Менде Стомнароски не крева телефон да каже дали ќе пушти повереници на вагите без покачување на цените на тутунот
Стомнароски минатата недела рече ако нема повисоки цени нема да дозволи откупот да почне
Менде Стомнароски претседател на Сојузот на земјоделски здруженија не одговара на телефонските повици на Зелена берза дали откупот на тутунот сепак ќе почне со поверениците на Сојузот и покрај тоа што нема најави од надлежните и откупувачите дека откупната цена на тутунот годинава ќе биде повисока.
Стомнароски минатата недела во изјава за медиуми кажа дека – „Нема да дозволиме да почне откупот на тутунот, ниту да поставиме повереници на вагите додека не се зголемат откупните цени на тутунот. Некои помали компании сакаа да почнат со откуп, но ние не отстапуваме од ставот за повисоки цени, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, пренесе МИА.
Од 15 ноември претпријатијата можеа да почнат со откуп на тутунот, а најдоцна до 15 декември треба да ги отворат пунктовите. Мострите тутун се запечатени, според законскиот рок.
Годинава производството на тутун е за една третина намалено. Ако лани беа околу 21 000 тони, годинава се 13 000 до 14 000 тони тутун, иако со компаниите се договорени количества од 26 000 тони тутун. Лани се постигна просечна откупна цена од преку 290 денари за килограм. Инаку, по класи, моментално цените се: за прва 300, за втора 240, а за трета класа 180 денари. Тутунарите сакаат реална цена да им ги покрие трошоците и да имаат исплатливост.
А.Б