вестиМакедонијаТоп вести

Матичен ветеринар „заборавил“ да пријави пчелари за субвенции

Педесетина пчелари поради грешка на матичниот ветеринар не зеле субвенции за 2018 година.

Четириесет и осум пчелари од Демир Хисар и Битолско, се уште не зеле субвенции за 2018 година, за презимени пчелни семејства, затоа што матичниот ветеринарен лекар не ги пријавил во единствениот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство. Пчеларите веќе две години тропаат на вратите на институциите, ама засега нема излезе од ситуација. За овој случај според здружението на пчелари „Нектар“ од Битола, лани во есента, формирана е владина комисија која прави анализа на случајот, но засега пчеларите не добиле повратен одговор дали и кога ќе им бидат исплатен субвенциите.

Еден од засегнатите и оштетените во овој случај е Илија Николовски, млад пчелар од Битола. Тој одгледува околу 400 пчелни семејства лоцирани дел во селото Загориче, Демир Хисар и дел во околината на Могила. Годишно произведува од 5 до 15 килограми мед по пчелно семејство, во зависност од климатските услови. Регистриран е како земјоделец со дополнителна дејност, но производството на мед е негова егзистенција.

-Матичниот ветеринар не испратил пријави навреме во системот на Агенцијата за храна и ветеринарство и не можеме да оствариме право на субвенции за 2018 година, за презимени пчелни семејства. Ние како пчелари не знаеме зошто го направил тоа, дали заборавил, ама поднесуваме голема материјална штета. Јас како пчелар сум прилично оштетен, кај мене и сумата е поголема. Тие средства ни беа планирани за трошоци во текот на производството на мед, а ние не ги добивме, изјави Николовски за „Зелена берза“.

Според Николовски решение на проблемот се бара, најпрво во Агенцијата за храна и ветеринарство, која треба да најде начин како да ги внеси оштетените пчелари во системот за 2018 година, за да остварат право за добивање на субвенции.

2019 година, пчеларите ја оценуваат како релативно добра за одгледување на пчели и производство на мед, но за годинава велат дека е многу неповолна за пчеларење, пред се поради временските услови.

-Годинава приносите ќе бидат драстично намалени, прашање е дали ќе успееме да извадиме и по 5 килограми од пчелно семејство. Неизвесна е ситуацијата, се пожали Николовски.

Оваа година субвенциите за пчеларите беа исплатени февруари-март што години наназад не се случило да бидат толку рано префрлени средства на нивните сметки, вели претседателот на здружението „Нектар“ Методија Трајковски. Потврдува дека педесетина пчелари се уште не се обесштетени за 2018 година.

-Знаеме за случајот со пчеларите од Демир Хисар и Битолско, кога поради матичниот ветеринарен лекар не им се исплатени субвенции, бидејќи не се внесени податоците во единствениот систем  на Агенцијата за храна и ветеринарство. Правиме напори да се изнајде решение за тој проблем, зошто пчеларите си ја завршија законската обврска на 1 април 2018 година, го пријавија бројот на презимени пчелни семејства, но матичниот лекар тука затаил, од кои причини не знаеме. Не ги внел податоците во системот и таму стои нула, па Платежната агенција не можеше да им исплати средства. Какви и да се санкциите за лекарот, пчеларите сега не можат да се обесштетат. Ние како здружение „Нектар“ и како Сојуз на пчеларски здруженија на Македонија, реагираме и неколкупати сме биле на состаноци и во МЗШВ и во Платежната агенција каде се во тек, имаат формирано и комисија за целосно да се испита и анализира проблемот, чекаме одговор, изјави Трајковски за „Зелена берза“.

Агенцијата за храна и ветеринарство се изјасни за ненадлежна  

Агенцијата за храна и ветеринарство се изјасни за ненадлежна за случајот со пчеларите кои не зеле субвенции за 2018 година, поради пропуст на матичниот ветеринарен лекар и им порачува своето право да го остварат на суд.

-Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, согласно одредбите од Законот за идентификација и регистрација и Законот за прекршоци, кон крајот на минатата година, изрекоа парична казна на ветеринарната амбуланта од Демир Хисар поради непочитување на законска обврска за навремено внесување на податоците за бројната состојба на пчелните семејства во Ветеринарно информативниот систем на АХВ, иако педесетина пчелари од Демирхисарско навреме спровеле попис на пчелните семејства и за тоа го известиле друштвото.

Агенцијата за храна и ветеринарство нема надлежност да постапува во однос на прашањето за надомест на штета поради неисплатени субвенции за 2018 година. Ова право пчеларите можат да го остварат спогодбено со ветеринарното друштво, или по судски пат, велат од АХВ за „Зелена берза“.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close