Почна жетвата на јачменот во Кочани

(Oвој напис е објавен на: June 21, 2019)

 

 

Променливите временски услови што го следеа целиот период на вегетацијата, но и на самиот старт на жетвата, не ги попречија земјоделците од кочанскиот регион да ги почнат жетвените активности на есенските жита.

Земјоделската механизација веќе влезе во нивите и се собираат првите количини јачмен од овогодишната реколта. На почетокот од жетвата, добиените количини по хектар се пониски од просекот на останатите житородни региони во Македонија, па дури и во споредба со минатата година.

– Според ожнеаните количини досега приносот на јачменот се движи над 4.500 килограми од хектар, релативно сме задоволни, ама ќе видиме како ќе биде до крајот на жетвата. Во текот на вегетацијата правевме прихрана на житото, но искуството покажува дека во изминатите години сме имале за десетина отсто поголеми приноси од сега, истакнува Зоран Андоновски, земјоделец од селото Уларци.

За една недела се очекува да започне и жетвта на пченицата, а според првичните согледувања и кај неа, како и кај јачменот, најверојатно ќе се добијат нешто послаби приноси во споредба со лани. Земјоделците велат дека причина за тоа е што во текот на мај, токму во периодот на завршната вегетација на житата немало доволно врнежи за да се наполни зрното.

Најмногу од површините во кочанскиот регион, околу три илјади хектари се под јачмен, а 2.800 хектари со пченица. Останатите, околу илјада хектари се засеани со пченка и 80 хектари со рж. Околу три четвртини од засеаното е во иднивидуалниот сектор, а остатокот е на земјиште во сопственост на земјоделските претпријатија.

извор: вечер.прес