Мерки за ефикасно и продуктивно користење на водата во земјоделството

Географската положба и климатските услови во Р. Македонија овозможуваат високо и квалитетно производство од земјоделските култури. Сепак, лимитирачки фактор за стабилно производство претставува водата. Појавата на суша со различен интензитет и траење е редовна појава. Исто така, со глобалното затоплување, ризикот од суша уште повеќе се зголемува, а значењето на водата за земјоделското производство, па и за сите други намени, станува уште поголемо.


За огромното значење на наводнувањето и за климатските услови во Македонија говорат резултатите за култури што можат да опстанат без наводнување (само со природни врнежи и агротехнички мерки). Така, есенските жита кои се нетипични култури за наводнување, само со интервентно залевање во април и мај, даваат двојно зголемен принос. Пченката, како типична култура за наводнување, без оваа мерка е нерентабилна и дава под 2 т/ха принос, а со наводнување приносот се зголемува за 400-500 отсто. Влијанието на наводнувањето врз зголемувањето на приносите од земјоделските култури не е спорно, меѓутоа спорен е начинот со кој се управува со водите во земјоделското производство, применетите техники за наводнување, определувањето на времето и точното количество вода за залевање, малата употреба на техники за конзервација и ефикасно користење на водата итн.

Во практиката на земјоделското производство постојат повеќе мерки за порационално и подомаќински да се користат водите, а со тоа и земјоделското производство да биде поквалитетно и економски исплатливо. Овде ќе посветиме внимание на оние мерки кои можат да имаат практична примена за наши услови, и тоа:

-Примена на неконвенционални методи за штедење на вода (користење на третирани отпадни води,

-Рециклирање на веќе користени води за наводнување или води од системите за одводнување, при што е неопходно да се направи анализа на квалитетот на водата);
-Промовирање на економски мерки за поефикасно користење на водата (субвенционирање на фармерите за штедење вода, наплата на водата според потрошениот волумен, плаќање пенали за оние кои неефикасно ја користат водата или ја загадуваат подземната или површинската вода).

Генерално, овие мерки можат да влијаат кај земјоделските производители за што поголема примена на техники за намалување на потрошувачката на вода и воведување на техники кои штедат вода.

Промовирање на засадување на ветрозаштитни појаси – покрај намалувањето на еолската ерозија, тоа има многу позитивно влијание и на намалувањето на евапотранспирацијата (според некои истражувања дури и до 20%), со намалување на ветрот, како еден од главните фактори за интензитетот на испарувањето;

Во областите кои се сушни, да се одгледуваат култури кои имаат помала потреба од вода, односно изберете ги културите кои еколошки одговараат на сушните подрачја, како што се: сирак, компири, стрни жита, наместо пченка, градинарски култури, овоштарници и др.

Примена на мулчирање, мрежа за засенчување и други техники за намалување на директните загуби на вода од почвата (евапорација) и зголемување на продуктивното користење на водата од страна на растенијата (транспирација);

Да се промовира наводнување според потребите на културата и според утврдени анализи (земање почвени проби или инструменти за следење на влагата во почвата и определување на време и количество на вода за залевање), користење на препораки од експерти кои работат на оваа проблематика, а не според некои однапред утврдени термини, распореди и др.;

Да се избегнува наводнувањето во најтоплиот дел на денот (околу пладне) кога испарувањето е најголемо, а можно е предизвикување на стрес кај културите и провоцирање услови за појава на растителни болести. Се препорачува наводнување рано наутро;

Употреба на микронаводнување (капка по капка, микроспринклери и сл.) наместо примена на наводнувањето со вештачки дожд, онаму каде што на располагање има потребен притисок или наместо техника на наводнување со бразди. Микронаводнувањето ја врши дистрибуцијата на водата многу попрецизно до коренот на културата и не се наводнува меѓуредието во кое нема ефективна коренова маса. Овие техники на наводнување се силно проширени во развиените земјоделски земји (Израел, Австралија, Нов Зеланд, дел од САД), а во последниве десетина години многу интензивно се применуваат и кај нас, но за жал, со помала ефикасност врз приносот, пред се, поради нивната неправилна примена и слабата примена на фертиригацијата. Овие техники, најголем ефект имаат кај културите кои се големи потрошувачи на вода, како градинарските и овоштарските видови.

Предностите на примената на овие техники се веќе повеќекратно докажани во многу наши истражувања;
Онаму каде што се употребуваат напредните системи за наводнување со дождење со примена на линеарни агрегати, центарпивоти, водоматици, но и тифони, бумови и слично, потребно е да се намали притисокот на распрскувачите и да се намали висината од која паѓа капката. Со тоа, наместо ситна капка која има долг пад до почвата, ќе се добие покрупна капка која бргу се претвора во почвена влага;

Техниките за наводнување со гравитација (бразди, прелевање, плавење) се многу ниско ефикасни и загубите на вода со истекување од крајот на парцелата и процедување вон зоната на активната ризосфера може да бидат и преку 70% од аплицираната вода. Поради тоа, доколку нема притисок за примена на ЛЕПА или микронаводнување, неопходно е да се применат техники кои го зголемуваат степенот на искористување на водата кај гравитационото наводнување, како што се примена на техника со две времиња и два протока, наводнување во бранови и други, кои се испитани и проверени кај нас;

Промовирање на примена на рестриктивно наводнување (во фаза кога недостигот на вода нема да има големо влијание врз приносот на културата) или техника на делумно влажнење на коренот, со коишто и научно е докажано дека нема намалување на приносот од културата, а заштедите на вода се големи;
Онаму каде што е можно да се промовира одгледувањето на култури без наводнување. Ова можеби го намалува производството на единица површина, но со заштедите во цената на наводнувањето, а уште позначајно со заштедите на вода во подрачјето, оваа загуба може да се компензира;
Во многу сушните области да се промовира екстензивното сточарство, наместо одгледувањето на земјоделски култури кои не се профитабилни;
Во исклучителни случаи, каде што економски е неисплатливо да се наводнува, а без наводнување нема можност за одгледување на културите, да се прекине со земјоделско производство и тие површини да се искористат за друга намена;

Секако, тука треба да се споменат и институционалните мерки кои се под надлежност на ресорните министерства (Закон за води, стратегија и други студии за управување со водите итн.), а кои можат да влијаат на зголемување на свеста за рационално користење на водата во земјоделското производство, а особено треба да се истакне влијанието на образовните институции, преку кои треба да се врши промовирање на мерки за зголемување на информираноста кај населението за важноста, методите и значењето на конзервацијата и штедењето на водата во земјоделското производство во идниот период. За оваа цел треба да се припремат јавни кампањи, курсеви, работилници итн., на кои ќе се пренесат сите искуства и нови техники и технологии за рационално и правилно користење на водите во земјоделското производство.

На крајот, треба да се истакне дека за голем дел од препорачаните мерки постојат резултати и искуства од нивната примена во наши истражувања во практиката, како и трансфер на овие искуства помеѓу земјоделските производители во земјава. Нови проектни активности поврзани со примена на мерки за штедење и ефикасно користење на вода во земјоделското производство во нашата земја се спроведуваат во рамките на проектот на УСАИД, адаптација на земјоделството кон климатските промени, со што се планира уште поголемо интензивирање на примената на таквите мерки.

Share Button