат пари да ги поправат или да направат нови.
Штипското село Сарчиево е одалечено од градот 15 километри. Жителите што останеле во селото се бројат на прсти. Тасеви се надеваат дека по нивниот пат ќе тргнат и други и покрај тешкотиите тие не се откажале, а сега им било убаво. Порачаа дека секој што има желба и е упорен може да биде добар земјоделец или сточар.
-Мене ми е убаво на село, синовите ми се тука и ги гледам, среќна сум што не заминаа и тие во странство, вели Јасминка. Очекува дека нејзините синови ќе најдат вредни снаи кои ќе им помагаат и ќе донесат рожби во селото, каде одамна не се слушнал детски плач.
На враќање ја одминавме цркавата „Света Петка“ каде мирисаше на откосена детелина. Селото Сарчиево е познато по гравчето. Сарчиевци два пати се запишуваа во Гинисовата книга на рекорди во сварен грав во еден котел. Прво во август 2010 година, потоа две години подоцна на празникот „Света Петка“, откако Американци им го срушија прво поставениот рекорд со сварени 3.450 литри грав во котел, па наново беа сварени 5,600 литри грав поставувајќи нов рекорд. Гинисовото гравче тогаш го вкусија повеќе од 1.000 гости.
Јулија Малинова за Зелена берза