fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Мечка со две мечиња дивее низ овоштарници во Преспа, се жалат овоштари

Комисијата при МЗШВ за проценка на фактичката состојба е на терен

Мечка со две мали мечиња во последниот период ги обраа овоштарниците во Преспанскиот регион, особено во селата Јанковец и Кривени во Горна Преспа.
Овоштари од Преспа се жалат дека во последните десеттина дена мечката дивеела и направила штети на повеќе локации а  имале и блиски средби со неканетата гостинка.
Овоштар од Преспа вели дека затекнал искршени гранки на дрвјата со сливи и јаболка, гребаници по стеблото, измет и стапалки околу дрвјата иако земјата е прилично сува трагите се очигледни.
„Се слушна в село дека мечка со две мали мечиња прави штета по овоштарниците, така беше и кај мене, искршени гранки обрани овошки“, вели овоштар за „Зелена берза“.
За случајот овоштарите ги известиле Центарот за управување со кризи, локалната самоуправа, Министерство за земјоделие ПЕ Ресен како и СВР Битола.
За ситуацијата реагираа и од Националната земјоделска мрежа од каде велат дека според информации од нивни членови од регионот на општина Ресен, поконкретно во атарите на селата Јанковец и Кривени во последните десетина дена интензивно се предизвикува штета на насадите од јаболка како последица на дивеење на мечка.
„Според очевидци забележана е женка со две мечиња што претставува директна и непосредна опасност по животот и здравјето на месното население. Како граѓани и како земјоделци сме доведени во една многу непријатна ситуација да сме во постојан страв од непредвиден напад на мечката која водејќи се од мајчинскиот инстинкт може да нападне во секое време и на секое место“,вели Ѓорги Каракашев за „Зелена берза“ и додава -Согласно законот за дивеч мечката припаѓа во строго заштитен дивеч и како граѓани земјоделците се  беспомошни во дадената ситуација.
„Затоа апелираме јавно час поскоро институциите да ги преземат сите дејствија со цел да се спречи поголема катастрофа, а околу предизвиканите штети по имотите комисијата за утврдување на штети при МЗШВ да излезе на терен и да утврди фактичка состојба“, велат од Националната земјоделска мрежа.
фото-Зелена берза
Од Подрачната единица на МЗШВ во Ресен за „Зелена берза“ велат дека денеска добиле две пријави од сопстевници на овоштарници за предизвикана штета од мечка. На терен веднаш излегла комисија за проценка на фактичката состојба.
„Денеска нашата комисија излезе на лице место да ја утврди фактичката состојба по пријавата од земјоделци. Досега двајца овоштари поднесоа барања за утврдување на состојбата. Се постапува“, изјави Сашко Андреевски раководител на ПЕ на МЗШВ во Ресен.
Од почетокот на годината досега во реонот на Преспа се евидентирани 21 случај на штети врз земјоделски посеви од дивеч од трајна и нетрајна заштита.
Во зависност од тоа дали оштетените овоштарници се оградени со ограда или имаат електрична заштита, или пак немаат заштита, оштетените земјоделците преку Државното правобранителство или по приватна тужба можат да бараат надомест на штета од државата.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години.
Анета Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close