Вести
Мерки за заштита на добиточната храна од микотоксини
Најпрво, храната за животни треба да се заштити на нива, со примена на добра земјоделска пракса, и тоа, преку соодветна култивација на почвата (обработка), правилна примена на заштитни средства, каде е можно, како и наводнување, поради штетните последици од сушата.
Растителната биотехнологија, односно генетиката оди во правец на генетско подобрување на сортите на растенијата, односно кон селекција на сорти кои се резистентни на токсин-продуктивните мувли или ја инхибираат продукцијата на токсините, бидејќи е познато дека зрната со многу цврста лушпа ја смалуваат можноста за пенетрација на микотоксините.
Мерките за заштита кои се применуваат во магацините, односно силосите треба да се базираат на физичките (сушење, со цел добивање и одржување на соодветна температура и влажност, програма за елиминација на штетни инсекти) и хемиските (користење на конзерванси) методи. Хемиските методи можат да бидат многу скапи. Но, тие се неопходни кога се очекува контаминацијата со мувли во силосите – магацините директно да влијае на количината на хигенски исправната жетва на годишно ниво.
Како основна заштита од овој и од другите микотоксини е додавање во храната за животни врзувачи-адсорбенти. Нивното вклучување може да биде од превентивен и корективен карактер. При превентивното вклучување се ставаат помали количини, а при корективното поголеми количини.
Има неоргански и органски врзувачи на микотоксини. Неорганските се најчесто активниот јаглен, глината, бентонитот и зеолитот.
Органските врзувачи се всушност мананолигосахариди, а поновата генерација е естерифициран гликоманан. Органските врзувачи се добиени од внатрешниот ѕид на квасецот Saccharomyces cerevisiae. Во најголем број на случаи, адсорбентите врзуваат и преку 95% од присутните микотоскини.