Медот ќе се поскапи и до 15 евра за тегла
Производителите се вадат на високата откупна цена што ја нудат странските трговци на големо кои медот го откупуваат и по 15 евра за тегла.
Некои производители на мед во Македонија најавуваат цена од најмалку 15 евра за еден килограм. Сега цената на медот во Македонија, во зависност од град или регион, се движи од 450 до 700 денари за една тегла. Производителите се вадат на високата откупна цена што ја нудат странските трговци на големо кои медот го откупуваат и по 15 евра за тегла.
Во градовите во источна Македонија тегла мед се продава за најмалку 500-600 денари, а во некои градови за 700, па и за 800 денари, но најновата најава од најмалку 15 евра за килограм ги загрижува и производителите и граѓаните како потрошувачи. Голем пораст на цените бележат и останатите преработки од мед.
„Субвенции сè уште немаме добиено. Шеќерот поскапе, сандаците се енормно скапи, ветеринарите си тераат по свое, па со оглед на неповолната сезона оваа година во која немавме доволно пчели, сметаме дека една тегла мед треба да биде барем 1.000 денари“, вели пчеларот Нове Јошевски од Кавадарци.
Пчеларите од Штип се согласуваат дека од државата треба да добиваат помош. Велат дека се принудени да ја зголемуваат цената на медот, иако знаат дека економската моќ на граѓаните ќе влијае врз пласманот на производот на пазарот.
„Вакви високи цени диктираат пчеларите кои успеваат да го пласираат медот на големо. Свесни дека граѓаните ќе се откажат од консумацијата на мед, ние помалите производители настојуваме да не ја зголемуваме цената, па сè уште го продаваме медот по 450 денари“, вели Наталија Лонгурова, која одгледува пчели во околината на штипското село Судик.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/pchelarite-najavuvaat-poskapuvane-na-medot-na-najmalku-15-evra-za-kilogram/