Меџитлија и Стар Дојран затворени поради штрајк на грчките земјоделци
Граничните премини „Меџитлија“ и „Стар Дојран“ денеска повторно во одредени временски интервали ќе бидат затворени за сообраќај поради штрајк на грчките земјоделци.
Автомото сојузот на Македонија информира дека сообраќајот на граничниот премин „Меџитлија“ беше во целосен прекин од 11 до 14 часот а ќе биде и од 19 до 22 часот, додека граничниот премин „Стар Дојран“ беше затворен од 11 до 14 часот и ќе биде повторно од 19 до 21 часот.
Демонстрантите грчки земјоделци ја блокираа работата и на граничниот премин Маказа, откако повеќе од десет дена создаваат проблеми на поминувањата низ Кулата-Промахон и Елинден-Ексохи, пренесува дописникот на МИА од Благоевград.
15 км е редицата од ТИР-ови од бугарската страна, а чекањето на камиони е од Кулата до Дамяница. Товарните возила не се пропуштаат преку граничниот премин од вчера на пладне. Слична е ситуацијата и од грчката страна, каде бугарски возачи сигнализираа дека втор ден стојат на 10 километри пред границата, без храна и вода, и побараа интервенција на Министерството за надворешни работи за испраќање нота до грчката страна поради блокадите. Возачите се жалат дека нема кој да им помогне. Тие ги алармираа и медиумите, бидејќи не добиваат одговор на молбите кон официјалните власти. Во меѓувреме од прес-центарот на МВР соопштија: На граничниот премин Илинден нема да бидат пропуштани возила во интервалите 10.00 – 15.00 часот и 17.00 – 22.30 часот. Останува ограничувањето за премин и на камиони преку граничниот премин Кулата-Промахон во двете насоки. Од 16.30 часот вчера лесните автомобили и автобуси поминуваат низ КГПП-Кулата.